Пропишаност #Абдестот е #клуч на намазот(#молитвата). #Намазот не се прифаќа, сé додека #верникот не се абдести. #Возвишениот #Аллах, субханеху ве теала, вели:
,,О верници, кога сакате намазот да го извршите, измијте ги вашите лица и вашите раце до над лактовите, а главите ваши потрете ги со влажна рака и нозете ваши до зглобовите…“ (Ел-Маиде: 6)
Аллаховиот Пратеник, саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „Аллах не го прифаќа вашиот намаз ако сте го расипале абдестот, сé додека не се абдестите повторно.“ „Сакате ли да ви кажам со што Аллах ги брише гревовите и ги воздигнува степените?“ Рекле: „Сакаме, Аллахов Пратенику!“ – па рекол: „Со земањето на абдестот, точно онака како што е пропишан, со мноштвото чекори поминати на патот до џамијата и со исчекувањето на намазите, еден по друг. Тоа ви е како стражарење (на границите на исламската држава).“ Кои се фарзовите(строга должност) на абдестот? Рукнови на абдестот т.е. негови составни делови без кои абдестот не би бил полноважен, се: 1. Нијет(намера), да се одлучи дека ќе се земе абдест (срцето е место за намерите и нијетот; никаде во хадиските збирки не се бележи дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, со зборови го изговарал нијетот освен за хаџ и умра); 2. Миење на лицето се прави така што се почнува од местото каде што никнала косата, па до брадата надолу и од уво до уво во ширина, и тоа оној што нема брада, а ако ја има, го мие делот од лицето на кое нема брада (додека низ брадата ќе помине со мокри прсти, со тоа што нема да ја мие како кога се капе додека зема абдест); 3. Миење на рацете до над лактовите; 4. Поттирање на главата. Подобро е да се потре целата глава. Се пренесува од Абдуллах ибн Зејд дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, ја потирал главата со рака од почетокот па до крајот и од крајот до почетокот. Почнувал од предниот дел на главата па до тилот, а потоа ги враќал рацете на местото од каде почнал со потирањето на главата; 5. Миење на нозете до над зглобовите; 6. При миењето да се води сметка за придржувањето на претходно споменатиот редослед кој е заповедан од Возвишениот Аллах, субханеху ве теала; 7. Во текот на земањето на абдестот да не се вршат подолги паузи при миењето на претходно споменатите делови од телото, бидејќи абдестот е ибадет(чин на обожување), а забрането е ибадетот да се прекинува додека не се заврши.
__________________
Суннети(препорачана пракса) на абдестот Тоа се работи од кои не зависи исправноста на абдестот, но сепак треба да ги практикуваме затоа што Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, ги практикувал, а ветена е и награда за нивното извршување: 1. Кажување „Бисмиллах“(Во име на Аллах) на почетокот; 2. Миење на забите со мисвак. Мисвак е дрвце со кое се чистат забите. Најдобар е оној што е направен од Ерек и е донесен од Хиџаз затоа што тој го зацврстува непцето и ги одстранува забните болести, бидејќи во себе има посебна корисна состојка. Ако нема мисвак забите треба да се измијат со четка за заби или пак, да се потријат со прст. Употреба на мисвакот се препорачува и пред почетокот на клањање на намазот, пред да почне да се учи Куран, ако се разбудиме од сон и при промена на здивот во устата; 3. Миење на дланките на почетокот на земање на абдестот; 4. Испирање на устата три пати; 5. Испирање на носот три пати; 6. Поминување со прстите низ брадата; 7. Триење помеѓу прстите при миењето на рацете и нозете; 8. Миење на секој дел од телото по три пати, освен потирањето на главата (кое се прави само еднаш); 9. Почнување од десна страна при мињето на рацете и нозете; 10. Триење со раката при миењето; 11. Да не се прекинува земањето на абдест со некоја друга работа; 12. Потирање на ушите откако ќе се потре главата и тоа внатрешноста на ушите со кажипрстот, а надворешноста со палците. Потирањето на ушите се прави еднаш без земање на нова вода, зато што Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, ги потирал ушите и главата по еднаш. Во врска со потирање на вратот, не постои ни еден веродостоен хадис дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, го правел тоа, па затоа улемата смета дека ова не е суннет. Но некои месхеби велат дека тоа е една од убавите работи при земањето на абдестот. Ако бараме хадиси за миење на вратот ќе најдеме два слаби хадиси. Првиот го пренесува имам Ахмед во кој се вели дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, ја потирал главата толку да го достигнувал просторот помеѓу ушите на задниот дел од главата и делот од вратот под нив. Но сепак, иако го прифатиме овој хадис, не гледаме дека вратот треба да се потрие посебно, туку тоа е само дел од доплнувањето на миње на главата. Во другиот хадис се вели: „Потирање на вратот осигурува од окови“. Меѓутоа, Невеви за овој хадис вели дека е лажен (мевду’), а некоја улема вели дека е даиф(слаб); 13. Треба да се води грижа за умереноста во трошење на водата, така што не треба да се претерува при употреба на водата; 14. Потирање на целата глава; 15. Учење на дова после абдестот: „Ешхеду ен ла илахе иллаллаху вахдеху ла шерике леху, ве ешхеду енне Мухаммеден Абдуху ве ресулуху. Аллахумме џални минет тевабине ве џални минел мутетаххирине!“
__________________
Мекрух(непосакувани работи) при земањето на абдест Под мекрух при земање абдест се подрразбира: 1. Претерано трошење вода или премногу штедење; 2. Прскање на водата по лицето или другите делови на телото; 3. Да се служиме со нечија помош иако немаме потреба за тоа; 4. Земање на абдестот на валкано место; 5. За оној што пости, мекрух е да претерува со миење на устата и носот, затоа што може да дојде до голтање на водата; 6. Изоставање на еден или повеќе суннети, бидејќи со изоставањето на суннетите се пропушта и наградата која не би смеела да се пропушти; 7. Да се мијат деловите на телото повеќе од три пати, бидејќи во хадисот стои дека Аллаховиот Пратеник, саллаллаху алејхи ве селлем, зел абдест миејќи ги при тоа деловите на телото по три пати, а потоа рекол: „Кој Ќе се измие повеќе (т.е. од три пати) неправилно постапил и згрешил.“
Работи што го расипуваат абдестот Работи што го расипуваат абдестот се: 1. Сé што ќе излезле на природните отвори (предниот и задниот): урина, измет, ветер, сперма, ведијј и мезиј(слуз од сполните органи). Ако се посомнева во тоа дека пуштил ветер, тоа нема да влијае на исправноста на абдестот, освен ако се чуе звук или осети непријатен мирис т.е. да биде сигурен во тоа; 2. Длабок сон во кој човекот е во лежечка состојба или е потпрен на нешто, со тоа што ако тоа се тргне, тој би паднал. Значи тука се мисли на тоа човекот целосно да заспие и притоа да постои можност тој да испушти ветер; 3. Губење на свеста, без разлика дали се работело за лудило, паѓање во несвест, пијанство или губење на свеста поради употреба на некои лекови; 4. Отпадништво од верата, да кажеме кога би се изговориле зборовите на куфрот (неверството), го расипува абдестот како и другите побожни дела – ибадети: бидејќи Возвишениот Аллах, субханеху ве теала, вели: ,,Ако други на Аллах Му придружуваш, твоите дела сигурно ќе пропаднат.“ (Ез-Зумер: 65) 5. Јадење месо од камила(според повеќето); 6. Некои алими, меѓу кои и имамот Ебу Ханифа, рахимехуллах, велат дека абдестот се расипува ако потече крв, гној или ако се поврати со полна уста (хадисот кој го користат за ова е даиф и го пренесуваат Ибн Маџе и Ед-Даректуни: „Кој ќе поврати, ќе му излезе крв од носот, ждригање – (со тоа ако нешто излезе од внатре) или мезиј, нека оди да се абдести и потоа нека го надополни она што го клањал, ако ништо не прозборел“. Бидејќи абдестот е услов за намаз, а намазот е столб на верата, тогаш подобро е поради сигурност да се смени абдестот ако ни се случи да повратиме, или ни протече крв или гној). Во врска со допирање на половиот орган, по ханефискиот месхеб тоа не го расипува абдестот, но подобро е да се избегнува, затоа што некои алими, како што е имамот Шафи, го застапуваат мислењето дека со тоа се расипува абдестот. Во врска со допирот на женско тело тоа не го расипува абдестот, освен ако не го допрел со страст, затоа што постои хадис во кој се вели дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, бакнал една од своите жени, а после тоа клањал намаз, не повторувајќи го абдестот. Во друг хадис се вели дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, пред да почне да клања витр намаз(ноќна молитва) би ја допрел Аиша, радијаллаху анха, која би лежела пред него. Оној што зема абдест, па подоцна се посомнева во тоа дали го изгубил или не, се смета дека го има, затоа што фикхското правило гласи: „Сомнежот не влијае на уверувањето“. Меѓутоа, ако тој се соменева дали воопшто зел абдест, се смета дека тој не е под абдест.
Кога е потребно да се земе абдест и работи кои се забранети да се прават без абдест? 1. Клањање на намазот, без оглед дали е во прашање фарз намаз или нафиле; 2. Таваф околу Ќаба(кружење ); 3. Некои алими сметаат дека не е дозволено допирање на мусхафот без абдест; Препорачливо е да се земе абдест пред спиење, кога човекот е џунуб па сака да јаде, пие, или повторно да има однос, пред бањање, поради учење на езан и Куран.
На крајот да спомнеме уште една битна работа, а тоа е дека на деловите од телото кои мора да се измијат во текот на абдестот, не смее да се најде ништо што може да ја спречи водата да допре до кожата, како што е лак на ноктите. Во овој случај абдестот нема да биде исправен.
Од книгата „Намаз во исламот“
Comments