Возвишениот Аллах го одбрал месецот рамазан во однос на останатите месеци во годината. Исто така, и сите делови и денови на рамазан не се подеднакво одбрани и важни. Во текот на рамазанскиот ден посебно се истакнуваат три периоди кои верникот треба да настојува да ги искористи во зикр и дова.
Првиот час е часот после сабах-намаз. Имам Тирмизи бележи предание од Енес, р.а., кој пренесува дека Аллаховиот Пратеник, с.а.в.с., рекол: „Кој ќе клања сабах – намаз во џемат, а потоа остане на своето место зикрејќи додека не излезе сонцето а после тоа клања два рекати, ќе има награда како да направил хаџџ и умра, потполно, потполно,потполно.“ Во друг хадис стои напишано: „Аллаху мој, подари му на мојот уммет бериќет во ранината.“ Затоа спиењето после сабах е покудено, бидејќи тоа е време на расподелување на нафака и треба да се искористи во зикр, дова и величање на Возвишениот Аллах.
Вториот час е времето пред акшам, односно ифтар. Тоа време верникот во главно го поминува во подготовки за ифтар, но не треба да го занемари зикрот и довите, бидејќи тоа е период кога Возвишениот Аллах прима дови. Тоа е време за примање на дови, како што стои забележано во хадисот: „Три дови се примени: довата на постач, довата на мазлум кому му е направена неправда и довата на патник намерник.“
Третиот час е времето пред зора, бидејќи тоа е време во кое ибадетот посебно се вреднува. Возвишениот Аллах во Куранот ги фали оние кои чинат истигфар во овој период: „И во мугрите прошка за гревовите молеа…“ Во друг ајет, Возвишениот Аллах вели: „И величај Го Господарот свој и заблагодарувај Му се пред сонцето да излезе и пред да зајде…“ Затоа, да го искористиме станувањето на сехур и да правиме што повеќе истигфар и дова во тоа време се до сабахскиот езан, бидејќи тоа е период во кој истигфарот и довата имаат посебна вредност.
Аллаховиот Пратеник, с.а.в.с., рекол: „Кој даде четири нешта дадени му се четири нешта: кому е даден зикр, него Аллах го спомнува: ,Споменете ме и јас ќе ве споменам.’ Кому е дадена дова, дадено му е и нејзиното услишение, бидејќи Аллаховиот Пратеник, с.а.в.с., вели: ,Повикајте Ме и јас ќе ви се јавам.’ И кому е даден истигфар, дадена му е и прошка, бидејќи Возвишениот Аллах вели: ,Молете Го вашиот Господар за прошка, бидејќи Тој навистина многу простува. ( Ет Таберани).
Абдуллах ибн Омер р.а., пренесува дека Мухаммед, с.а.в.с., пратил војска во воен поход, а во таа војска бил човек по име Худајр. Годината била сиромашна и сушна, така што Пратеникот, с.а.в.с. тешко ја подмирил војската со храна и останати потребштини. На сите им го дал нивниот дел освен на Худајр, него едноставно го заборавил. Меѓутоа, тој бил трпелив и не се жалел поради тоа што не добил храна и вода. Одел на почетокот на колоната и непрестајно го споменувал и величал Аллах велејќи: „Ла илахе иллаллах, Аллаху екбер, субханАллах, елхамдулиллах, ла хавле ве ла кувете илла биллах!“ А после би рекол: „Мој Господару, ова е прекрасна опскрба!“
Поради Худајр и неговиот случај Аллах го пратил мелекот Џибрил да го предупреди Пратеникот, с.а.в.с., на пропустот кој го направил. После тоа Мухаммед, с.а.в.с., пратил еден асхаб да му однесе храна на Худајр, да му пренесе селам од Аллаховиот Пратеник, с.а.в.с., и да му каже дека Аллах го пратил мелекот Џибрил поради неговиот случај. Кога тој асхаб ја стигнал војската наишол на Худајр како постојано го повторува својот зикр и го велича Аллах. Потоа му пренел селам од Пратеникот, с.а.в.с. и му го раскажал целиот случај. Кога тоа го слушнал Худајр рекол: „Фала му на Аллах Кој ме спомена над седумте небеса и над Аршот, Кој се смилува на мојата глад и мојата слабост. Господару мој, како што Ти не го заборави Својот роб Худајр, направи Худајр Тебе никогаш да не те заборави.“ Кога асхабот се вратил и го известил Мухаммед, с.а.в.с., за она што го видел и слушнал од Худајр, Пратеникот, с.а.в.с. рекол: Да си погледнел тогаш кон небото, додека Худајр зборувал би видел светлост која го прекрива просторот помеѓу небесата и Земјата.“
Кога се чувствувате лошо – зикрите. Кога не знаете како да се носите со ситуацијата во која се наоѓате – зикрите. Кога сте нетрпеливи – зикрите. Кога се чувствувате дека сте сами – зикрите. Кога чувствувате дека срцето ви е празно и шупливо – зикрите. Искрено, тоа е решение како што тоа Аллах, с.в.т., го рекол во Куранот: „Тие што веруваат и чиишто срца, кога Аллах ќе се спомне, се смируваат – а срцата навистина, кога Аллах ќе се спомне, се смируваат. “ Бидете доследни во зикрот после намаз и запамтете дека довите за своето семејство, родителите, пријателите ( тоа е најмалку што можеме да направиме за нив).
Кога одите, на секој чекор говорете Елхамдуллиллах, Аллаху екбер, субханаАллах…“ Нека јазикот секогаш ти биде влажен од спомнување на Аллах… Живејте го она што вашата уста го изговара… особено сега во текот на рамазанот!
На крај, да го молиме Аллах, Господарот на Аршот Благороден, да не направи од оние на кои Аллах ќе им го прими постот, намазот и ибадетите и да не направи од оние кои ќе бидат спасени од Огнот и да направи оваа година да не биде наша последна средба со рамазанот, а Тој може се!
Нашата последна дова е – благодарнсота му припаѓа на Аллах Господарот на Световите!
Kommentare