Пратеникот ﷺ кажал: „Најубав пијалок на овој и оној свет е водата.“ воедно додал:„Човек кој ќе ја напои својата сопруга со вода има награда за тоа дело.“ Кажал Ел – Ирбад: „Дојдов до својата сопруга и дадов вода и го пренесов тоа што го слушнав од Пратеникот ﷺ.[ Ахмед, бр.16529.]
Водата е неопходна за живот. Луѓето можат многу подолго да преживеат без храна отколку без вода. Единственото нешто кое ни е попотребно за живот од водата е воздухот. Водата претставува околу 60-70% од нашата телесна тежина. Затоа, секое делче од нашето тело има потреба од неа за правилно да функционира. Недоволното внесување на вода води до дехидратација, а во таков случај нормалното функционирање на телото е невозможно. Дури и слабата дехидратација веднаш носи негативни последици како намалување на енергијата, главоболки, замор. Водата ни е неопходна за живот, но и за одржување на здравјето и убавиот изглед Водата го забрзува метаболизмот, го зголемува нивото на енергија, ја навлажнува кожата и му помага на телото да се ослободи од штетните токсини. Еве дел од бенефициите кои пиењето вода ни ги носи за подобро здравје и попривлечен изглед. Водата ја зголемува енергија. Една од најчестите причини поради кои луѓето се чувствуваат изморени во текот на денот е дехидратацијата. Дури и најслабата дехидратација води до намалување на енергијата. Водата ѝ помага на крвта во транспортот на кислород и други материи до различните клетки во телото. Па, кога телото има доволно вода, нивото на енергија е поголемо. Водата го забрзува метаболизмот и помага во слабеењето. Токму затоа секоја диета препорачува пиење на барем 2 литри вода дневно. Консумирањето на 1-2 чаши вода пред оброк значително го намалува апетитот и води до внесување на помал број калории. Но, освен тоа, водата го забрзува метаболизмот, особено ако е ладна. Кога консумирате ладна вода, телото се обидува да се затопли, а за да го направи тоа, троши дополнителни калории. Водата помага подобро и подолго да вежбате. Водата ја регулира телесната температура за време на вежбањето. Ако пиете доволно вода, ќе имате повеќе енергија и сила да го завршите вежбањето. Покрај тоа, водата ќе ви помогне да ги спречите грчевите на мускулите. Затоа, пијте многу вода пред вежбање, за време на вежбањето и по завршувањето на физичката активност. Водата го подобрува варењето на храната. Растителните влакна и водата се силна комбинација која го подобрува варењето на храната. Наспроти тоа, дехидратацијата предизвикува телото да ја апсорбира целата вода, оставајќи го дебелото црево суво, па така го отежнува процесот на дефекација. Водата го намалува ризикот од камен во бубрегот. Експертите предупредуваат дека честите случаи на камен во бубрегот кај децата и возрасните се последица на недоволната консумација на вода. Водата ги раствора минералите и солите во урината кои придонесуваат за создавањето на камен. Пијте доволно вода за значително да ја намалите веројатноста за појава на камен во бубрезите. Водата го намалува стресот и ја зголемува концентрацијата. Ако се земе во предвид фактот дека околу 80% од тежината на нашиот мозок претставува вода, тогаш не е тешко да се претпостави дека дехидратацијата е пречка за негово нормално функционирање. Недостатокот на вода му предизвикува стрес и на телото и на умот, а освен тоа ја намалува способноста за концентрација. Водата може да ја излечи главоболката. Главоболката често се јавува како последица од дехидратација. Во таков случај, консумирањето на неколку чаши вода ќе ви помогне да се ослободите од непријатната болка. Водата се бори против брчките и акните. Сметајте ја водата за природно средство кое ја негува вашата кожа на различни начини. Кога телото е дехидрирано, нежните линии и брчките се повидливи. Водата ја подобрува циркулацијата, па вашата кожа ќе придобие здрав сјај. Водата е клучна за хигиена на телото и за здравјето на луѓето. Започнете уште сега да ја користите силата на водата која Аллах ни ја подарил. Пратеникот ﷺ рекол: „Клучот за рајот е молитвата, а клучот за молитвата е чистотата”. Ибн Омер р.а пренесува дека Пратеникот ﷺ рекол: „Не се прима намазот(молитвата) без ритуелното миење(абдест) пред молитвата” Ибн Аббас р.а пренесува дека Пратеникот ﷺ рекол: „Наредено ми е да се мијам пред обавување на намаз(молитва)” Семоќниот Аллах наредил: ,,О верници, кога сакате намазот да го извршите, измијте ги вашите лица и вашите раце до над лактовите, а главите ваши потрете ги со влажна рака и нозете ваши до зглобовите…“[ Куран, Ел-Маиде, 6; Исто така: „Аллах навистина ги сака оние кои често се каат и ги сака оние кои многу се чистат.“ (Ел-Бекаре, 222) ] Миењето со вода помага во борба со стресот, нервозата, во намалување на негативните последици од некој настан. Лошите спомени можат буквално да се измијат со вода. Научниците утврдиле дека миењето на главата, плакнењето на лицето, па дури и едноставното миење на рацете, помага да се ослободиме од негативните емоции. Доволно е само да ги ставиме рацете под млаз вода или да се истушираме и нашите лоши спомени ќе исчезнат. Утврдено дека во некои случаи и само помисла на миење или на капење може да му помогне на човекот да се ослободи од негативните емоции, лошите чуства, како и да го елиминира сомнежот во правилноста на својот избор. Физичкото отстранување на нечистотијата создава асоцијација за отстранување и на менталната нечистотија. Интересен е фактот дека во многу древни ритуали водата била употребувана како катализатор, па дури и современите психолози сметаат и препорачуваат миење на лицето неколку пати во текот на денот, особено по преживување на нешто непријатно. Ова ни го укажал и Пратеникот ﷺ кој ни дал совет дека кога сме лути дека е пожелно да се земе абдест. Во Сунените[ Ебу Давуд, Ахмед, Абду-резак и Ет Таберани. Веродостојни и познати збирки на преданија. (заб.).] се наведува дека Пратеникот ﷺ кажал: „Лутината(гневот) доаѓа од шејтанот. Шејтанот е создаден од оган, а оганот се гаси со вода. Па кога некој од вас ќе се разгневи нека земе абдест.
Comments