Британските муслимани во текот на овој викенд, ширум Велика Британија, организираат „Отворени врати на џамиите” за сите посетители, вклучувајќи ги и немуслиманите со цел јакнење на меѓурелигискиот дијалог и солидарност, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова интересно случување, кој привлече големо внимание не само во Велика Британија туку и пошироко, се одржува под називот „Ден за посета на џамијата”.
Муслиманите во таа пригода на сите посетители на џамиите, муслимани и немуслимани, со чај и кафе ќе им понудат разгледување на нивната внатрешност.
На оваа иницијатива се приклучија над 80 џамии во Велика Британија, со цел, како што порачаа организаторите, на сите заинтересирани да им се приближи исламот и да им се одговори на различните прашања.
Претставници на муслиманите во Велика Британија истакнаа дека главна цел на овој настан е барем до одреден степен да се отстрани негативната перцепција за исламот и да се информираат луѓето за таа религија, која, како што кажаа го промовира мирот, соработката, толеранцијата и дијалогот.
Овој настан се одржува во организација на Муслиманскиот совет на Британија (MCB). Сличен настан е одржан и минатата година кога голем број на немуслимани ги посетија џамиите ширум земјата, каде со топол чај и кафе муабетеа со припадниците на различни вери и светоглед.
„Локалните џамии упатија повик до претставниците на сите религии, од кои очекуваат заедно да покажат единство и солидарност во многу напнатиот период за верската заедница”, изјавија од Муслиманскиот совет на Велика Британија.
Инаку, во Велика Британија во 2015 година забележан е пораст на инцидентите кон муслиманите. Според податоците на британската полиција, бројот на кривични дела поттикнати од исламофобијата, минатата година пораснал за 70 отсто.
Според пописот на населението од 2011 година во Велика Британија живеат околу 2,7 милиони муслимани односно 4,5 отсто од вкупното население.
Comments