Раниот почеток на секоја светска религија предизвикува интерес и за истражувачите и за верниците. Тоа е причината зошто во денешно време може да забележиме многу истражувања за она што било во времето на Буда, Исус и Мухаммед.
Ова е особено интересно кога треба да се одговорат тешките прашања за религиската практика која се користи денес и доаѓа од оснивачот на религијата или датира од некои подоцнежни периоди на историјата.
Денес науката за Религиски Студии и Историја на религиите воопштено, обезбедува многу нови факти за научниците и пошироката публика. По истражувањата на Кумранските и Наг Хамади[1] ракописите, како и на други ракописи, многумина почнаа да ја преиспитуваат историјата на раното христијанство. Сега, наместо класичните textus receptus, за Новиот Завет имаме многу критички изданија, како што е Нестле-Аланд (Nestle-Aland), кој содржи многу алтернативни читања за секое поглавје на евангелијата. Особено што многумина се сомневаат во основите на верувањето. За разлика од ова, Куранскиот текст има сосема различна текстуална приказна; „текстологијата“ сама по себе не е предмет на куранските студии, бидејќи не постојат други копии на Куранот, освен онаа која ја читаат муслиманите во нивната секојдневна религиска пракса.
Не е за изненадување тоа што многу претходни книги со споредба помеѓу исламот и христијанството биле напишани од христијанска гледна точка, дури и во научните истражувања, исламот е гледан низ призмата на христијанската религија и христијанското верување. Затоа во 60-те години од минатиот век, познат истражувач од Харвард, Вилфред Кантвел Смит[2] ја напишал: Значењето и крајот на религијата за да ја испита валидноста на концептот на религијата; тој со право забележува дека исламот, на пример, се опишува себеси како „дин“ (вера) што во сржта има пошироко значење отколку латинското religare/religere. Динот обично го опфаќа политичкиот, општествениот и економскиот код за добробит на човештвото, додека „религијата“ е само вид на внатрешно верување. Во секој случај, многу од книгите на ориенталистите го наведуваа Западот кон неразбирањето за „раниот“ ислам и, за жал, сега овие грешки се множат.
Во денешно време, реконструирањето на вистинското учење на Иса[3] (Исус) се должи на апокрифите и достапноста на другите рани списи, каде може да се видат и другите приказни од христијанството, кои не се толку далеку од „канонските“. Особено е познато дека ваквите приказни не се нови; веќе во II-от век од н.е. (пред Никејскиот собир) многу религиски групи се претставуваа како вистински следбеници на Исус. Денес, кога ќе го споредиме куранскиот приказ на Исус со рано-христијанските извори, може да пронајдеме многу сличности (на пример куранската приказна за создавањето на птицата од глина). Ова покажува дека Исус (неговиот ран живот) е голема историска мистерија. Бидејќи имаме многу малку податоци за ова во Куранот, никој нема вистински доказ да шпекулира за тоа. И ова е зошто исламот не нè повикува да започнеме некои полемики, туку да ги земеме во предвид светите текстови кои им ги даваат најавтентичните приказни на верниците. Како што во Благородниот Куран се вели:
„Кажи: ‘О, следбеници на Книгата, дојдете да сесобереме околу зборот, и нам и вам заеднички,никого освен Аллах да не обожуваме, ништо да не Му здружуваме, и едни со други, покрај Аллах, за божества да не се сметаме!’ Па ако не се согласат, вие кажете: Бидете сведоци дека ние сме муслимани!’“ (Куран[4]; 3:64)
Многумина христијани го сметаат исламскиот „Иса“ за некој друг „Исус“. Згора на тоа, многупати може да се чуе како христијаните веруваат во „Бог“, додека муслиманите веруваат во „Аллах“. Истовремено Куранот вели дека Бог е еден:
„И не расправајте со следбениците[5] на Книгата, освен на најдобар начин, а не и со оние меѓу нив кои зулум направија. И кажете: ‘Веруваме и во она што ни се објавува и во она што ви се објавува. И вашиот и нашиот Бог е еден Бог, ние сме Му само Нему послушни.’“ (Куран; 29:46)
За муслиманите сите пратеници – оние кои се спомнати во Стариот Завет, Новиот Завет и во Куранот и оние за кои не ни е познато нивното име – сите тие повикувале во послушност кон само еден Бог. Затоа муслиманите во секој период на исламската историја биле заинтересирани за другите религии – не за да ги „побиваат“, туку да покажат дека коренот на сите религии е монотеизмот, додека политеизмот е нешто измислено. Ова е верата на Ибрахим (Авраам), како што вели и Куранот:
„Тие велат: ‘Бидете Евреи или христијани, и ќе бидете на Вистинскиот пат!’ Ти кажи: ‘Не, ние сме во верата на Ибрахим, кој исправно веруваше; тој никого за рамен на Аллах не Му припишуваше.’“ (Куран;2:135)
Исламот е единствена религија, која, директно од Куранот ја признава и ја дава позицијата на другите религии, повикувајќи ги нејзините следбеници да се вратат кон покорноста на Единиот Бог и да го прифатат доаѓањето на Мухаммед, последниот Пратеник, кој го потврдува тоа што беше пратено пред него.
Проблемот со религиските војни и други врсти на конфликти не се во религиите кои постојат, туку во политиките и другите „земски“ фактори кои влијаат врз животот на верниците. Во оваа книга човек може да ја најде вистината за вистинскиот Исус и хармонијата која постои меѓу неговото учење и последниот Божји Пратеник, Мухаммед, кој, како што е кажано во Стариот Завет „е сличен со Мојсеј“ (Повторени закони,18:18).
Го молам Семоќниот Бог да ги просветли умовите на верниците во ерата на темнината и да им ја даде вистинската визија за вистинската религија во Еден Бог.
Михајло М. Јакубович
Д-р по Религиски Студии,
Национален Универзитет – Острох Академија
Острох, Украина
[1] Библиотеката во Наг Хамади е збирка религиски (воглавно гностички) списи пронајдени во местото Наг Хамади, Горен Египет, 1945 година. Се смета дека збирката настанала во IV-от. век, а поедини текстови се многу постари. Напишаните списи се на коптски јазик.(заб. автор)
[2] Wilfred Cantwell Smith
[3] Aрапски: عيسى, Иса.
[4] Користен е најновиот Превод на значењето на Благородниот Куран, Артбук, 2013, измените од шеријатскиот рецензент ќе бидат дополнително наведени.
[5] Т.е. христијаните и Евреите;
Comments