Исус, според повеќето исламски преданија и христијански извори е роден во Витлеем во близина на Ерусалим. Вехб ибн Мунебих вели дека е роден во Шам и дека Мерјем со Јусуф ибн Јакуб (Јосиф син на Јаков) отпатувала на неоседлано магаре за Египет.
Вехб наведува дека кога се родил Исус киповите ширум земјата се срушиле, шејтаните (ѓаволите) се вознемириле и испаничиле, додека нивниот водач Сатана (Иблис) ги известил дека се родил Исус, по што тие се впуштиле да го бараат сè додека не го нашле кај мајка му опкружен со ангели како го држи во крило. Понатаму тој наведува дека на небото се појавила ѕвезда и поради тоа персискиот крал многу се загрижил, па ги повикал своите волшебници да му објаснат за што станува збор. Тие му објасниле дека се работи за раѓање на голем човек. Поради тоа кралот испратил свои амбасадори со злато и темјан како поклони за раѓањето на Исус. Кога дошле во Шам тамошниот владател ги запрашал зошто дошле а тие објасниле. Распрашувајќи се за тој случај владателот на Шам дознал дека се работи за Исус за кого веста брзо се проширила, бидејќи прозборел во колевка. И овој владател со своите волшебници испратил подароци, а со нив и еден доверлив човек кој требало да го убие Исус. Откако волшебниците дошле до Марија и ги предале подароците, тие ѝ објасниле дека нивниот владател испратил човек да го убие Исус, поради што Марија го зела Исус и избегала за Египет каде останале сè додека не наполнил 12 години. Уште во најрана возраст се случувале чуда со Исус, едно од нив е и настанот со кражбата на богаството кое било сокриено во куќата на еден племенски главешина каде бил сместен Исус со мајка му. Бидејќи во куќата сите биле сиромашни домаќинот не можел да претпостави кој го зел, но сепак сето тоа тешко и паднало на Марија како и на домаќинот на куќата. Кога тоа го забележал Исус отишол меѓу толпата, пришол на еден навидум слеп човек и на еден навидум неподвижен човек. Му кажал на слепиот: „Земи го овој неподвижен човек и прошетајте заедно.“Тој му одговорил дека не може, но Исус им возвратил: „Можете, како што можевте да го земете богатството од онаа дупка во ѕидот.“
Тие се зачудиле и признале што сториле и го вратиле богатството и тоа што го украле.
Така Исус уште како момче во очите на луѓето стекнал голем углед и почитување. Исак ибн Башир наведува од Ибн Аббас дека Иса како доенче проговорил и повторно прекинал да говори додека не израснал во момче кога Семоќниот Бог му дал да се изразува јасно и мудро. Пред сè, тој одговарал на клеветите на Евреите кои ја озборувале неговата мајка, а него го нарекувале со погрден израз „копиле“. Кога наполнил 7 години мајка му го дала во верско училиште (ар. мектеб), каде се покажало дека знае сè што го прашувал неговиот учител. Така, во една прилика учителот го запрашал за кратенката: ,Ебу Џад‘, па Исус го запрашал: ,Што значи Ебу Џад?‘ па тој одговорил дека не знае. Исус го запрашал како ќе ме научиш на нешто што ни сам не го знаеш? – ,Тогаш ти мене научи ме!‘ рекол учителот. Исус му одговорил: „,Елиф (арам. Ālaph)‘246 означува Аллахова благодет, словото, ба (арам. Bēth)‘ Аллахова светлина, додека, џим (Gāmal)‘ означува Аллахова убавина.“- Учителот се изненадил бидејќи Исус прв му ја протолкувал кратенка Ебу Џад. Така со време се случувале работи кои биле многу чудни за тогашните луѓе и тоа ги навело постојано да го следат. Неговата мајка поради тоа се загрижила, па Аллах и објавил заедно со Исус да заминат во Египет. Исхак ибн Башир вели: Кога Исус наполнил 13 години Аллах му наредил да се врати од Египет во Ерусалим. Тогаш по нив дошол чичкото на Марија – Јосиф, кој на магаре ги префрлил до Ерусалим, каде Исус останал сè додека Аллах не му го објавил Евангелието и го поучил за Тората, а потоа му дал да оживува мртви и да лечи болни и да им кажува на луѓето што има во куќите нивни. Луѓето почнале да зборуваат за неговото доаѓање и притоа се чуделе какви сè работи можел да прави. Кога завршиле со молитвата, виделе дека детето некаде се изгубило, па помислиле дека со негови роднини се вратило во Галилеја. Меѓутоа, кога се вратиле во Галилеја таму не го нашле, па повторно се вратиле во Ерусалим да го бараат. После три дена трагање го пронашле во храмот како со ученици расправа за верозаконот. Светот му се чудел како малолетно и неписмено дете поставува такви прашања. Koга го нашла мајка му, го искарала што без нејзина и Јосипова дозвола останал во Ерусалим. После тоа се враќаат во Назарет каде ќе им биде покорен и послушен.
Ова се некои од кажувањата за Иса а.с., Пратеникот Божји.
Comments