top of page
Writer's pictureinfoislam

Договор од праисконот помеѓу човекот и Бог

Бог му соопштил на човекот договор преку кој човекот го прифатил аманетот – одговорноста за верата како едно интелигентно суштество со сите свои погодности и опасности. Пред да дојдат на овој свет душите биле кај Бог, однив побарал да посведочат дека само Него ќе Го обожуваат и само Него ќе го признаваат како Господар. Тој договор е спомнат во Куранот и гласи:

„И кога Господарот твој од ‘рбетите на Адемовите синови го изведе потомството нивно и побара од нив да посведочат против себе: ‘Зарем Јас не сум Господарот ваш?’“ (Куран; 7:172)

Значи, Бог бара од луѓето во праисконот, дури и пред телесното создавање, пред создавање на времето и просторот и пред создавањето на Земјата и небесните тела, при што добива одговор: „Да, ние сведочиме”– за на Судниот Ден да не кажат луѓето: „Ние за ова ништо не знаевме”. Со тоа човекот ја презема одговорноста и предизвикот на овој повик да го носи називот: „роб[1] на својот Господар“. Во ова „Да“ лежи тајната и посебното значење на човечката егзистенција, тајната на животот на ова Божје суштество, кој е Божји намесник и Застапник (халифа) на Земјата. Куранот ја содржи пораката на тој аманет. Куранот е говор објавен преку Светиот Дух – Ангелот Гавриил[2] на Мухаммед, алејхи селам.[3] Од создавањето до денес, едно од суштинските прашања на човечката егзистенција биле и сè:

-Кој сум?

-Што сум?

-Од каде доаѓам и каде ќе завршам?

Одговорите на овие прашања ни стануваат појасни со темелно читање и истражување на Куранот. Куранот[4] нè поучува и за најголемиот непријател на човечкиот вид од создавањето на првиот човек Адам (Адем), па сè до Судниот Ден, a тоа е Сатаната.[5] И затоа во Куранот стои дека Сатаната му рекол на Бог:

„Се колнам во достоинството Твое – сите ќе ги заведувам на кривпат, освен оние Твои робови кои се искрени! (Куран; Сад, 82-83)

Кога одбил да се поклони на Адам, откако Бог Му наредил, Сатаната е избркан од Рајот и истиот се заколнал дека ќе остане вечен непријател на Адам и неговото потомство.

Во втората сура[6] од Куранот стои:

„И кога Господарот твој им рече на ангелите: ‘Јас намесник на Земјата ќе поставам!’ Тие запрашаа: ‘Зарем на Земјата ќе го поставиш оној кој на неа неред ќе шири и крв ќе пролева?! А ние Те славиме, заблагодарувајќи Ти, и, како што Тебе Ти доликува, Те величаме!’ Тој одговори: ‘Јас го знам она што вие не го знаете!’ И Тој го поучи Адема со имињата на сите нешта, и ги изнесе пред ангелите, па Им рече: ‘Кажете Ми ги имињата нивни ако ја кажувате вистината!’“ (Ел Бекаре; 30-31)

Единиот Бог, Го поучил Адам со имињата на сите нешта.

И продолжува понатаму:

„‘Славен нека си!’- извикнаа ангелите! Ние го знаеме само она што Ти не поучи!; ‘Само ти си Сезнаен и Мудар!’ ‘О Адеме’, рече Тој, ‘кажи им ги имињата нивни’ и кога тој им ги кажа нивните имиња, Аллах рече: ‘зар не ви кажав дека само Јас ги знам тајните на небото и на Земјата и дека само Јас го знам тоа што вие го покажувате и тоа што го криете?’“ (Куран; Ел Бекаре; 32-33)

Овде Бог ги повикува ангелите на советување, па се поставува прашањето, има ли Бог потреба од советник?Возвишениот Господар сигурно нема потреба од советници, но со овој чин Бог сакал да ги подготви ангелите дека од тој момент нема сите да Го слават и да Му заблагодаруваат на Бог како што дотогаш сите Го обожувале и Го Величале, дека од тој момент ќе има некој од создадените суштества кој нема да Го обожува постојано. Со тоа Бог ги подготвил ангелите за суштеството чија работа нема да биде само славењето на Бог и Неговото обожување.

Тоа ново суштество ќе има нешто што ангелите го немаат, а тоа е слободна волја и посебно знаење со кое е обдарен човекот, а тоа е знаењето на имињата на нештата. Ангелите тоа не го знаеле, а тоа што на ним им било наредено да му се поклонат на човекот, било затоа што човекот знаел за создаденото и за спознавањето на Божествената Креација. Како што може да се види во Куранот, Сатаната ја разбирал природата на човекот и одбил да му се поклони, велејќи дека е подобар од човекот кој е создаден од глина,[7] а тој е од оган.[8] Сатаната го сторил тоа поради горделивост, вообразеност, која ја поседувал поради своето потекло и позиција, односно омразата која ја имал кон човекот. Сето ова Иблис (Сатаната) го оддалечило од Божјата милост и го вовело во Пеколот. Човечкото тело, освен од материја се состои и од дух кој е вдахнат од Бог, со што на ова суштество му дава посебно значаење во однос на останатите суштества.

 

[1]ар.абд, Божји роб, слуга

[2]Ар. Џибрил, мир над него.

[3]Од почест кон Божјиот Пратеник и кон сите пратници се користи изразот „мир над него“, кој значи „нека е Божјиот мир над него“. Понатаму во текстот ќе се користи скратениот превод на изразот „ мир над него“.

[4]Божјиот Пратеник Мухаммед, мир над него, кажал: „Ви оставам две работи: Куран и Суннет (праксата на Божјиот Пратеник). Кој се држи до овие две, нема да заталка. (Бухари)

[5]Христијанството го гледа Сатаната како ангел избркан од рајот од страна на Господ. Според исламот Сатаната никогаш не бил ангел, иако имал висока положба. Тој бил џинн, неговата бит е огнот и непокорноста, за разлика од светлината т.е покорноста која е карактеристична за ангелите.

[6]т.е. поглавје од Куранот.

[7] аналогија-материја

[8] аналогија-енергија

0 views0 comments

Comments


bottom of page