Можниот републикански кандидат за претседател Доналд Трамп денес, неколку недели пред почетокот на партиските избори, го објави својот прв телевизиски спот во кој повикува на привремена забрана на влегувањето на муслимани во САД и изградба на ѕид на јужната американска граница со Мексико за да се спречи нелегалната емиграција.
Спотот од 30 секунди е проследен со фотографии од напаѓачите од Сан Бернардино, милитанти на Исламска дрѓава, американски воен брод од кој се лансираат крстосувачки проектили, емигранти на американско-мексиканската граница и фотографии од демократите Хилари Клинтон и Барак Обама.
„Многу сум горд на овој спот, не знам дали ми е потребен, но не сакам да ризикувам, бидејќи ако победам повторно ќе ја направиме Америка голема“, изјави Трамп.
Во ТВ спотот нараторот ги најавува потезите на Трамп, како привремената забрана за влез на муслимани во САД додека „не сфатиме што се случува“, како и борбата против ИСИС.
„Тој веднаш ќе ѝ ја скине главата на Исламска држава и ќе ја земе нејзината нафта. Ќе ја сопре нелегалната емиграција со изградба на ѕид на нашата јужна граница кој ќе го плати Мексико“, вели нараторот за Трамп.
Во борбата за републикански кандидат за американски претседател Трамп вети дека секоја недела, со загревањето на предизборната битка, ќе троши по најмалку два милиони долари.
Commentaires