top of page
Writer's pictureinfoislam

Запознај го последниот Божји Пратеник

Уште во старите историски времиња, Арапите доаѓале во бранови од сите места и во групи оделе да ја посетат Ќаба, Божјата куќа.

Различноста на Мека, во однос на другите градови, се крие и во нејзната географска положба. Трговските патишта помеѓу Јемен, Византија, Шам и Персија, минуваат низ Мека. Извозот на стоката од земјите минувал низ Мека. Градот претставувал место за среќавање за сите арапски племиња, кои оделе на аџилак, отповикувајќи се на повикот на Авраам (Ибрахим), нека е Божјиот мир над него, кој се молел таму.

Потеклото на градот Мека е поврзано со посетата на Авраам (Ибрахим), нека е Божјиот мир над него, со својата сопруга Агара (Хаџера) и малиот син Исмаил, нека е Божјиот мир над него. Авраам (Ибрахим) со помош на синот, го обновил исламското светилиште – Ќаба, и Бог го благословил тоа место со водата од изворот Земзем . Таму, Авраам (Ибрахим), нека е Божјиот мир над него, Му се молел на Бога за Арапите:

Господару наш, испрати им Пратеник, некој од нив, кој ајетите Твои ќе им ги кажува и со Книгата и со мудрост ќе ги учи, и од гревовите ќе ги очисти, бидејќи Ти си, навистина, силен и мудар!“ (2: 129)

Бог ја примил молбата на Авраам (Ибрахим), нека е Божјиот мир над него, и го направил народот на Мухамед најправеден народ, а Мухамед го испратил како последен Пратеник.

Во Мека, Исмаил и неговите поколенија живееја сè до Абдул Менаф, кој ги проширил дипломатските врски во другите земји како Персија и Византија. Во Мека живеел неговиот син Хашим кој бил многу познат по својата гостопримливост и по неговата беспрекорна трговија во најдалечните предели од регионот. Имајќи ја константноста на традицијата на своите предци и после многу обиди, неговиот син Абдул Mуталиб успеал повторно да го отвори изворот Земзем. Овој настан внел многу радост помеѓу жителите на Мека, кои страдале од жед многу долго време.

Неколку години по отворањето на изворот Земзем, Бог му подарил на Абдул Mуталиб десет синови, меѓу кои и Абдулах, кој од бракот со Амина го добил синот Мухамед. Сите поранешни Книги говорат за ова раѓање. Тората (Тевратот) на Мојсеј (Муса), нека е Божјиот мир над него, говори за ова: „Слушнав од Исмаил, го содржам тоа и ве информирам за Мадмад (Мухамед). Помеѓу нив ќе испратам нов Веровесник, како тебе, на кој ќе му овозможам да го говори Мојот Збор.“

Знаци за доаѓањето на Мухамед, има и во Инџилот , Евангелие по Јован (14: 15), каде што стои: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди. Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека.“

Во Куранското поглавје Ес-Сафф, Бог дирекно ни кажува дека Божјиот Пратеник Исус (Иса), нека е Божјиот мир над него, знаел за доаѓањето на Мухамед, велејќи:

„А кога Иса, синот Мерјемин , рече: ,О синови Израилови, јас сум ви Алахов Пратеник да го потврдам пред мене објавениот Теврат и да ви донесам радосна вест за Пратеникот кој ќе дојде после мене и чие име е Ахмед ‘, и кога им ги донесе тој јасните докази, тие рекоа: ,Ова е јасна магија!‘“ (61: 6)

Неговото раѓање

Мухамед, последниот од Пратениците, бил роден во сувата пустина на Арабија во 570 година, околу 600 години по Исус (Иса), нека е Божјиот мир над него. Тој бил роден во најистакнатото племе, во најаристократското и најугледното семејство од тоа племе.

Осамен сирак

Мухамед бил сирак. Неговиот татко починал пред тој да се роди. Од таму, тој бил израснат со многу тешкотии во пустината, според арапската традиција. Во 576 година, на шест годишна возраст, умира и неговата мајка, Амина. Од тогаш, тој бил одгледуван од страна на својот дедо Абдул Mуталиб, а подоцна од својот чичко Ебу Талиб.

Мухамед се грижел за овците, под горештините на Сонцето, на ридовите околу Мека. Ова ја рефлектира мудроста и намерата на Бога, во подготвувањето на идниот Пратеник, кој ќе го проповеда исламското верување.

Поверливиот

Во младите години, Мухамед беше познат како Ел-Емин или Поверливиот (оној на кого можеш да сметаш) што се должеше на неговата чесност и неговиот благороден карактер. Неговиот чичко многу го сакаше и често го земаше со себе на пат до Сирија, кога одеше таму поради работа. Ова му даде можност на Мухамед да научи како да заработува за живот. Тој беше успешен во трговијата. Дури и тогаш кога беше релативно сиромашен, неговата чесност и широкоградна природа, направи луѓето да го засакаат и да ја здобие довербата на сите што го знаеа.

Во тоа време, во Мека, живееше една од најпочитуваните жени. Таа се викаше Хатиџа. Мухамед работеше за неа, и кога наполни 25 години, тој доби индиректна понуда за брак. Иако беше постара од него, Мухамед ја прифати нејзината понуда. Тие се венчаа во 595 година и живееа многу среќно. Добија два сина и четири ќерќи: Касим, Абдулах, Зејнеб, Рукаја, Уму Кулсум и Фатима. За жал, двата сина починаа во раните детски години. И покрај тоа, Мухамед и Хатиџа имаа среќен брачен живот.

Вреден да му се верува

Пријателството на Мухамед, неговите мудри совети и поверлива природа, им беа добро познати за сите. Се пренесува дека кога Ќабата била обновувана поради големата поплава која ги оштетила нејзините ѕидови, четирите главни племиња од кланот на Курејшиите се карале за тоа кој ќе ја има честа повторното да го постави светиот Црн Камен. Кога караницата се прекинала, еден од постарите предложил: „Првиот човек кој ќе влезе низ портата, ќе ни пресуди!“ За нивна голема радост, првиот човек кој влегол, бил Мухамед. „Тоа е Ел-Емин, поверливиот!“ – повикале тие. Го запознале Мухамед со ситуацијата, при што тој побарал парче платно. Го поставил Црниот Камен на средина на платното и побарал по еден член од племињата да го фати платното за по еден од краевите, така што сите можеле да учествуваат во носењето на Црниот Камен. Потоа, тој самиот го ставил Каменот на неговото место. Овој подвиг е направен со голема мудрост, при што успеал да стави крај на една караница и спречил опасност од крвопролевање.

Арапите имаа посебни квалитети. Беа храбри, широкоградни и чесни, но често се вовлекуваа во ситни караници, постојано се караа и беа спремни да пролеат крв во секоја можна прилика. Тие немаа никакво почитување кон слабите, сирачињата и вдовиците, често пиеја и губеа време. Давајќи им битен статус на синовите, татковците имале лош обичај да ги закопуваат живи што туку родените девојчиња, бидејќи нивното раѓање не било посакувано. Политеизмот надвладеал во нивниот свет.

Многубоштвото и идолите

Во тоа време многубоштвото, или култот кон идолите, беше практикувано од мнозинството жители. Вечната религија, наследена од Авраам (Ибрахим), нека е Божјиот мир над него, обожувањето само на Единиот Бог, беше закопана и заборавена. Како што минуваше времето, околу 360 идоли и кипови, кои претставуваа лажни божества, беа поставени во и околу Светата Куќа (Ќаба). Тие беа накитени, а повеќето од лажните божества имаа женски имиња, како што се Лат, Менат и Уза. Некои имиња им припаѓаа на најпочитуваните луѓе од времето на Ное (Нух), нека е Божјиот мир над него, како што се Вед, Сува, Јеук и Јеср, кои беа обожувани многу години после нивната смрт. Дури и следбениците на Мoјсеј (Евреите) и оние на Исус (христијаните) скршнаа од првобитниот монотеизам на Авраам (Ибрахим), делејќи се на секти.

Мухамед не учествуваше во ниту еден од политеистичките ритуали. Тој се осамуваше во изолираната пештера, наречена Хира, на планина во близината на Мека, со цел да си го прочисти срцето и да се моли за откорвение на вистината. Во друштво само со звукот на ветерот и задлабочен во осаменоста, тој ги гледаше знаците на универзумот.

Пратеништвото

Тоа му се случи на 40 годишна возраст, во една ноќ за време на месецот рамазан. Возвишениот Бог го повика Мухамед, во Негова служба. Во таа ноќ, позната како Лејлетул Кадр – „Ноќта на судбината или Ноќта на моќта“, Поверливиот мелек Џибрил се спушти со одлука од Бога и светлина за човештвото – Куранот. Тука започна новото поглавје за светот.

Пештерата

Белата полумесечина, светеше на небото, кога одненадеж Мухамед почувствува нечие присуство. Во спокојството на ноќта, се слушна глас: „Читај!“ Мухамед беше изненаден. „Јас не знам да читам.“ – одговори тој. Кога се повтори повикот, изгледаше како Земјата да се тресе: „Читај!“ – „Но јас не знам да читам.“ Беше вкочанет од страв, неподвижен. „Читај!“ – повтори впечатливиот глас. „Што да читам?“ И одеднаш тој почувстува олеснување – му изгледаше како времето и местото да запреа; небото и земјата беа едно.

„Читај во името на Господарот твој Кој создава, го создава човекот од грутка крв! Читај, зашто Најблагороден е Господарот твој, Кој поучува со перо, Кој го подучува човекот она што тој не знае.“ (96: 1-5)

Ова беа првите стихови од Чесниот Куран. Ова беше гласот на ангелот Гаврил (Џибрил), Поверливиот Дух, испратен на последниот Божји Пратеник. Мисијата на Мухамед, Веровесникот Божји, како благослов за сите луѓе штотуку почна.

Пратеникот Мухамед штотуку ги прими првите зборови од својот Бог. Ова се случи во 610 година во пештерата Хира.

Тој бргу се спушти низ ридот, додека лицето му светеше од потта, а срцето му тропаше многу брзо. Стиховите од Куранот сеуште му одѕвонуваа во душата. Каква визија беше ова? Какви зборови беа изговорени?

Тој истрча кај Хатиџа, викајќи: „Покриј ме, покриј ме!“ Таа го стопли неговото срце со љубов, додека тој й кажуваше што му се случи. „Се плашам дека нешто лошо ќе ми се случи!“ – рече тој. „Никогаш! Се колнам во Бога,“ – со верба му одговори неговата жена. „Бог никогаш нема да те осрамоти. Ти ги одржуваш роднинските врски, ги помагаш сиромашните и немоќните, широкоградно ги угостуваш гостите и им помагаш на оние на кои што им се случила несреќа.“ (Бухари)

Неколку дена подоцна, Хатиџа го однесе кај својот роднина, учен писател, по име Верека ибн Науфел, кој ги познаваше Тората и Евангелието. Откако Мухамед му ја опиша фамозната ноќ, старецот без двоумење му рече дека тоа всушност била средба со ангелот Гаврил (Џибрил), истиот ангел кој Бог му го испратил на Мојсеј (Муса): „Би сакал да сум помлад, да го доживеам времето кога твојот народ ќе те протера!“ – му рече старецот. (Бухари)

Тој знаеше дека Пратеникот, спомнат во Светите Книги, дојде.

Така започна мисијата на последниот Пратеник, кој ќе влијае врз целиот свет, објавувајќи нова ера во историјата на човечкото убедување и прогресот. Така се роди исламот.

Извадок од делото:

Ова е Пратеникот Мухамед

Божјиот Веровесник за целото човештво

0 views0 comments

Comments


bottom of page