Повеќе илјади муслимански верници се собраа денес пред Аја Софија во Истанбул, барајќи да им се овозможи да се молат во тој објект,јавуваат турските медиуми.
Базиликата Света Софија во Цариград ја изградил византиски цар во шести век. Претворена е во џамија (Аја Софија) во 1453 година, а од 1934 година е музеј и е едно од најпосетените места во Истанбул.
Молитвата пред Аја Софија денес ја водел имам од Мека, по што верниците побарале таа градба повторно да биде џамија.
„Во име на стотици илјади браќа, бараме да ни се овозможи да се молиме во џамијата Аја Софија“, изјави претседателот на Здружението на млади на Анадолија, Салих Турхан.
Молитвата пред Аја Софија е одржана по повод годишнината на османлиското освојување на Константинопол (Цариград) во 1453 година, по долга опсада.
Од доаѓањето на власт на Партијата на правдата и развојот (АКП) на сегашниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган, поддржувачите на секуларната турска држава повеќе пати изразија загриженост дека Света Софија би можела повторно да стане џамија.
Comments