Навистина убаво рекол некој во една арапска изрека: „На нас е да на своите деца од мали нозе им всадуваме добри идеи, бидејќи идејата со текот на времето станува желба, желбата со текот на времето станува дело, а делото со време станува навика која ќе му користи на нашето дете низ целиот негов живот
На кој начин ќе всадиме добри идеи во децата? Како ќе ги натераме да станат личности со кои еден ден ќе се гордееме, оние кои еден ден ќе бидат од полза и во служба на Аллаховата вера ислам?
Многу книги и текстови прочитав на тема за одгледување деца, но откако станав мајка и одгледувачка, многу пати увидов дека теоријата и праксата знаат да бидат спротивни една на друга. Затоа овој текст како еден од советите во одгледување деца, ќе го проткаам со примери од животот, а во првиот пример ќе зборуваме за тоа како да се постигне вашата ќерка самоиницијативно да донесе одлука за носење хиџаб.
Како да се постигне тоа, твоето девојче со гордост да каже: „Мајко, јас се покрив!“
Да се запрашаме, како прво, дали тоа за нас претставува успех во денешно време кога ни е испран мозокот, па вредното го сметаме за невредно, а невредното го земаме како пример за вредност, кога слепо следиме наметнат „моден тренд“, дали е за нас успех да кај нашите чисти, невини девојчиња се појави желба да ја сочуваат таа своја честитост и невиност, да се за штитат од суровоста на денешницата со најдобра заштита.
Возвишениот во сурата Ел Ахзаб вели: „О, Веровеснику, кажи им на жените свои, и на ќерките свои, и на жените на верниците нека си го покријат целото тело со своите наметки. Така најлесно ќе бидат препознаени, па нема да бидат вознемирувани. А Аллах простува и Милостив е.” (Ел Ахзаб, 59)
На нашите простори се занемарува потребата од носење хиџаб кој девојчињата. Кога велам, девојчиња, не мислам на деца до десет години, туку на девојчиња од десет години па натаму.
Жалосен е фактот дека, додека исламот во цел свет денес оживува и хиџабот станува гордост на нашите сестри и мајки ширум светот, кај нас, каде марамата никогаш не била нешто страно и непознато, во добар дел се уште се чуствува некој срам и страв од хиџаб. Многу девојчиња, дали од страв, срам и несваќање на важноста на хиџабот, растат и созреваат без него, иако тој е пропишан и задолжен како што е намазот, постот и.т.н. Многу мајки се оправдуваат со изјавите: „Уште е млада, не е нашиов крај за такво нешто.“
За жал, многу мајки носат хиџаб, а не гледаат успех во тоа и кај нивните девојчиња да се појавила желба за носење хиџаб, па ја запоставуваат таа тема дома. Затоа овој текст го посветувам и на оние кои тоа со сето срце го сакаат, но не знаат како да ја постигнат таа цел, како и на оние кои ја немаат таа желба, за да со Аллахова помош да се освестат и да ја увидат важноста од носење хиџаб.
Кога Аллах, субханеху ве те’ала, ја спуштил Објавата, ја спуштил од милост и упатство за луѓето. Секој пропис во оваа Книга Куран ставен е во обврска на луѓето ширум светот. Аллах ја создал целата земја и на неа нас не населил, знаел во какви услови ќе живееме на било кое место на дуњалукот, па сепак никој никого на било кое место да е не го ослободил од задолжителните прописи. Така и хиџабот е задолжителен, па каде и да сме. Па зар Аллах, кој не создал и нас и местата на кои живееме, не знаел однапред и од порано каде ќе се родиме????
Возвишениот Аллах ја создал жената како убаво и кревко суштество. Секоја мајка тоа може да го увиди на своите девојчиња од самото раѓање. Се што е убаво, вредно, кревко и кршливо заслужува многу внимание, и доколку имаме такво нешто па треба да го пренесеме, со денови размислуваме за солуциите, како таквото нешто на најдобар начин да го заштитиме такво и да остане. Така се однесуваме, низ животот, кон било која работа која го заслужува наше внимание. А нашите деца, нашето богаство и нашата иднина, колку на нив посветуваме внимание, да не се скршат да не се извалкаат, во многуте нечистотии кои го преплавиле денешниот свет???
Што и колку правиме да ги заштитиме, колку се трудиме да ги одржиме натпросечно интелигентни, онакви какви што Возвишениот ги создал? Научниците откриле дека сите деца до третата година на својот живот се натпросечно интелигентни. Потоа, под влијание на околината во која растат, под влијание на воспитувањето и образованието, ја развиваат интелигенцијата, или остануваат натпросечно интелигентни, или се спуштаат на понизок степен на памет, т.е., некои навистина стануваат глупи луѓе, од кои дуњалукот е преполн. Треба да се запрашаме каква средина сме му подготвиле на нашето дете и какво суштество ќе израсне во таква средина?
Денес не можам а да не забележам, а верувам дека тоа и вие сте го забележале, дека границата на созревање на девојчињата, како психички така и физички, каде каде се поместила. Денес девојчињата се многу поразвиени од девојчињата на исти години од поранешните времиња. Потоа, почесто се случува девојчињата да ја добијат првата менструација помеѓу 10 и 11 година, додека се смета дека првата менструација може да се очекува од 13 тата година. Се прашувам дали тоа е уште едно искушение кон нас од Аллах, субанеху ве те’ала, дека тие нешта се случуваат во време кога хиџабот станал општо познат и препознатлив знак за муслиманките и прифатен во училиштата како и на сите јавни места?
Она што секогаш го нагласувам во поглед на воспитувањето на децата е тоа дека родителот мора да разбере дека секое дете е посебна личност, личност за себе, неиспишана табла, која родителот почнува да ја пишува од првите години кога неговото дете почнува да разбира, набљудува и да ја слуша околината во која живее. Многу е важна комуникацијата и разговорот со децата од мали нозе. Разговарајте со децата и тогаш кога мислите дека тие не ве разбираат или кога мислите дека не ве слушаат. За да всадите позитивни навики и карактеристики кај децата, така морате да постапувате уште од раното детство. Убава е нашата народна изрека: „Железото се кова додека е жешко“. Во текот на разговорот битно е на децата, зависно од возраста, да им го приближиме јазикот кој ќе го разберат. Значи, нашиот говор треба да го адаптираме на нивото на нивното разбирање. Јас така правев со своите девојчиња по прашањето на носење хиџаб, а тоа е нашата моментална тема.
Значи, од мали нозе со нив разговарав за хиџаб: за неговата важност, зошто е пропишан, која е неговата цел во нашиот живот. Како растеа, и хиџабот растеше со нив, секогаш беше присутен, низ приказнички, песнички, цртежи и.т.н. Темите беа исти, значи целта и важноста на хиџабот, само ги менував приказните според нивото на нивната возраст и разбирање.
На пример, најдете приказни, сликовници и песнички во кои има девојчиња со хиџаб. Секогаш кога ќе видите девојченце или девојка со хиџаб, пофалете ја пред децата. Кажете колку е убава, како марамата прекрасно и стои. На девојчињата им е важен изгледот, убаво да се облечени. Аллах такви не создал да уживаме во украсите и убавите алишта. Разгледувајте со децата слики на кои се рекламира хиџаб како моден предмет, разговарајте за облеката, за комбинирање на марамата со некоја туника.
Внесете живост и интересирање за тоа. Предложете им да нацртаат облека и марама каква би сакале да носат, кои модели, бои. Кога ќе дојде време, ако сте во можност, купете платно и сошијте им хиџаб според нивниот цртеж. Покажете им дека е важно нивното мислење и нивниот избор. Значи, наведените примери се вид борба со „модернистите“, да всадиме во своите девојчиња убав поглед кон хиџаб, а не да им покажаме дека надворешниот изглед е најважен.
Точно дека на девојчињата им е многу важен изгледот, но дали е потребно низ „модерната“ облека и нејзино нагласување, да им всадиме на девојчињата од мали нозе мислење дека изгледот и убавината се најважни?
Како и сите деца, така и оние родени од иста мајка, не се исти. Секое дете има свој карактер, свој став, свој поглед на живот, некои свои „бубачки“ кои се присутни па со текот на времето исчезнуваат. Значи, ние некои работи не можеме да ги измениме во потполност. Некои се благи, некои груби, некои тивки, некои гласни и т н. Значи, некои карактеристики на децата не можеме во целост да ги измениме но можеме да ги обликуваме, насочиме и тие сепак да добијат некоја позитивна димензија.
Така и моите девојчиња, кои ги имам четири, елхамдулиллах, сите се различни. Родени се и одгледувани од иста мајка, но сите четири се сепак различни. Мојата долгогодишна упорност тие да ја сватат смислата и важноста на хиџабот кај некои не одеше лесно, додека кај други беше пропратена со прашања од типот: „А зошто?, За што? Да, но…“.
На мое задоволство, мојата прва ќерка впиваше и израсна со фактот дека хиџабот е важен и составен дел или неделив дел од личноста на една муслиманка. Изрази желба да се покрие пред шеријатски да биде должна да носи марама, бидејќи според исламот жената е должна да стави марама тогаш кога ќе стане полнолетна, а полнолетноста во исламот се гледа кога ќе се случи едно од овие три: појава на прва менструација, или појава на срамни влакна на срамните места, или наполнети петнаест лунарни години старост.
Значи фала му на Аллах на упатство, стави хиџаб пред да стане должна да го носи. Но, моето второ девојче, која е карактерно борбен тип, ништо не прифаќа без вербална војна, полно прашања и оправдување на нејзините ставови. Со вакви деца треба секогаш многу сабур и смиреност во нивно воспитување. Знаете дека силата е опција која треба во потполност да се исклучи. Прво морате да увидите и да признаете дека бунтовните карактери кај децата се многу позитивна особина. Тоа се деца кои ништо така лесно не прифаќаат, кои мораат да знаат зошто така треба, но тоа ги доведува до поставување на многу прашања, кои пак ги носат до откритија кои можеби никогаш не би ги сознале да не прашале. Јас нив ги гледам како интелигентни деца, бидејќи поставувањето на прашања е одраз на интелигенција. Секако, и децата кои прифаќаат совет од прво кажување и тоа е одраз на нивната интелигенција, бидејќи брзо разбираат и ја сваќаат важноста на она за што им се зборува.
Така мислев дека моето второ девојче потешко ќе прифати хиџаб. Се плашев дека ќе дојде ден кога хиџабот ќе и биде задолжителен а дека ќе нема со се срце да го прифати (своеволно), дека ќе се покрие ама не со ќеф. Кога верските прописи се во прашање, многу е важно да им ги всадувате во децата од раната младост, пред да можат воопшто да мислат зошто така, но не и да ги терате тоа да го применуваат! Пак не! Туку побитно е да ги приближите, а кога тоа ќе дојде, самите ќе почнат да го практикуваат тоа без ваше инсистирање.
Кога зборевме за хиџаб, таа имаше свои ставови, време и година кога ќе почне да носи хиџаб. Секој пат ја поместуваше границата одолговлекувајќи. „Јас ќе ставам хиџаб во шесто оделение“ а потоа во седмо, после во осмо… Кога дојде време да зборуваме за појавата на првата менструација, бидејќи тоа го имаа како лекција на училиште по училишен предмет, јас и реков: „Душо моја, гледаш, Аллах, одредува време за појава на менструација и тогаш, според исламот, стануваш полнолетна и тоа не можеш да го измениш.
Ех, исто така Аллах одредува време за ствање хиџаб бидејќи тоа е поврзано, не можеш ти да одредиш датум.“ Премолчи. Родителите секогаш треба да имаат на ум дека со многу разговор со децата, е потребно многу сабур и дова за тие деца. За се што се сака да се постигне кај своето дете, мајката треба да направи се што е во нејзин можност, а крајниот исход е во Аллахови раце. Аллах е Тој кој нашите срца ги врти и насочува. Мајчината дова за своето дете не се одбива, затоа секогаш довете, многу довете, ќе видите резултати од своите дови и од своите напори, со Аллахова помош. Така беше и со мојата ќерка.
Тогаш кога мислев дека не ме слуша, дека доволно не ме слуша, без обѕир на моите долгогодишни приказни за хиџабот, не го прифаќаше, животот ми покажа поинаку. Дојде еден ден, некако беше посебно насмеана и среќна, облечена во сина туника и светлосина марама. Нејзините сини очиња, кои понекогаш се малку повеќе сини, а некогаш малку повеќе зелени, ги истакнала сината марама, и весело ми рече: „Мамо јас од денес ќе излегувам покриена.“
Тој ден бев пресреќна, од многу причини, прво дека мојата желба се исполни, стави хиџаб а јас не морав да инсистирам на тоа, мојот труд и моите дови, фала му на Аллах, вродија со плод. Друго што увидов е дека таа сепак го впивала мојот говор, што ќе го имам во предвид за во иднина. Значи, и таа, за која мислев дека тоа малку тешко ќе оде кај неа, се покри пред да и биде должност да носи марама. Тогаш сватив дека моите разговори и долгогодишни убедувања сепак имале корист и успех. Можеби некогаш делува дека децата доволно не не слушаат кога со нив разговараме, но тие сепак слушаат, само им треба малку повеќе време да ги обработат информациите, да ги сватат или прифатат.
Значи, она што сакате да бидат кога ќе пораснат, морате да го почнете да го формирате додека се уште малечки. Децата не се машини па во одреден момент ги промените со наредбата и да кажете: „Е сега сакам така да правите!“ Така исто родителите прават грешка по прашањето за хиџабот. Децата растат а за тоа не слушаат ништо овен „мали се сеуште“. Тие се формираат во личности, ги зацврстуваат своите ставови врз основа на она што го слушаат и доживуваат низ своето детство. Девојчето со хиџаб бира друштво кое ќе ја прифати онаква каква што е. Многу работи или места ќе почне да ги избегнува бидејќи тоа не му прилега на нејзиниот хиџаб, не е тоа за муслиманки.
Не можете да дојдете и туку така да и кажете на петнаесетгодишно девојче, која во добар дел ја формирала својата личност: „Мила моја, ти веќе порасна, веќе си девојка, сега треба да носиш хиџаб.“ „Што!!!Каков хиџаб, како сега ќе се вклопам на училштето, во друштво…?“ Остај сега, додека звршам, основно, средно училиште, па кога ќе заврши средно, нека, додека завршам факултет, и тоа оди до недоглед. А како таква, без хиџаб, без заштита, бидејќи хиџабот е штит за жената муслиманка, која ја чува од лоши луѓе, погледи, места и.т.н., таа во својот живот пушта личности и работи кои не и прилегаат. Се формира во личност, која не е во склад со исламските принципи, и на тој начин не само што се оддалечува од хиџабот туку општо и од Исламот. Колку ќе бидат пропуштени намази бидејќи е неприкладно облечена, а намазот е основен штит на верникот, кој не чува од правење лоши дела. Возвишениот Аллах во Куранот вели: „Навистина намазот одвраќа од разврат и лоши дела.“
Аллаховиот Пратеник, саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „Сите вие сте пастири и сите ќе бидете одговорни за своето стадо. Мажот е пастир во своето семејство и ќе биде одговорен за своето стадо. Жената е пастирка во домот на својот маж и ќе биде одговорна за своето стадо….“
Ги прашувам, секоја мајка и татко, дали се спремни да одговараат за секој ден во кој нивните девојчиња не носат хиџаб, а обврзана е да го носи? За секое лошо дело кое нивното девојче ќе го направи, а доколку би била покриена, тоа не би го направила, бидејќи хиџабот би бил нејзин штит, ветен од Аллах, субханеху ве те’ала?
Го молам Аллах, субханеху ве те’ала, да ги упати нашите деца на Правиот пат, да бидат наша гордост и на дуњалукот и на ахиретот! Амин!
Извор: Минбер.ба
Comments