top of page
Writer's pictureinfoislam

Како намазот на 80-годишен човек ја одведе Кеси кон Аллах

Како намазот(молитвата) на 80-годишен човек ја одведе Кеси кон Аллах

Нејзиното име е Кеси. Има само 23 години. Само што го завршува училиштето за сестри. Нејзината прва работа е во домот на еден стар муслиман.

Она што се случува понатаму е прекрасно – ве прави да се чувствувате прекрасно што сте верник во Еден Бог – Аллах.

Читајте…

Се викам Кеси, имам 23 години. Дипломирав како квалификувана медицинска сестра оваа година а првата работа ми беше еден стар господин, англичанец, кој имаше осумдесет години и страдаше одАлцхејмерова болест. На состанокот ми беше дадена историјата на пациентот од каде можев да видам дека тој е конвертит во ислам, значи муслиман.

Од тоа знаев дека некои видови на третман би оделе контра неговото верување, затоа морав да ја приспособам негата на неговите потреби. Донесов халал месо за готвење, а морав да се уверам дека состојките немаат свински компоненти и алкохол бидејќи истражував дека овие работи се забранети во исламот.

Мојот пациент беше во многу напредна фаза на болеста, па многу мои колеги се прашуваа зошто толку се трудам околу него. Но, сфатив дека кога личност се посветува на одредено верување заслужува таа посветеност и да се почитува.

По неколку недели со мојот пациент забележав одреден ист шаблон на движења.

Најпрвин мислев дека повторува одредени движења кои ги видел од некого, но забележав дека ги повторува во одредено, исто време, наутро, напладне, навечер.

Движењата се состоеја во дигање раце, наведнување и во ставање на главата на подот. Неможев да разберам. Повторуваше и реченици на друг јазик, неможев точно да сфатам на кој јазик бидејќи зборуваше пригушено, но сфатив дека повторува исти стихови секој ден.

Никако не ми дозволуваше да го хранам со лева рака (јас сум леворака).

Знаев дека сето ова е поврзано со неговата религија но незнаев како.

Еден од колегите ми кажа за палталк како место за дебати и дискусии и бидејќи не познавав ниеден муслиман освен мојот пациент мислев дека ќе е добро да зборувам со некого и да поставам некои прашања. Влегов во секцијата Ислам и во собата „Вистинска порака“.

Тука прашав за движењата и ми беше кажано дека тоа се движењата при клањање, не поверував потполно се додека не погледав линк од исламска молитва на јутуб што го постираше некој од собата.

Бев вчудоневидена.

Човек кој го изгубил сеќавањето на своите деца, на својата професија и едвај можеше да јаде и пие беше способен да го запомни не само начинот на молење туку и стиховите кои беа на друг јазик.

Сфатив дека овој човек е навистина посветен на своето верување, што ме поттикна да научам повеќе со цел мојата нега да биде најдобра што може.

Влегував во палталк собата колку што можев почесто каде ми дадоа линк за да го читам преводот на Куранот, воедно и да го слушам.

Кога го слушав поглавјето „Пчела“ ми минуваа морници по телото а ја слушав неколкупати на ден.

Снимив рецитирање на Куранот и на мојот iPod и му го дадов да мојот пациент да слуша, тој се смееше и плачеше, а при читање на преводот гледав зошто.

Го применував она што го учев од палталк во мојата нега на пациентот но постепено се најдов себеси како влегувам во собата да најдам одговори за себе.

Не посветив време да погледнам на мојот живот; никогаш не го запознав мојот татко, мојата мајка почина кога имав три години, мене и брат ми не одгледаа нашите баба и дедо кои пак починаа пред четири години, а сега сме само јас и брат ми.

Но, и покрај сета оваа загуба, отсекогаш мислев дека сум среќна, исполнета.

Се додека не го запознав мојот пациент, тогаш забележав дека нешто ми недостасува. Ми недостасуваше тоа чувство на мир и спокој, кои, мојот пациент, иако страдаше, ги чувствуваше.

Го сакав тоа чувство на припадност и чувството дека сте дел од нешто, она што тој го чувствуваше, иако немаше никого околу себе.

Една жена од палталк собата ми даде листа на џамии во моето опкружување и отидов да посетам една од нив. Ги гледав оние што извршуваа молитва (клањаа) и неможев да ги задржам солзите.

Ме привлече џамијата и секој ден поминував, а имамот и сопругата ми даваа книги и касети и одговараа на секое мое прашање.

Секое мое прашање во џамијата или во палталк собата беше одговарано со толкава разбирливост и длабочина што неможев а да не го прифатам одговорот.

Немам практикувано ниедна вера но секогаш верував дека Бог постои; Јас само незнаев како да Го обожувам.

Една вечер влегов на палталк и еден од оние што зборуваа на микрофонот ми се обрати мене. Ме праша дали имам некое прашање, јас реков, не. Тој ме праша дали сум задоволна од одговорите, реков, да.

Тогаш ме праша, што ме спречува да го прифатам исламот – неможев да одговорам.

Отидов во џамија да ја гледам утринската молитва, имамот ми го постави истото прашање – неможев да дадам одговор.

Потоа отидов на работа, кај мојот пациент, го хранев, како што гледав во неговите очи сфатив, тој ми беше пратен како причина, и единствено нешто што ме спречува да го прифатам исламот беше стравот…не стравот во смисла на нешто лошо, туку страв од прифаќање на нешто добро, тоа дека не сум доволно вредна како овој човек.

Тоа утро отидов во џамијата и го прашав имамот дали може да посведочам за моето верување, така го изговорив Шехадетот.

Тој ми помогна во тоа и ме водеше што треба да кажам следно.

Неможам да го опишам она што го чувствував додека го кажував.

Беше како некој да ме разбудил од сон и сега гледам се појасно.

Чувствував голема радост, јасност и пред се …мир.

Првиот човек на кого му кажав не беше мојот брат туку мојот пациент.

Отидов кај него, и пред да ја отворам устата и да му кажам тој заплака и ми се насмевна.

Колапсирав пред него, толку многу сум му должна нему.

Кога дојдов дома се логирав на палталк и го повторив шехадетот пред тие во собата.

Тие ми помогнаа толку многу иако ниеден од нив немав видено, ги чувствував поблиски од сопствениот брат.

Потоа му се јавив на мојот брат и му кажав, иако не беше среќен поради тоа, ме поддржа и рече дека ќе биде тука за мене, неможев да барам повеќе.

По мојата прва седмица како муслиманка мојот пациент пресели во сон додека се грижев за него. Inna lillahi wa inna ilahi raji’oon.

Имаше мирна смрт а јас бев единствената покрај него.

Тој ми беше како татко кој никогаш го немав, ми беше мојата врата кон исламот.

Од денот кога го изговорив шехадетот до ден денес и секој иден ден се додека сум жива, ќе го молам Аллах да му се смилува и да го награди десетпати повеќе за секое мое добро дело што ќе го направам.

Го сакав во име на Аллах и се молам секоја вечер да бидам барем трошка од она каков муслиман беше тој.

Исламот е религија со отворена врата; тој е таму за оние кои сакаат да влезат низ неа…Навистина, Аллах е Најмилостив, Сомилосен.

*Нашата сестра Кеси, пресели на оној свет во октомври 2010 година, Inna lillahi wa inna ilahi raji’oon – откако му правеше давет на својот брат кој го прифати исламот како свое верување.

Елхамдулиллах.

Аллах да ја награди сестра Кеси со џеннет, Амин!!!

Islamnewsroom

Jusuf Estate

0 views0 comments

Comments


bottom of page