Ми недостига твојата насмевка, да ми го стопли зимсково утро. Те нема, ни благо да ми подадеш рака,ни да ме обвиеш во прегратка, после ужасниот кошмар. Ми недостигаат и зелените, уморни очи, зад кои се крие една истрајна и храбра жена.
Како во огледало се пресликав во нив, сакајќи да станам се што ти не си била, а си можела. Сакав да ти ја намалам болката во срцето, а бев неможна. Сакав да ги исправам и грешките, за кои преку ден се каеше, а ноќе те оставаа без сон. Се сеќавам на твојот лик кој сега избледува во маглата од спомени и заборав. Кога ми гореше телото, ти бдееше над мене давајќи ми сила да се изборам со демоните кои ме опседнале. Поради тебе никогаш не застанав. Сакав да ти го разубавам денот со трофеите на мојот труд, со потта што макотрпно ја вложував да продолжам онаму каде застана. Не можев да те гледам затворена во кафезот од четири ѕида полн со твоите стравови и неми пораки за спас.
Верувај ми, недостигаат и кавгите со тебе. Сега,толку сакам да ги слушам повишените октави низ нашиот дом. Сакам да те гледам вцрвенета од лутина како ме предупредуваш да го средам нередот, па да гргнеш во смеа. Сакам да ме поучуваш и да ми здосадиш со твоите мудрувања, зашто вечерта доцна сум се вратила. Недостигаш мајчице! Веќе никогаш нема да легнам на твојата постела, со себе го зеде и мирисот на телото. Сакам да ти ја милувам побелената коса, и да ја почувствувам аромата на штотуку зготвениот ручек која се залепила врз секое влакно. Господе, ти благодарам за неа. Ти благодарам, што ме изведе на прав пат, зашто ја имав вистинската личност до себе. Мајка, која се би дала за своите деца, а за себе би задржала само трошка надеж. Таа надеж ја носам врз градиве.
Не избледувај мајчице! Остани моја поддршка и потсетник низ тешките патишта, светло на крајот на тунелот, капка роса во пустина.
Не плачи оваа ноќ мајчице! Јас сум добро, јас секогаш ќе останам твојата малечка. Секогаш ќе бидам малечкото ембрионче во твојот стомак или бебенцето од колевката. Тој факт никогаш и никој нема да го смени.
Прегрни ме сега мајчице, зошто некогаш ќе биде доцна. А јас? Јас веќе не сакам да испуштам ни миг од животот со тебе. Животот, што Бог ми го дарил!
Те сакам мајчице моја!
Преземено со мали измени од автор : Јована Матевска
Ние му наредивме на човекот да им биде послушен на родителите свои. Мајката го носи, а нејзиното здравје трпи, и го дои во текот на две години. Биди Ми благодарен Мене и на родителите свои, кај Мене сите ќе се вратат. (Куран 31/14)
Yorumlar