top of page
Writer's pictureinfoislam

Муслиманите кога го оставиле исламот ја оставиле и науката


Возвишениот Аллах, рекол:  „Кажи: „Зарем се исти тие што знаат и тие што не знаат? Само тие што имаат ум примаат поука!“ (превод на значењето Ез-Зумер, 9)

А Мухаммед, нека е секој мир и благослов на него, рекол: „Стекнувањето на знаење е обврска на секој муслиман и муслиманска.“ (Ибн Маџе)

Доделувањето на Нобеловата награда секоја година (од 1901) се доделува во следните категории: Физика, хемија, медицина, економија, литература и мир. Доделувањето на наградата нè поттикна да се позанимаваме со статистичките податоци поврзани со оваа престижна глобална награда. А статистиките ни покажуваат дека во изминатите 110 години Нобелова награда добиле 817 поединци и 23 организации.

Она што особено е депресивно за нас, е податокот дека муслиманите, кои ги има 1,5 милјарда, или 20 % од вкупната светска популација, досега добиле само 11 награди, за разлика, на пример, од евреите, кои ги има само 15 милиони, или 0,2 % од вкупната светска популација, а кои досега добиле 180 Нобелови награди.

Сите наши Нобеловци

Интересно е тоа што, од 11-те награди кои отишле кај муслиманите, само три се за научно дело, додека другите осум, за мир и литература. Ако го земеме во предвид фактот дека доделувањето на Нобеловата награда за мир и литература е многу исполитизирана и дека, кога станува збор за муслиманите, во главно им се доделува на оние кои се критички расположени кон исламот и исламските вредности (за разлика од доделувањето на наградата за физика, хемија, економија и медицина, каде што се е регуларно и чисто), тогаш со право можеме да кажеме дека муслиманите во изминатите 110 години добиле само три заслужени Нобелови награди. Од друга страна пак, кај евреите е сосема обратна ситуацијата. Така, од 180 еврејски добитници, околу 140 од нив добиле награда за физика, хемија, медицина и економија, а останатите четириесет за мир и литература. Ако на тоа го додадеме податокот дека, на пример процентот на писменост во христијанскиот свет достигнал 90 %, а во муслиманскиот свет само 40 %, и дека муслиманските земји на науката и научните истражувања трошат мизерни 0,2 БДП, а христијанските повеќе од 5 % БДП, ќе ни стане јасно зошто 1,5 милјарда муслимани се цврсто приковани за дното на светското рангирање во научниот и општо културниот – цивилизациски напредок. Овде се наметнува логично прашање: Како е можно муслиманите да доживеат таков пад кога тие во научната сфера, за духовната и моралната да не зборуваме, повеќе од десет векови биле супериорни во однос на другите народи, и кога биле пионери на напредокот и лидери на човештвото во сите научни дисциплини, во коишто сме денес потенки од пајажина?! Кога се случил тој пад и кој е тој клучен момент или причина, што довел до тој пад? Токму наведените егзегутни податоци ни го нудат одговорот на прашањето, зошто муслиманите назадувале, а другите напредувале, но исто така ни ја откриваат и причината зошто се случило тоа. Значи, не постои никаков сомнеж во тоа дека муслиманите почнале да назадуваат во сите сфери на животот и ја губат битката на сите фронтови од животот, оној момент кога ја оставиле верата ислам и кога престанале да го уредуваат својот живот по возвишените исламски принципи.

Со оставањето на исламот, муслиманите ја оставиле и науката

Имено, кога Европа на крилата од модернизмот, втемелен на култот на човечкиот разум и отфрлањето на верата во Бога, ги крши црковните окови и преку научна револуција доживува општ матерјален и културен напредок и прогрес, многу муслимански умови се повеле по таа идеја, и како што Европејците го отфрлиле христијанството, го отфрлиле исламот, наивно мислејќи дека на тој начин ќе излезат од тековната криза. Меѓутоа, гадно се излажале. Наместо тоа, тие доживеале тотален пад и станале еден лош пример, како човекот од сура Ел-Араф, за кој Куранот вели: „И кажи им ја веста за тој кому доказите Наши му ги дадовме, а кој од нив се оддалечи, па шејтанот го стигна и тој заталка.  -А да сакавме, можевме со нив да го воздигнеме, но тој на овој свет му се приклони и по својата страст тргна.“ (превод на значењето Ел-Араф, 175-176) Очигледно е дека муслиманите не сфатиле дека на Европа добро и дошло вртењето на грбот на искривеното црковно учење и теократија која го задушувала секој научен напредок, анатемисувала и на клада осудувала научниците, но несфатливо е тоа каде муслиманите во исламот видоа кочница во научниот напредок и прогрес. Како можело да се случи тоа кога и самото површно читање на Куранот укажува на тоа дека Куранот го величи разумот како Божји дар, и кога му се обраќа на човекот, најчесто му се обраќа на неговиот ум, поради неговите огромни можности. Куранот вели: „Во создавањето на небесата и на Земјата и во промената на денот и ноќта, навистина има знаци за обдарените со разум,  -кои и стоејќи и седејќи и лежејќи Го спомнуваат Аллах и за создавањето на небесата и на Земјата размислуваат. „Господару наш, ти ова не го создаде залудно! Возвишен си Ти и сочувај нe од казната во Огнот!“ (превод на значењето Али Имран 190-191) Откако му е објавен овој ајет, Пратеникот, а.с., рекол: „Тешко на тој што ќе ги чита овие ајети, а не размислува за нив.“ (Ибн Хибан)

Првата објава – општ повик за учење и образование

Потоа, првата Објава на Мухаммед, а.с., го привлекла вниманието на многу научници, како од муслиманите така и од немуслиманите, бидејќи верувале или не, првите зборови од Куранската Објава биле читај, а не ’верувај!’ Значи, првата Објава која му е дадена на Мухаммед, а.с., била: „Читај во името на Господарот твој Кој создава, -го создава човекот од грутка крв! -Читај, зашто Најблагороден е Господарот твој, -Кој поучува со перо, -Кој го подучува човекот за она што тој не го знае.“ (превод на значењето Ел-Алек, 1-5) Од тој момент почнува нова епоха во историјата на човекот, која ќе биде во знакот на неверојатен подем на човечката генијалност и универзален научен напредок и прогрес кој дотогаш не можел ни да се предвиди. Токму исламот е тој што кај муслиманите ја разбудил желбата и волјата за учење и подучување, бидејќи подучувањето знаење го направил добро дело, а потрагата по него ибадет, а напорите на тој пат, приближување до Аллах. Оваа непобитна вистина истотака ја потврдуваат и многу хадиси на Пратеникот, а.с., со кои ги поттикнува и им наредува на муслиманите да бараат корисно знаење.

Добро се познати зборовите на Пратеникот, а.с.: „Никој нема да излезе од својот дом со цел да бара знаење, а мелеците да не му ги прострат своите крилја задоволни од тоа што го чини, се додека не се врати дома.“ (Бејхеки) Импресивен податок е и тоа што исламаските научници од Пратеникот, а.с., пренесиле 300 хадиси само за медицината и важноста на лечењето. Покрај зборовите, Пратеникот, а.с., и преку своите дела покажувал како исламот се придржува до учењето и науката. Незаборавна е неговата постапка со заробените од битката на Бедр, кои што ги ослободил, но откако секој од нив ќе научи по десет муслимани да читаат и пишуваат. Муслиманите после Пратеникот, а.с., ги следеле куранско-хадиските пораки, па со најголем ентузијазам ширум исламскиот свет граделе училишта, факултети и универзитети каде се изучувале шеријатски и световни науки. Затоа не е чудо што христијаните од Европа се собирале на тие факултети да ја лечат најлошата болест која се вика незнаење. Не е ни чудо што познатиот француски научник Густав Лебон, во своето дело Историјата на Арапите, жали што муслиманите во средниот век не ја освоиле Франција, затоа што тогаш Париз би бил центарот на науката и цивилизацијата, како што бил градот Кордоба во исламската Шпанија.

Исламските школи и универзитети ги поставиле темелите на современата наука, а муслиманите станале лидери на научната мисла и пионери, како во природните така и во општествените и хуманистички науки. Доволно е да се споменат само некои од таа плеада на врвни научници кои го задолжиле човештвото и заслужиле многу повеќе од Нобелова награда. Џабир ибн Хајјан (722-815) Претходник на модерната хемија и основач на експерименталната научна метода. Ел-Хаваризми (роден 780) Основач на алгебрата, пронаоѓачот на синус, косинус и алгоритми, кои според него и го носи името (алгоризм/алгоритам). Абас ибн Фирнас (810-887) Пронаоѓач на часовникот, очилата, и човекот кој прв се обидел да направи летало. Ебу Бекр ер Рази (умрел 923) Познатиот научник кој особено се истакнал во областа на медицината и кој прв употребил животински црева за време на операција. Ибн Хејсем (965-1040) Таткото на оптиката, како се нарекува во Европа, и еден од најпознатите муслимански физичари кој направил пресудно влијание врз европската научна мисла. Ез Зехрави ел Енделуси (963-1013) Основач на хирургијата. Ибн Сина (980-1048) Филозоф, математичар, медицинар чиешто дело Канон на медицината до неодамна беше задолжителна стручна литература на медицинските факултети во целиот свет. Ел Бируни (973-1048) Ги поставил темелите на модерната тригонометрија, тврдел дека планетите се движат, прв кој го направил глобусот. Ел Хазини (умрел 1155) Физичар кој што направил огромен придонес на законот за гравитација. И многу други.

За сите наши неуспеси виновни сме ние самите

Сите споменати и неспомнати великани на научната мисла, инспирацијата за учење и подучување ја имале токму во Исламот. Но, за разлика од денешните муслимански генерации, тие правилно ги сфатиле пораките на Куранот и Сунетот, и поттикнати со искрена вера во Аллах и Судниот ден, и стремежот секој момент од својот живот да го искористат во учење, ибадет и размислување, за да дадат што поголем придонес во изградбата на животот и со тоа го овековечат своето име и да ја заслужат наградата кај Аллах. Тие кон животот и благодатите на времето се однесувале токму онака како што асхабот ибн Месуд, р.а., рекол: „Не сум се покаел за ништо како за денот, во кој се намали мојот животен век, а не се зголеми моето добро дело.“ Таков однос кон животот не бил поединечен случај, туку научен, градителски дух, владеел во вкупното муслиманско општество. Муслманските владатели широко ги отварале државните каси и широкоградно ја помагале науката и научните истражувања, бидејќи тие знаеле дека без науката не се гради држава, ниту било каков вид на културно-цивилизациски напредок. Тогашните муслимански владатели, биле побогати од денешните, секакви принцови, емири и претседатели, но не ги трошеле парите на луксузни автомобили, приватни авиони, јахти, вили, купување на фудбалски тимови кои чинат милјарди долари, ниту на бизарни нешта како испишувањето на сопствените имиња во пустината за да може да се прочита од орбита, додека муслиманскиот народ живее во општа беда и сиромаштија.

Само една група од денешните богати шејхови, а камо ли сите муслимански држави и нивните владатели, би можеле, на пример да го решат проблемот на глад во Сомалија или на бегалците од Сирија, како и проблемот на неписменоста во исламскиот свет, но тие го монополизирале тоа богатство, и со нивната надменост и гордост се однесуваат како тие да се господари на земјата. За разлика од корумпираните и во страстите потонати владатели, меѓу муслиманските маси владее и духот на летаргија, песимизам и беспомошност. Мото на денешната муслиманска генерација, е: „Полека, има време!“ И на вообичаеното прашање: „Што правиш?“ одговорот во повеќето случаи, е: „Го убивам времето.“Како времето да ни е најголемиот непријател, па што побрзо треба да се ослободиме од него. Ние всушност, треба што побрзо да се ослободиме од таа летаргија и песимизам, и согласно куранскиот императив на учење се посветиме на науката, ибадетот и добрите дела, а не секогаш да ја префрлуваме вината на други за сите наши неуспеси, бидејќи неуспехот е одлука исто како и успехот. Во спротивно, ќе ни се случи тоа што поетот вели: „Кој не ја вкуси тежината на учењето барем еден час, ќе ги вкуси горчината и понижувањето на незнаењето целиот живот.“

САФФ


Превод и обработка: Џемал Ибн Ибрахим

0 views0 comments

Comments


bottom of page