Не е целта во овој текст да се додаде уште една биографија на Мухаммед , саллаллаху алејхи ве селем, кон оние многубројните, туку да се простудира неговиот живот и тоа само од еден од неговите аспекти, и тоа: животот на Пратеникот како проповедач на верата и како пратеник на верата.
Секако, се надеваме дека животот на воспоставувачот на исламот и на инаугураторот на неговата пропаганда ќе ни го открие вистинскиот карактер на мисионерската активност на оваа религија. Додека животот на Пратеникот ни служи како пример во активноста на еден обичен муслиман, исто така треба да им служи и на исламските мисионери. Значи, животот на Пратеникот е пример, врз база на кој се надеваме дека ќе се запознаеме со нешто што се однесува на оние кои својата активност ја приспособиле кон овој пример, и на методите кои се очекува тие да ги прифатат. Во следното прикажување сакаме да претставиме како духот на мисионерството од самиот почеток продрел во верата, бидејќи тој не е нешто ново, измислено во исламот, потоа на каков начин Пратеникот станал пример за исламски мисионер. Според тоа, покрај намерата да ја видиме неговата историја и да ги опишуваме влијанијата под кои тој израснал до своето мажествено доба, и да го прикажуваме како државник или војсководител, нашето внимание највеќе ќе го привлече неговото проповедање.
Првите напори во повикувањето во исламот
Кога, по долготрајните внатрешни конфликти и немири, Мухамед , саллаллаху алејхи ве селем, го добил убедувањето и должноста со која е вдахновен, првите напори биле насочени кон убедувањето на своето семејство во вистинитоста на својата вера. Единството Божје, презирот спрема идолатријата, должноста која го обврзува човекот да ја потчини неговата волја кон Творецот, ова се едноставните вистини во што едноставно сакал да го следат.
Првата преобратена личност беше неговата верна и сакана сопруга, Хатиџа, која уште пред 15 години, кога тој како нејзин полномошник успешно тргувал, му ја понудила раката со зборовите: „Јас те сакам, бидејќи си ми рамен по род и по племе и бидејќи светот те почитува, и поради твојата чесност, поради убавината на твојот карактер и вистинољубивоста на твојот говор“.
Хатиџа го спасила од сиромаштијата и му дала можност да може да живее во социјална положба која му припаѓа по раѓањето. Но, оваа материјална поткрепа на Хатиџа не е ништо во споредба со нејзината верност и духовна поддршка и сочувство во неговите душевни грижи, и му помагала со нежно сочувство и охрабрување во неговите часови на потиштеност.
Хатиџа умрела во 619. година, три години пред Хиџра. До овој момент, во тек на 25 години од брачен живот, Хатиџа секогаш била подготвена да му дава сочувство и охрабрување кога неговите непријатели би го прогонувале и кога би го мачеле сомнежи и страв. Ибн Исхак, еден од пишувачите на биографијата на Пратеникот, вели: „Ева вака Хатиџа поверувала и посведочила во вдахновенијата кои дошле од Бога, и му помагала во неговата обврска. Така, Господарот бил наклонет на Својот Пратеник да му го олесни товарот; бидејќи кога и да слушнал нешто што го натажнувало, допрен од одбивањето од неговиот народ, тој би се врател кај неа и Бог би го тешел преку неа, затоа што таа би го го уверувала и би му го олеснувала товарот и би ја изјавувала својата верба во него и би му го олеснувала потценувањето на луѓето“.
Меѓу првите верници биле неговите посвоени деца Зејд и Али, и неговиот верен другар Ебу Бекр, за кого во понатамошните години Пратеникот често би рекол: „Низ многуте години на мојот повик во верате не најдов никого што не покажувал чудење, колебање и сомневање освен Ебу Бекр. Кога зборував за исламот, тој ниту се чудеше, ниту, пак, ги избегнуваше должностите“. Ебу Бекр бил богат трговец, и бил многу ценет од неговите сограѓани поради неговиот висок морал, моќ и бистрина. Откако го примил исламот, поголемиот дел од имотот го потрошил откупувајќи муслимански робови кои, поради приврзаноста кон исламот, биле изложени на маки од нивните господари.
Под негово влијание, поради големата слава, петмина од најраните преобратеници биле додадени кон бројот на верниците, и тоа: Сад б. Еби Векас – идниот освојувач на Персија, Зубејр б. Авам, кој истовремено бил роднина на Пратеникот и на неговата сопруга; Талха, кој подоцна ќе биде прославен со своето јунаштво; богатиот трговец Абдурахман б. Авф и третиот халих Осман. Осман бил прв изложен на насилство, неговиот чичко го фатил и го врзал, велејќи му: „Зар ти преферираш друга религија повеќе од онаа на твоите претци? Се колнам дека нема да те пуштам се додека не ја напуштиш таа нова вера“! На што Осман му одговорил: „Се колнам во Господарот дека никогаш нема да ја напуштам оваа вера“! Кога чичкото видел дека е олку цврст и приврзан кон својата вера, го пуштил.
Пратеникот во третата година од својата мисија успеал околу себе да собере една група на приврзаници, особено робови и сиромашни лица. Охрабрен од успехот на овие лични обиди, преземал нови мерки и почнал јавно да го проповеда исламот. Ги повикал роднините на еден состанок и ги поканил да ја прифатат новата вера. „Ниеден Арап“ рекол тој „не и понудил на својат нација повредни принципи отколку јас вам. Ви го донесувам она што ќе ве направи среќни на овој и на оној свет. Кој од вас ќе ми помогне во ова?“ Сите биле тивки. Единствено Али, со ентузијазам на момче извикал: „Пратенику на Бога, јас ќе ти помогнам“. После ова присутните почнале да се растураат со потценувачка смеа.
Мухамед а.с. не се откажал од својата намера поради овој неуспех, туку им се обраќал кога и да му се дала можност, но неговите објави и напомнувања не резултирале со ништо друго освен со исмејување и презир.
Ваков мирољубив начин на проповедање и на убедување Куранот строго го наредува во бројни цитати:
„И стрпи се за она што го зборуваат и оддалечи се од нив, со расчекор пристоен!“ (10:10).
„И остави Ме Мене со лажливците кои поседуваат богатство, и остави ги извесно време!“ (73:11)
„…освен да известам од Аллах и од посланијата Негови.“ (72:23)
„Кажи им на оние кои веруваат да им простат на оние кои не се надеваат на деновите Алахлови во кои луѓето ќе се наградат според она што го спечалија.“ (45:14).
„Па, ако ги свртат плеќите… та, ти само известуваш јасно.“ (16:82).
„И не расправајте со Следбениците на Книгата, освен на најдобар начин, а не и со оние меѓу нив кои неправда направија. И кажете: “Веруваме и во она што ни се објавува и во она што ви се објавува. И нашиот и вашиот Бог е еден Бог; ние сме само Нему Послушни.“ (29:46).
„Па, ако се тргнат на страна Ние не те испративме да бидеш нивен чувар. Обврската твоја е само да известиш.“ (42:48).
„Кога Господарот твој би сакал тогаш сите на земјата ќе веруваат. Е, па, ќе ги присилиш ли луѓето да бидат верници?“ (10:99).
„И за сите луѓе Ние те испративме како радосник и опоменувач, но, ете, мнозинството на луѓето не знаат.“ (34:28).
Такви наредби не се ограничени на поглавјата од Мека, туку исто така во изобилие се наоѓаат и во оние објавени во Медина- новоформираната исламска држава, како што Аллах не известил:
„Во верата нема присилба..“ (2:256).
„Бидете послушни и на Аллах и на пратеникот Негов! Па, ако ги свртите плеќите… пратеникот Наш е задолжен само да извести јасно!“ (64:12).
„Бидете послушни и на Аллах и на пратеникот. Па, ако ги свртите плеќите… та, тој е одговорен за она за што е задолжен.“ (24:54).
„Кажи: ‚О луѓе, јас сум, навистина, ваш опоменувач јасен!‘“ (22:49).
„Ние те испративме, навистина, да бидеш и сведок, и радосник и опоменувач, за да веруваат во Алах и во пратеникот Негов, за да го помогнете, за да Го осознаете достоинството Негово, и за да Го величате и наутро и навечер!“ (48:8-9).
„И постојано, освен мал број од нив, ќе ги гледаш како го изневеруваат Договорот. Па, прости им и оддалечи се од нив! Аллах, навистина ги љуби доброчинителите!“ (5:13).
Извадок: Историја на пропагирање на исламската вера – Томас Арнолд
Comments