top of page
Writer's pictureinfoislam

Највкусната гозба


Јас и внук ми Суат сме на пат за Белгија. Возејќи кон граничниот премин помеѓу Србија и Унгарија, видовме еден човек како оди пеш. Одвај го забележавме бидејќи веќе беше паднал мрак. Му реков на внук ми да запре за да видиме дали му е потребна помош. Пешакот трчајќи не стаса и штом го отворив прозорецот од вратата, тој со плачлив глас не молеше “Food, I need food. I will pay”. Без колебање, излегов од колата и му ја отворив задната врата велејќи му “Selamun alejkum, bismillah, tefeddal” (Мир со тебе, во име на Бога, повели). Средовечниот човек жизнерадосно влезе во колата, а јас најбрзо што можев му наполнив чаша вода. Од преголема радост новостекнатиот пријател, штом ја испи водата, почна да ми ги бакнува рацете. Му реков дека нема потреба, но тој ме прегрна и ме избаци по целото лице. Потоа се напи уште една чаша, па уште една, уште една… Кутриот човек, не можам ни да замислам колку бил жеден.  Веднаш потоа му дадовме и да јаде. Кога се созема, го прашав каде му е групата, ми рече дека патува сам. Бидејќи слабо зборуваше англиски, во разговорот уфрлувавме по некој арапски збор. Се викаше Мусир, жител на Багдад. Ми рече дека целта му е да стигне во Шведска. Од голема благодарност тој сакаше да ми го подари можеби за него највредното нешто што го имаше – бројаниците што му ги оставила мајка му, кои ги носеше околу вратот. Инсистирав да ги земе назад и му реков дека е доволно да му се помоли на Бога за нас. Градот Хоргош, место каде се собираат бегалците, беше на 2-3 километра од автопатот. Му реков дека ќе го превеземе до таму. Од очите му се гледаше дека блеска од радост што некој сака да му помогне.  Попат видовме неколку мали групи од бегалци – значеше дека сме на прав пат. Поминавме покрај поголема група на луѓе кои стоеја покрај пругата, придружувана од полицајци. На стотина метри подолу се разделивме од Мусир – уште имам последици од неговата цврста прегратка.  Бидејќи му ја дадовме сета преостаната храна, а умиравме од глад, решивме да влеземе во Хоргош. Толпата луѓе и полицајците веќе ги немаше кај пругата – видовме една млада бегалка како седи покрај пругата веројатно чекајќи ги другите да и се придружат. Градот беше заспан, тук-таму имаше понекој младич или девојка – сепак саботна вечер е. Влеговме во СП маркетот којшто за среќа не беше затворен и купивме за јадење, само што немаше леб. За наша среќа, меѓу ретките локали што работеа беше фурната “Аурора” во која се родија уште неколку пријателства. Штом влеговме, младата продавачка, уште пред да не праша што ни треба, покажувајќи кон излогот ни рече “This is with cheese” (Ова е со сирење). Мислеше дека сме мигранти и дека бараме храна што не содржи свинско. Откако на српски и кажав дека сакаме да купиме леб, таа на лош српски ни се извини што помислила дека сме мигранти. Барав да платам со картичка и додека таа ми објаснуваше оти немале пост-терминал, нејзиниот газда се вмеша и рече дека нема потреба да платиме. Му се заблагодарив и му дадов моја картичка велејќи му да ме побара доколку го води патот во Скопје. Откако ја погледна картичката, изразот на неговото лице се промени, а јас си помислив “Што ли сторив сега!?”

Газдата ми се обрати на албански јазик “Me siguri ka me tu paraqit” (Сигурно ќе ти се јавам). Се воспостави дека родителите на газдата мигрирале од Призрен во Хоргош пред 42 години и оттогаш го работеле овој семеен бизнис. По краток муабет, излегувајќи од фурната на Абедин, газдата, му се обратија двајца на босански “Mi smo razdijelili 500 hjlebova. Hvala na pomoći”. Не можете да замислите колку бев пријатно изненаден. Дечкиве дошле од Босна да им помагаат на бегалците. Без колебање им пријдов и им се претставив “Ja sam Fatmir Kovači, također kao i vi aktivista, u humanitarnoj organizaciji Legis dole u Makedoniji. Pomažemo migrantina…”.  Адијам Мујчиновиќ и Златан Омерчиќ беа од Зеница. Ме потсетија на нашите активисти дојдени од Холандија, САД, Чешка итн., кои се откажале од сигурноста и удобноста во своите домови за да им помагаат на луѓето кои се во голема мака и неволја, протерани од своите домови… По кратко запознавање, сликање и размена на податоци, се разделивме од Адијам и Златан. Абедин ми потврди дека тие двајцата веќе некое време им раздаваат храна на бегалците, и дека понекогаш и тој учествува во помошта. Сето тоа нималку не ја намали нашата глад – го поканив Абедин да ни се придружи во јадењето. Тој инсистираше да јадеме раат во кујната на неговиот локал. Не се сеќавам кога последен пат сум се гостел вака…

Превземено од Фејсбук статусот на Фатмир Ковачи

0 views0 comments

Comentários


bottom of page