Исламската цивилизација дала многу великани, дали сте знаеле дека меѓу нив е и авторот на најголемата книга во историјата на човечкиот род? Името на тој на многумина непознат исламски научник е Али ибн Акил Ел-Багдади, рахимехуллах, чие дело Фунун е напишано во повеќе од 800 томови! Се надеваме дека после читањето на овој текст ќе посакаме да го следиме неговиот пример и истрајноста на патот на барање на корисна наука. Хафиз Ибн Реџеб ел-Ханбели во првиот том на своето дело ’Зејлу хабекати-л-ханабиле’, зборувајќи за биографијата на Али ибн ел-Багдади вели: „Роден е 431., а се пресели на ахирет 513. година по Хиџра. Беше еден од честитите луѓе на овој свет, еден од најумните меѓу синовите Адемови, човек со голем капацитет кој поседуваше големо знаење од многу научни области.“ Овој научник напишал повеќе од дваесет дела од повеќе научни дисциплини. Најголемо дело му е Фунун, кое според мислењето на повеќе научници, се смета за најголемо дело во историјата на човечкиот род бидејќи има преку 800 томови. Тоа содржи многу скапоцени податоци и напишано е во форма на предавања од областа на тефсирот, фикхот, усулу-л-фикхот, теологијата, синтаксата, јазикот, поезијата и историјата. Во делото се спомнуваат и расправи и состаноци на кои учествувал Ибн Акил, рахимехуллах, како и негови размислувања за бројни теми. Хафиз Зехеби, рахимехуллах, рекол: „На светот не е напишана поголема книга од ,Фунун’. За ова ме извести човекот кој видел уште еден том после четиристотиот том на ова дело.“ Хафиз Ибн Реџеб, рекол: „Имам Ибн Акил секогаш беше зафатен со наука. Имаше способност од највисок степен на размислување и доблест на истражување на таинствените теми. Делото Фунун го посвети на своите мисли и случки од животот.“ Ибн Реџеб, рахимехуллах, рекол: „Некои научници рекоа дека ова дело се состои од повеќе од осум стотини томови.“ (Извор: Ел-Кифти, Инбахур-руват ала енбахи-н-нухат,Дару-л-кутуби-л-мисријје, 1374., 3/79.) Ибн Акил, рахимехуллах, во предговорот на својот ,Фунун’ зборува за убавините и сластите на трагањето по наука, па вели: „Најубава работа на која може да се потроши времето, со која душата е зафатена и се приближува кон Аллах, ’аззе ве џелле, е барање и стекнување наука.
Барањето знаење го изведува човекот од мракот кон светлоста на шеријатот. Она со што мојата душа беше зафатена и со што поминував време беше науката. Продолжувам да ги запишувам сите податоци кои ги употребувам, собирајќи и фаќајќи ја секоја моментална мисла посеана во зборовите на научниците, во книгите, на состаноците на улемата и на собирите на достоинствените луѓе. Додека го работам ова послание, желба ми е само еден дел од честа да премине на мене, бидејќи на овој начин се оддалечувам од незнаењето. Можеби, ако продолжам ќе стигнам до степените до кои стигнале поранешните научници. Занимавањето со наука, иако можеби веднаш не донесува корист, доволно е што го отстранува се она што е причина на залудно трошење на времето и на тој начин го чисти човековиот однос кон тие работи. Го молам Возвишениот Аллах да не не одвои од Вистинскиот пат. Тој ми е доволен, а колку прекрасен заштитник е Тој!“ (Извор: Ебу-л-Вефа ибн Акил, Ел-Фунун, Ел-Мектебету-ш-шаркијје, Бејрут, 1406.) Ибну-л-Џевзи, рахимехуллах, во делото Ел-Мунтазам пренесува: „ Кога се приближила смртта и се појавиле нејзините предзнаци кај имам Ебу-л-Веф ибн Акил, жените почнале да плачат. На тоа тој им рекол: „Пеесет години ставав потписи на фетвите во име на Аллах, ’аззе ве џелле. Оставете ме да се радувам на моето заминување кон Него.“ После преселбата на ахирет, овој голем алим зад себе не оставил ништо друго, освен книги и едно одело кое го облекувал. Оделото вредело толку колку што чинеле кефините во кои бил завиткан. Аллах да му се смилува и да го награди на најубав начин поради неговиот придонес кон науката!
Comments