Дали и ние ги исполнуваме преземените обврски и го чуваме ли она за што ќе бидеме прашани? Дали нашите владетели и имами го исполнуваат своите обврски или водат сметка само за своите права и привилегии? Дали ги чуваме своите семејства или грижата за нивното чување сме ја предале на улицата, медиумите и лошите поединци? Дали нашите жени се чувари во нашите домови или истите повеќе знаат што се случува во Шпанија и Мексико отколку во сопствените куќи? Дали претпоставените водат сметка да не ги оптеретуваат подредените повеќе од тоа што тие можат да поднесат и дали потчинетите ги исполнуваат преземените обврски? Мухаммед, саллаллаху алејхи ве селлем, за оние кои убаво се однесуваат кон своето семејство вели дека се најдобри, па Тирмизи го бележи хадисот: Се пренесува од Аиша, радијаллаху анху, дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „Најдобар од вас е оној кој е најдобар кон своето семејство, а јас сум најдобар од вас кон своето семејство.“ (Тирмизи) Колку само убаво постапувал кон своето семејство Мухаммед, саллаллаху алејхи ве селлем!
На жената е да го уважува мажот, бидејќи тој со Аллахова, џ.ш., помош обезбедува средства за нормален живот на семејството, но и мажот е должен да разбере дека улогата на жената во домаќинството е незаменлива и дека претставува голем еманет, и дека жената е посентиментална и послаба по својата психо-физичка конституција. Мухаммед, саллаллаху алејхи ве селлем, од нас бара убаво да постапуваме кон своите жени, па во хадисот кој го наведува имам Бухари стои: Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „Убаво постапувајте кон жените, бидејќи жената е создадена од ребро! Најкривиот дел на реброто е врвот, па ако се обидеш да го исправиш – ќе го скршиш, а ако го оставиш – ќе остане криво, па убаво постапувајте кон своите жени!“ (Бухари) Многумина од нас не се ни свесни за улогата на семејството во општеството и мислиме дека неговата улога е занемарлива. Поради тоа многу од нас својата улога на родител, која има повеќекратни димензии, не ја исполнуваат како што треба, очекувајќи од други да ни ги решат нашите проблеми. Многумина од нас воспитувањето на своите деца го препуштаат на неморални поединци или институции кои ги трујат тие наши невини суштества, а како нивни чувари ќе бидеме прашани за нив и нивниот морал. Нашата борба за нашите деца во главно е од материјален карактер, бидејќи се обидуваме да им обезбедиме сè што им е потребно на дуњалукот и што ќе посакаат. Секако дека во таа преголема трка забораваме на душата на нашите деца и жени, кои остануваат како празни буриња, во кои одѕвонува она што не чини или недостасува. Аллах,џ.ш., во 72. ајет на сурата Ен Нахл вели: „Аллах за вас создава жени од вашиот вид, а од жените ваши ви дава синови и внуци; и вкусни јадења ви дава. Па зарем тие во лага веруваат, а Аллаховите благодати ги негираат?“ Една од одликата на мумините е и таа што тие му упатуваат дова на Аллах, џ.ш., да им подари добро потомство, за што зборува и 74. ајет на сурата Ел Фуркан: „Господару наш, подари ни во жените наши и во децата наши радост, и направи нe предводници на богобојазните!“ Брачните другари се должни да го темелат својот целокупен живот на ислам и не смеат да ги пречекоруваат своите права и да ги запоставуваат своите обврски. Се поттикнуваме ли едни на други на ибадет? На сопругата е да пази на својот маж, да го поддржува во сето она што е во склад со Шеријатот и да го чува неговиот авторитет, и не смее да го предизвикува и лути. Таа мора да му биде послушна на својот маж и да има на ум дека мажот е тој кој го чува семејството и има обврска за неговото издржување.Таа мора да ја чува својата и неговата чест и имот и да ја одржува куќата. Таа на тој начин е добра сопруга и блага мајка, а жена која ја чува куќата и која е одговорна за децата, го признава доброто кое мажот и го прави и не го негира, како што стои запишано во хадисот кој го запишал Муслим: Абдуллах ибн Омер, радијаллаху анху, пренесува дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „О збир на жени, делете садака и правете многу истигфар, бидејќи најмногу од вас видов меѓу жителите на Огнот“. Една жена меѓу нив рече: „Зашто жените се најбројни меѓу жителите на Огнот, о АллаховПратенику?“ Рече: „Затоа што вие многу колнете и го негирате доброто кое ви го прават вашите мажи. Најмногу со недоволна памет и вера сте вие, од созданијата на кои им е даден памет.“ Запраша: „Што е недоволност на паметта и верата?“ Рече: „Недоволност на паметта е во тоа што сведочењето на две жени е еднакво на сведочењето на еден маж, а недоволност во верата е во тоа што жената ја поминува ноќта не клањајќи и мрси во рамазан.“ (Муслим) Споменатиот хадис се бележи како едно од обраќањата на Мухаммед, саллаллаху алејхи ве селлем, на денот Бајрам, после заедничко клањање намаз. Иманот се јакне со труд и покорност и робување на Аллах, џ.ш., и со убаво постапување помеѓу мажот и жената. Затоа да размислиме за зборовите на Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем: Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, рекол:„Аллах му се смилувал на човекот кој навечер ќе стане и ќе клања (нафила), а потоа ќе ја разбуди сопругата и таа да клања, па ако одбие, ја попрскува со вода во лице! И Аллах и се смилувал на жената која ќе стане ноќе и ќе клања, па потоа ќе го разбуди својот маж, па и тој ќе клања, а ако одбие, ќе го попрска со вода по лицето!“ (Ен Несаи) Кој од нас станува во темно време на ноќта и клања нафила? Кој од нас ја буди својата сопруга поради ибадет во глуво време на ноќта? Кој од нас смее да ја испрска сопругата со вода за да се разбуди поради извршување на нафила? Зар многу од нас не се оддалечиле од Аллаховата, џ.ш., милост и зарем не ни е многу она дуњалучкото поважно од робување на Аллах, џ.ш.? Не е дозволено жената да дава било што од куќата на својот маж без дозвола на мажот или да прави нешто од што нејзиниот маж не е задоволен, како што стои запишано во следново предание: Ебу Умамеел-Бахили пренесува: „Го слушнав Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, во хутбата на Прошталниот хаџџ: Нека жената од куќата на својот маж не дава ништо без негова дозвола!’ беше речено: ;О Аллахов Пратенику! Ниту храна?’ Рече:; Тоа е наш највреден имот…’“ (Тирмизи)
Comments