Луѓето треба максимално да се свесни за своите цели. Не треба да губат надеж дека нема да успеат и не треба да губат надеж во својот спас. Колку и да се големи гревовите треба да сме свесни дека има надеж за покајание. Злото во нас и нечестивиот, ќе се обидува со сите средства да не заведе да изгубиме надеж во својот духовно-морален спас и да ја изгубиме вербата во Бог. Тоа несмее да ни се случи. Мора да ги употребиме сите наши сили и умствени потенцијали за да учествуваме во сопствениот спас. Да не заборавиме да го искористиме најдобриот советник, Опомена испратена по Бог – Куранот Величествен. Губењето на надеж и верба во Бог е еднакво на самоубиство. Затоа, Пратеникот (ﷺ) укажал каков треба да биде еден верник: „Чудна ли е состојбата на верникот, тој е секогаш во добро. Ако му се случи добро тој ќе се заблагодари и ќе му биде добро, а ако му се случи злото ќе се стрпи и пак ќе му биде добро.“[1]
Губењето на надежта и паѓањето во депресија не доведува до мрзеливоста. Сето тоа нè доведува до губиток на духовен елан, песимизам и бесцелност во животот. Пратеникот (ﷺ) нѝ укажал дека тоа е една лоша особина и поради тоа тој често молел: „Аллаху мој, јас барам заштита кај тебе од немоќта и мрзеливоста.“ Таквиот однос раѓа немир, самотија, непокор и конечно води кон заборавање на благодатите дадени од Бог.
На вакво едно чувство биле подложни многу умни глави, почнувајќи од научници, филозофи, уметници, книжевници, кои откако ќе ја завршеле својата цел и откако ќе ги оствареле повеќето свои успеси на крајот од својот живот запаѓале во духовна криза. Таа криза била резултат на недостиг на духовен идеал, на недоволна посветеност и визија. Поради тоа, мотивот да се истражува и учи кај еден верник потекнува од првиот курански цитат: „Читај (Учи)! Читај во името на Господарот кој те создал.. Кој го поучува човекот на она што не го знае! (Куран; Ел Алек 1-5). Верникот е свесен дека учењето и спознанието не прекинува на овој свет. Тоа продолжува и на идниот свет. Учењето не води кон сознанието дека треба да правиме што поголем број добри дела. Не учи да го почитуваме создаденото, да бидеме сериозни во своите постапки и да тежнееме кон повисоки духовни цели. „На тој што прави добро, било маж или жена, а верник е, Ние ќе му дадеме да проживее убав живот и навистина ќе ги наградиме според доброто што го правеле.“ (Ен Нахл, Поглавје 16) Тоа му ја осмислува животната цел и верникот прифаќа да врши богоугодни работи без да добие материјална или морална надокнада од луѓето на овој свет.
Последниот Божји Пратеник (ﷺ) имал основна мисија да го надополни моралот веќе пратен по Пратениците. Затоа тој укажал на голем број морални вредности. Една од најбитите била милоста кон останатите луѓе за која рекол: „Кој не е милостив, ни на него нема милоста да му биде укажана.“[2] На друго место вели: „Милоста не е одземена освен од оној кој е прав несреќник.“[3] Оваа особеност на Мухаммед (ﷺ) ја потенцира Единиот Бог и го наведува во Куранот кога вели: „..а Ние тебе само како милост на световите те пративме.“ (Куран; 21:107) Значи, моралот е врзан со Милоста Божја која е спуштена кон луѓето.
Таа милост постојано се зголемува со чинењето на добри дела. Во една прилика Пратеникот (ﷺ) го запрашале кој вид дела се најдобри. Тој одговорил дека тоа е „молитвата во нејзино време.“[4] Кога еден човек го сретнал Пратеникот (ﷺ) почнал да се тресе од стравопочит кон него, на што Пратеникот му кажал: „Полека човеку, јас не сум никаков крал, јас сум само син на една обична жена од племето Курејш, која јадела обична храна.“[5] Пратеникот (ﷺ) им укажал на луѓето како ќе ги воздигне Семоќниот: „Кога некој е понизен поради Аллах, Аллах ќе го воздигне.“[6] Затоа луѓето треба да си го чуваат својот морал, своето здравје и својата духовна и физичка сила. Ова е нешто основно кое Бог ни го подарил во еден вид на забрани кои ако се почитуваат и физички и духовно ќе ги заштитиме генерациите кои доаѓаат.
Па колку ли само семејства се уништени поради неморал и блуд, колку ли само семејства се уништени поради алкохол и дрога, колку ли само човечки животи се уништени поради наметнување на тиранија, самоволие и постапување спротивно од патот на Божјиот Пратеник. Тој ни препорачал да ги уважуваме правата на луѓето и ни укажал: „Плаши се од Аллах кај и да си, стори добро дело после лошо за да го избришеш и убаво однесувај се со луѓето.“[7]
На крајот доаѓаме до следниот заклучок. Дали муслиманите требаат да се горди што се следбеници на Мухаммед (ﷺ)? Секако! Дали треба да се срамат поради таквиот избор? Никако! Зошто воопшто е потребен срам од оној кој ги воспоставил темелите на денешните цивилизациски норми?! Тој е непресушен извор на инспирација за светот кој сеуште учи од неговите зборови и дела. Зарем има нешто да се приговори на борецот за семејното право, на оној што укажал на правата на жената, на сирачињата. Тој бил најголемиот познавач и толкувач на системот на вредности во свое време и упатувач за времињата кои доаѓале. Неговиот пример се следел и се следи цели 1400 години. Уникатен лидер и Пратеник кој не подучил како да живееме и како да опстане човештвото и цивилизираноста кај луѓето. Сега кога е ранета оваа цивилизација, кога нема повеќе каде да се ориентира цивилизацискиот ток, време е повторно да го земеме неговиот пример. Неговиот убав однос кон луѓето би го подвлекол како императив за сите нас, универзална вредност која ќе ги отвори сите порти на дијалог и ќе ги затвори сите порти на злото. Дијалогот и убавото меѓусебно почитување и уважување ќе изгради подобро општество. Слушањето и разбирањето, наспроти предрасудите и егото. Самокритиката и учењето за другиот и информирањето наспроти незнаењето и критикувањето на туѓото без длабока анализа. Сето тоа се работи кои ќе нѝ ја подобрат иднината, па време е да започнеме да ја градиме онака како нѝ доликува.
[1] Муслим
[2] Бухари и Муслим
[3] Ебу Давуд, Тирмизи
[4] Ебу Ханифа го пренесува преданиеот од Талха ибн Наил, потоа тој од Џабир р.а.
[5] Ибн Маџџе
[6] Муслим
[7] Тирмизи и Ахмед
Comentários