top of page
Writer's pictureinfoislam

Немој да си дозволиш да ги напаѓаш ученити а сеуште Куран не си научил да читаш!

Се сретнав со повеќе браќа муслимани кои зборуваа грди работи за поедини исламски научници. Ги замолив да ми ја проучат сурата Ел – Фатиха. Утврдив дека не се во состојба да учат Куран, но имаат храброст да ја критикуваат исламската улема. На каков тоа само начин ние го следиме учењето на исламот!

Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, во еден хадис кој го бележи Бухари, а го пренесува Осман ибн Аффан, радијаллаху анху, рекол:

„Најдобрите од вас се оние кои учат Куран и другите на него ги подучуваат.“ – „Хајрукум мен те’аллеме – л – Куране ве ’аллемех.“

Зборот – те’аллем во хадисот доаѓа во облик на текеллуф (напор, труд), што значи дека личноста вложила напор за да го научи Куранот, и дека за учењето на Куранот е потребно труд и време. Така во Куранот се спомнуваат и народите пред нас кои се труделе да го применат Тевратот. Аллах, аззе ве џелле, во Куранот тоа го спомнува со зборовите: „хаммилу-т-Теврате“ (во буквално значење: го носеле Тевратот, т.е. наредено им е да постапуваат според Тевратот и на тој пат да се жртвуваат).

Зборот хајрукун спомнат е во хадисот и означува најдоброто меѓу муслиманите. Ова ни укажува на тоа дека успехот, честа, почитта и славата на овој уммет се во Аллаховата Книга.

Откако некој човек примил ислам во времето на Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, прва работа која после верувањето ја учел било Куранот, а после тоа намазот. Затоа ги советувам сите браќа и сестри, после учењето на основите на верувањето и начинот на извршувањето на намаз, да му се посветат на изучувањето на Куранот, и да не се замараат со работи за кои не се компетентни да зборуваат. Така може да си наштетат само на самите себеси, и на никој друг….

Елхамдулиллах, благодарен сум на својот учител кој потекнува од Сенегал. Само што примив ислам (хафизот Вебб преминал во ислам пред 20 години) тој ме грабна и ми рече: „Слушај, научи како да учиш Куран и учи го арапскиот јазик. Немој своето време да го губиш во размислување за другите луѓе и групи.“

Се сеќавам дека тогаш со мене подели и неколку приказни за Сенегал, кои јас вас ќе ви ги раскажам  за да видете колку научниците вложиле труд во стекнувањето на знаење, и каде сме ние во однос на нив…

Прво ми рече: „Во мојот роден град доколку некој учен човек би сакал да се ожени мора пред тоа да биде хафиз на Куранот, да клања барем една теравија на која ќе ја заврши хатмата пред џематот, и напамет да ја познава Муветтата (комплетната збирка на хадиси) на имам Малик.“

Секако дека ова нас ни се чини тешко, затоа што многумина од нас имаат проблем да го научат и теџвидот, но овие критериуми ни покажуваат како во дргите делови од светот се води сметка за стекнувањето на знаење.

Тогаш мојот учител ми рече дека тој го научил Куранот на 10 кираети, и тоа пред својата сестра. Ми рече: „Мојот татко сметаше дека хифзот на Куранот напамет е нешто многу едноставно и се подразбира дека го знам, па не ме учеше на тоа. Тој беше зафатен со подучување на усулу-л-фикх (методологијата на исламското право), арапскиот јазик, хадисите и другите исламски дисциплини.

Татко ми ми рече дека при полагањето на хифзот, за да добијам иџаза, ќе добијам потолно празен бележник. Тогаш добивме рок од две седмици за да во тој бележник го напишам целиот Куран, од сурата Ел Фатиха до сурата Ен Нас, и тоа само врз основа на сеќавањето, без било каква помош. Секој ден морав да напишам одреден број на страници и да ги однесам на преглед кај шејховите. Тие ќе го прегледаа тоа што е напишано и ако направевме само една грешка во целиот Куран, паѓавме на испитот. Само една грешка.“  Го прашав учителот: „Каде е твојата книга во која го забележа Куранот?“ Ми одговори: „Не ја задржуваме кај себе. Ја подаруваме на нашиот мухаффиз.“

И третата случка која ми ја спомна е поврзана со неговиот дедо кој бил муфтија во Сенегал. Еден ден кај него дошла една група на момчиња кои сакале да учат усул-л-фикх. Тој веднаш ги одбил. Го прашале за причината. Тогаш тој ги прашал колку знаат Куран напамет. Одговориле дека знаат 12 џузеви. Тој им рекол: „Почнете со Куранот. Заборавете го учењето на нешто друго  додека не го завршите Куранот.“

Куранот е многу важен и не треба да бидеме кон него немарни. Доколку имате време и на располагање луѓе кои би можеле да ве подучуваат, знајте дека сте одговорни пред Аллах зошто не сте сакале да учете и не сте се труделе. Еден од моите учители, Мухаммед ел Мехди од Египет имаше обичај после сабах да подучува 5 предмети. Престанав да одам на неговите часови, а тој еден ден ми се приближи и ми рече: „Јас на Судниот ден против тебе ќе посведочам дека не сакаше да доаѓаш на предавања.“ после тоа пак почнав да присуствувам на халките!

Затоа да ве прашам, колку од нас сакаат да бидат меѓу Аллаховите одбрани?

Хафиз Шухејб Вебб

0 views0 comments

コメント


bottom of page