top of page
Writer's pictureinfoislam

Нов серијал кој ја објаснува својата верзија за поврзаноста на Исус и Мухаммед

Воопшто не е лесно да се занимава со прашањето за исламот и неговото потекло и притоа да се избегнат актуелностите и темите кои се повторуваат и наметнуваат. Таква храброст покажа документарната серија во седум епизоди на авторот Жерар Мордија и Жером Приер, посветена на големото влијание на христијанството врз исламот, во првите моменти кога беше објавена.

Куранот ја негира божествената природа на Исус, иако го задржува – и брани – безгрешното зачнување. Исто така, тврди дека Исус не умрел распнат. Меѓу другото, документарецот посветува голем простор на ова прашање, потсетувајќи на два ајети (157 и 158) од сурата 4, каде е кажано дека оние кои веруваат дека го виделе месијата на крст се жртви на илузија: „[Распнувањето] им се причинило.“ И покрај тоа, исламот е мошне непопустлив во однос на христијанството, кое го обвинува дека раскинало со строгиот монотеизам (ширк) додавајќи му ги на Бога, Исус и Светиот Дух.

Разликите не се безопасни зашто предизвикуваат многубројни полемики и конфликти. Така, втората цел на трудот на Мордија и Приер е да им дадат збор на истражувачите кои покажуваат дека исламот не е роден за да биде опозиција на христијанството, туку на одреден начин се надоврзува на него, значи се создава како обид за реформа. Впрочем, исламската религија ги продолжува или ги преформулира христијанските доктрини кои постоеле во 7 век. Таков е случајот со докетизмот, ерес од почетокот на христијанството кој ја сметал за невозможна смртта на Исус на крстот. А, местото на Марија во Куранот се расветлува со читање на некои апокрифни текстови, значи оние кои му се спротивставуваат на „канонското“, кои Црквата не ги признава и во кои таа воопшто не се споменува.

На историски план исламот во создавање воопшто не им е непознат на теолошките дебати од својата ера. На некој начин тој ги затвора бескрајните контроверзи за природата на Христос. Истакнатото место на Исус во Куранот овозможува да се насети дека Мухамед им се обраќа на христијаните, не само на политеистите од Мека и арапскиот полуостров, за да ги придобие на своја страна. Меѓу другото, тоа е една од причините – никако единствена – за молскавичната брзина со која христијанското население од Левант ја усвојува оваа нова религија.

Дали исламот изникнал како пресаден исечок од христијанството? Сосема е сигурно дека одговорот изведен од научните и историските аргументи не е можен. Но, јасно е дека, како што тврдат интервјуираните експерти во документарецот, постои однос на „интертекстуалност“ помеѓу исламот и создавањето на христијанството какво што постоело во 7 век.

Документарецот отвора уште еден пат кој може да создаде претпоставки за подеднакво важен, а можеби и поитен меѓурелигиски дијалог. Во муслиманскиот свет раширено е јудеофобно чувство кое се разгорува со судбината на Палестинците, но кое исто така се потпира на одредено читање на Куранот. Затоа, треба да се земе предвид контекстот во кој се појавиле одредени ајети. Кога ги обвинува Евреите дека барале смрт за Христос, Куранот и тогаш ги презема христијанските идеи кои биле мошне раширени во 7 век, идеи кои жилаво ќе опстојуваат уште долго. Ќе треба да се дочека 1963 година за папата Иван 23-ти да ја изговори молитвата: „Прости ни за проклетството кое неправедно им го нанесовме на Евреите. Прости ни зашто со својот грев те распнавме вторпат.“

Исто така, голем број експерти интервјуирани во документарецот потсетуваат дека конфликтот помеѓу Мухамед и две еврејски племиња од Медина – град во кој нашол засолниште по бегството од Мека (Хиџра, 622, значи 12 години од почетокот на објавата) – бил со политички, но и теолошки карактер. На историски план пророкот, следејќи ги Мојсеј и Исус и сметајќи дека ги реформира јудаизмот и христијанството кои во Куранот се сметаат за алтерации во однос на изворната религија, веројатно дошол во конфликт со рабините. Тоа ги наведува овие специјалисти на тврдењето дека книгата не е антиеврејска, туку антирабинска.

Еден век по настанувањето, исламот – сега во полна територијална експанзија – постепено ќе се ослободи од заштитничката фигура на Исус и ќе му даде истакнато место на Мухамед. Разликите во однос на христијанството ќе се продлабочат во текот на векот. Но, јасно е дека е потребно ново читање на Куранот кое ги зема предвид историскиот и социјалниот контекст во кој застанал. Тоа е неопходна етапа за амбициозната егзегеза која би можела да ја обнови исламската мисла. Запрен уште во 11 век, овој иџтихад, или поинаку кажано интерпретација на текстови, која била богата неколку векови по смртта на пророкот во 632 година, денес е само долг итеративен јазол во кој се следат истите коментари на коментарите на светата книга.

Во оваа нужна ревизија можат да ни помогнат уште некои науки: лингвистиката – за детална студија на куранскиот арапски и неговите бројни позајмици во другите јазици, особено сирјачкиот, семитски јазик изведен од арамејскиот – како и антропологијата, се драгоцени оружја. Покрај тоа и археологијата, чии откритија ќе овозможат подобро да се сфати историскиот контекст на објавата – се разбира, под услов Саудиска Арабија да дозволи поголем број истражувања на своето тло. Потоа ќе треба да се популаризираат одлуките кои донесуваат реинтерпретација на куранскиот текст, како оваа документарна серија. Но, можеме да претпоставиме дека тоа нема да се случи без потешкотии.

0 views0 comments

Comments


bottom of page