Овој свет е куќа од која си одиме
Сè што е живо во овој свет ќе умре, што е силно ќе ослабне, што е ново ќе изгние и се изградено ќе биде уништено.
Куранот е полн со ајети и примери кои потсетуваат на краткотрајноста и минливоста на овој свет, па немој и тебе да те заведе и измами. Возвишениот Аллах не известува за судбината на оние кои се бореле само за овој свет, со него се задоволувале и само него го посакувале, а го запоставувале ахиретот, па вели: „На тие што не очекуваат дека пред Нас ќе застанат и кои се задоволни со животот на овој свет, кои на него се смирени и тие кои кон нашите докази се рамнодушни, – престојувалиштето нивно џехенемот ќе биде, поради тоа што го правеле.“(Јунус, 7-8)
„На тие што го сакаат животот на овој свет и убавините негови, Ние ќе им ги дадеме плодовите на нивниот труд и на него нема ништо да им се ускрати. – Нив на оној свет само оган ќе ги гори; таму нема да имаат никаква награда за тоа што на Земјата го правеле и залудно ќе им биде сe што направиле.“ (Худ, 15-16)
Во Сахихот (збирката) на Бухари и Муслим се бележи веродостоен хадис на Аллаховиот Пратеник, нека е Божјиот мир над него: „Овој свет во споредба со ахиретот е како потопувањето на прстот во морето на некој од вас, па нека види колку вода ќе излезе на прстот кога ќе го извлече од водата.“ Во друг хадис, Пратеникот, а.с., рекол: „Овој свет е затвор за верникот, а џеннет за неверникот.“ (Муслим) Во трето предание, Аллаховиот Пратеник, а.с., вели: „Овој свет (дуњалукот) да вредеше кај Аллах колку крило од мушичка, не ќе им дозволеше на неверниците на него да се напијат голтка вода.“ (Ет Тирмизи)
Хасан ел Басри, му напишал на Омер, р.а.: „Овој свет е куќа од која се селиме, а не куќа за останување. Адем, а.с., е спуштен на него по казна и на него е да ја дослужи таа казна. Затоа, владателу на правоверните, добро чувај се од него. Ако сакаш вистинско снабдување, остани подалеку од овој свет, а ако сакаш богатство, тоа е кај оние кои имаат малку од овој свет. Снабденоста е во оставањето на овој свет, а световното богатство е сиромаштија. Овој свет ги понижува оние кои го воздигнуваат и го прави сиромашен оној кој го собира; овој свет е како отров што го јаде оној кој не го знае, а во него е неговото уништување. Затоа, чувај се од таа лажна и измамничка куќа и биди внимателен.
Секоја световна радост е помешана со тага, а чистота со нечистотија. Ако Создателот не објавеше ништо за овој свет и не дадеше никаков пример, повторно немарните би требале да се освестат и разбудат од својот сон, а какво будење би требало да се случи откако Возвишениот Аллах издал сериозно предупредување за овој свет.
На нашиот Пратеник, а.с., му се понудени клучевите на световните богатства, а тој одбил да ги земе, бидејќи тој не го сака она што Неговиот Создател го презира, ниту го смета за вредно она што кај Аллах е безвредно.
Возвишениот Аллах од Својата милост ги поштедил добрите луѓе од овој свет, а на неверниците им го дал овој свет за да ги измами. Па зарем оној што е заведен од овој свет мисли дека завладеал со него и дека со тоа е почестен?! Зарем да заборавиме како Возвишениот Аллах постапувал со Пратеникот, а.с., кој – поради глад – ставал камен на појасот. Се колнам во Аллах, никому од луѓето не му е дадено световно богатство а тој да не стравувал дека тоа е замка во која би можел да падне, ако тоа не бил малоумен човек.“
Осудувањето на овој свет не се однесува на она што Аллах го создал од храната, пијалокот и богатството, туку тие осуди и закани се однесуваат на постапките на синовите Адемови кои се поврзани за овој свет. Презрени се и заслужуваат казна оние што се воздигнуваат со овој свет, оние кои ги завел и спречил во покорноста кон Аллах, па направил да заборават на ахирет. Таков беше народот Ад кој на Аллаховата казна ги потсетувал нивниот пратеник Худ, а.с.: „(Народот) Ад без никаква основа на Земјата се вообрази: „Кој е посилен од нас?“ – говореа. А зарем не знаеја дека Аллах, Кој ги создаде, е посилен од нив? – а и доказите Наши ги негираа.“ (Фусилет, 15)
Таков беше и фараонот кого го опоменуваше Муса, а.с.: „И фараонот му се обрати на народот свој: „О, народе мој,“ – рече тој – „зарем не ми припаѓа мене царството во Египет и овие реки кои под мене течат – сфаќате ли?“ (Зухруф, 51)
Таков беше и Карун кому Возвишениот Аллах му даде огромно богатство: „Карун од Мусаовиот народ беше, па ги измачуваше, а му дадовме толку богатства што клучевите од него тешко би можеле да ги носат и еден куп силни луѓе. „Не биди неблагодарен, затоа што Аллах не ги сака неблагодарните!“ – му говореа луѓето од народот негов – „И настојувај со тоа што Аллах ти го дал, да го стекнеш оној свет, а не заборавај го ни својот дел на овој свет и прави им добро на другите, како што тебе Аллах добро ти направил, и настојувај да не правиш безредие на Земјата, затоа што Аллах не ги сака безредниците. -„Ова што го имам дадено ми е само врз основа на тоа што Аллах знае дека јас сум достоен за тоа, така јас мислам.“ – говореше тој. А зарем не знаеше дека Аллах пред него уништи некои народи кои беа посилни од него и кои насобраа повеќе, а злосторниците за своите гревови нема ни да бидат испрашувани.“ (Ел Касас, 76-78) Карун тврдеше дека богатството го стекнал благодарение на неговата остроумност и снаодливот, односно дека заслужно го стекнал. Оној кој така гледа на овој свет, кој поради богатство се вообрази, почне да прави неред на земјата и заборави на ахиретот, тој е презирлив и заслужува Аллахова казна. А оној кој дуњалукот го стекнува на дозволен (халал) начин, со него се помага во покорноста на Аллах и богатството не го прави арогантен не прави неред на земјата, тој заслужува Аллахова награда. Аллаховиот Пратеник, нека е Божјиот мир над него, рекол: „Прекрасно е доброто богатство во рацете на добриот човек!“ (Имам Ахмед и Ел Хаким)
Срцата да се насочат кон идниот свет
Во друг хадис Аллаховиот Пратеник, нека е Божјот мир над него, рекол: „Овој дуњалук му припаѓа на еден од четворицата: човекот на кого Алах му дал богатство и знаење, богобојазен е во однос на богатството, постапува според тоа знаење, со тоа богатство ги одржува роднинските врски и знае дека Аллах има право во тоа богатство. Тој го има најголемиот степен; човекот кој има знаење, но нема богатство, па искрено вели: ’Кога би имал богатство, јас со него би постапувал како оној.’ Овие двајца имаат иста награда; човекот кој има богатство, но нема знаење, со богатството постапува без знаење, не е богобојазен, не ги одржува роднинските врски и не знае дека Аллах има Свое право во богатството. Неговиот случај е најлошиот; и човекот на кого Аллах не му дал ниту знаење ниту богатство, и вели: ’Да имам богатство, би грешел со него како што греши тој и тој.’ Неговата награда ќе биде согласно со неговата намера и тие двајца ќе имаат ист грев.“ (Имам Ахмед, Тирмизи)
Дуњалукот многумина ги забавил и одвратил од ахиретот. Некои се преокупирани со собирањето на богатство и неговото зголемување, а при тоа занемарувајќи го она што Возвишениот Аллах ги обврзува, од намазот и другите дела, други им му се предале на неговите задоволства задоволувајќи се со што им стремат нивните души и поради тој луксуз забораваат на ахирет до тој степен што го презираат сеќавањето на него. Тие повикувањето кон скромност на овој свет и поттикнувањето на работа за ахирет го сметаат за одвишен и нивните срца целосно се свртени кон овој свет, а оној свет го запоставуваат.
Браќа и сестри, плашете се од Аллах и подготвувајте се за средбата со Него: „А кој се надева на средбата со Аллах, па од Аллах одреденото време ќе дојде, а Тој сe слуша и сe знае! – А тој што се бори – само за себе се бори, навистина, Аллах е независен од сите светови.“ (Ел Анкебут, 5-6)
Оној што го запознал дуњалукот и неговите благодати во кои ужива, тој е свесен дека по секоја дуњалучка благодет доаѓа неволја и после секоја блиска врска разделба. А оној кој го знае тоа и знае колку вреди самиот, него не може ништо да го одврати од ахиретот. Од Ибн Омер, р.а., се пренесува дека рекол: „Аллаховиот Пратеник, а.с., ме фати за рамото и ми рече: Биди на овој свет како странец или патник.“ (Ел Бухари)
Ибн Омер, р.а., имал обичај да каже: „Кога ќе замрачиш, не се надевај дека ќе го дочекаш утрото, а кога осамнеш, не се надевај дека ќе ја дочекаш вечерта. Искористи го здравјето пред болеста и животот пред смртта.“ Ибн Реџеп, рхм, рекол: Овој хадис упатува на кратката надеж во овој свет. Верникот не треба да го смета дуњалукот за постојано живеалиште во кое ќе се чувствува убаво, туку на него треба да се однесува како патник кој наскоро ќе продолжи со своето патување. Во истата смисла пратениците и нивните следбеници ги изрекле своите опораки. Оваа порака Ибн Омер, р.а., ја слушнал од најдобриот учител и педагог, и таа нашла на плодно тло, ја примило и разбрало чистото срце, и според неа делуваше и често говореше: „Кога ќе замрачиш, не се надевај дека ќе го дочекаш утрото, а кога осамнеш, не се надевај дека ќе ја дочекаш вечерта. Искористи ги здравјето пред болеста и животот пред смртта.“
Да, тоа е суштината на дуњалукот, па така на него треба и да се однесува. Еден човек влезе во куќата на Ебу Зер, р.а., и почнал да разгледува, а потоа прашал: „Ебу Зер, каде ти се куќните предмети и намештај?’ Тој рече: ’Ние имаме друга куќа и наскоро ќе се преселиме во неа. Човекот му рече: ’Но, вие мора да имате работи и овде, додека сте тука!’ Ебу Зер, рече: ’Сопственикот на куќата не сака да не остави овде.“ Еден негов современик, во писмото кое го испратил на брат му, напишал: ’Брате мој, тебе ти се чини дека на овој свет имаш место на постојан престој, а ти си само гостин, кого итро го одведуваат. Смртта ти доаѓа во пресрет, а дуњалукот истекува и неговите станици неповратно течат. Денот од твојот живот кој ќе помине никогаш нема да се врати. Колку од луѓето не го дочекуваат крајот на денот, колкумина нема да го дочекаат утрешниот ден, на кој се надеват!“
Затоа, верникот од овој свет зема само снабдување за ахирет и поука од оние коишто биле со него па се преселиле на другиот свет, а мудар е оној кој зема поука од другите. Од Аллах барам прошка за себе и за вас, па и вие барајте да ви прости, затоа што Тој многу простува и милостив е.
Comments