top of page
Writer's pictureinfoislam

Очекувајте ја ноќта на Одредбата и во последната ноќ на Рамазан

Од Зирр б. Хубејш, Аллах да му се смилува, се пренесува дека рекол:„Го прашав Убејј б. Ка’б, радијаллаху анху:

Твојот брат Ибн Месуд вели: Оној кој цела година ќе клања ноќен намаз, ќе ја погоди Ноќта кадр?

nebula

Тој рече: ,Аллах да му се смилува, сакав луѓето да не се опуштат и да не станат немарни. А тој знае дека таа е во рамазан и тоа во последните десет ноќи, и дека е тоа дваесет и седмата ноќ.’ Потоа се заколна категорички тврдејќи дека е тоа дваесет и седмата ноќ. Го прашав: ,Врз основа на што го тврдиш тоа, Ебул-Мунзир?’ ,Врз основа на еден знак за кој известил Аллаховиот Пратеник, саллаллаху алејхи ве селлем, а тоа е дека сонцето тоа утро излегува не распростирајќи ги своите зраци.’“ Бележи Муслим.[1]

Во верзија на овој хадис кој го забележал Ахмед, се вели: „…дека сонцето тој ден излегува не распростирајќи ги своите зраци и изгледа како сад.”[2]

Во преданието кое го бележи Ет-Тирмизи се наведува дека Убејј, радијаллаху анху, рекол: „Се колнам во Аллах, Ибн Месуд знаел дека таа ноќ е во рамазан и дека е тоа дваесет и седмата ноќ, но не сакаше за тоа да ве извести за да не се опуштите.”[3]

Од Муавија, радијаллаху анху, се пренесува дека Веровесникот, саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „Ноќта Кадр е дваесет и седмата ноќ.“ Го бележи Ебу Давуд.[4]

Од Абдуллах б. Аббас, радијаллаху анхум, се пренесува дека некој човек дошол кај Веровесникот, саллаллаху алејхи ве селлем, и рекол: „Аллахов Пратенику, саллаллаху алејхи ве селлем, јас сум стар и болен, тешко ми е да стојам на намаз, па препорачај ми ноќ во која ќе клањам и Аллах да ми даде тоа да биде Ноќта Кадр.“ „Држи се до седмата!“ [5], му рекол Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем. Го бележи Ахмед.[6]

Поуки и прописи

Првите генерации на муслимани, Аллах да им се смилува, внимателно ја искористувале секоја прилика да дознаат кои се тие одбрани дела и посебно вредни денови за да во нив се потрудат во ибадетот.

На учениот му е дозволено да сокрие дел од знаењето ако во тоа види одредена полза, како страв луѓето да не се опуштат и да ги намалат своите добри дела.

Од хадисот се сознава дека на човек му е дозволено да се заколне за она во што е убеден и за што го смета за поисправно.

Од хадисот дознаваме дека еден од знаците на Ноќта Кадр е сонцето кое наутро, после таа ноќ, излегува бледо, без вообичаеното распростирање на зраците.

Во посебно вредни и одбрани денови, како што е во последните десет денови на рамазан во кои се бара Ноќта Кадр. Муслиманот треба да се ослободи од сите обврски и да се посвети на ибадет, за да со малку труд постигне голема награда и добро.

После се наведено можеме да констатираме дека Ноќта Кадр се поместува и дека секоја година може да биде во друга ноќ, но најверојатно е дека се наоѓа во дваесет и седмата ноќ, како што, заколнувајќи се, тоа го тврдел Убејј б. Ка’б, радијаллаху анху.

Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, му рекол на болниот старец дека Ноќта Кадр се наоѓа во дваесет и седмата ноќ на рамазан, но, тоа не е во спротивност со други хадиси кои велат дека Ноќта кадр се наоѓа и во другите ноќи, бидејќи Веровесниковиот, саллаллаху алејхи ве селлем, исказ се однесувал на таа година во која му е поставено прашањето. На овој начин може да ги ускладиме наизглед спротивните хадиси за ова прашање.

Барањето на Лејлетул кадр во последната рамазанска ноќ

Од Ујејн б. Абдуррахман се пренесува како неговиот татко му кажувал дека Ноќта Кадр е спомената кај Ебу Бекрет, па тој рекол: „Врз основа на она што го слушнав од Аллаховиот Пратеник, саллаллаху алејхи ве селлем, јас ја исчекувам само во последните десет ноќи. Јас го слушнав како вели: ,Барајте ја во деветте преостанати, или во седумте преостанати, или во петте преостанати, или во трите преостанати, или во последната ноќ.’“ Ебу Бекрет дваесет ноќи рамазан клањал како и во другите ноќи во текот на годината, а кога ќе настапела последната третина на рамазан, посебно се трудел. Хадисот го бележи Ет-Тирмизи и вели дека е хасен сахих.[7]

Муавија б. Ебу Суфјан, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот Пратеник, саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „Исчекувајте ја Ноќта Кадр во последната ноќ.“ Го бележи Ибн Хузејм.[8]

Поуки и прописи

1. Ноќта Кадр се наоѓа во последните десет дена на рамазан и тоа најчесто во непарните. Можно е да биде и во парните ноќи ако се земе во предвид дека „преостанатите ноќи“, спомнати во наведениот хадис, се парни кога месецот рамазан е потполн и има триесет дена. Тоа е една од причините што муслиманот треба да ја бара и исчекува во сите десет ноќи.

2. Хадисот укажува на тоа колку асхабите, радијаллаху анхум, се грижеле и се труделе да ја погодат Ноќта Кадр и да ја поминат во ибадет.

3. Ноќта Кадр во некои години може да биде во последната ноќ на рамазан бидејќи многу хадиси укажуваат на тоа дека таа се преместува од година во година.

4. После дваесет и деветтата ноќ, кога имамот ќе го заврши хатмето на Куранот[9], муслиманот не треба да попушти во ноќниот намаз и во учењето на Куранот, бидејќи тој со своите ибадети ја бара и исчекува Ноќта Кадр, а таа може да биде и во последната ноќ на рамазан.

[1] Муслим, 762, Ебу Давуд, 1378, Ет-Тирмизи, 3351, и Ахмед, 5/130.

[2] Ова предание го бележи Ахмед, 5/130, а Ибн Хиббан, 3690, го оценил за веродостојно.

[3] Ова предание го бележи Ет-Тирмизи, 793, и вели дека е хасен сахих.

[4] Ебу Давуд, 1386. За веродостоен го оцениле Ибн Хиббан, 3680, и Албани во делото Сахих Еби Давуд.

[5] Односно, седмата ноќ на последната третина на рамазан. (оп. прев.)

[6] Ахмед, 1/240, Ел-Бејхеки, 4/312, Ет-Таберани, Ел-Кебир, 11/311, бр.11836. Ел Хејсеми во Меџмеуз-зеваид, 3/176, вели: „Го бележи Ахмед, а неговите пренесувачи се пренесувачи на Сахих.“ Шејх Ахмед Шакир, 2149, го оценил за веродостоен.

[7] Ет-Тајалиси, 881, Ахмед, 5/39, Ет-Тирмизи, 794, Ен-Несаи, Ел-Кубра, 3403, Ел-Беззар, 3681, и Ет-Таберани, Муснеду Шамијјин, 1119.

[8] Ибн Хузејма, Сахих, 2189. Албани го оценил веродостоен, Ес-Силсилетус-сахиха, 1471.

[9] Се мисли на хатмето кое имамот ќе го проучи во текот на теравија – намаз, што е пракса во многу џамии ширум исламскиот свет.

Извор: Минбер.ба

0 views0 comments

Comments


bottom of page