„Тие на коишто им ја дадовме Книгата го познаваат (Мухаммед) како што синовите свои ги познаваат, но некои од нив навистина свесно вистината ја прикриваат.“ (Куран; 2:146)
Навистина, христијаните знаеле од своите ракописи и усни преданија дека треба да дојде очекуваниот Пратеник. Суштината на тоа ни ја покажуват писмата кои Мухамед им ги праќал на големите владетели од своето време. Вредно е да се спомене дека се испраќани гласници со намера да ги повикаат во ислам сите народи. „Утре рано дојдете ми сите“, вака им напоменал Божјиот Пратеник Мухаммед на своите придружници. По утринската молитва тој се свртел кон нив и едниот го испратил на едната, а другиот на другата страна.
„Бидете правични во вашите постапки со Божјите робови, бидејќи Бог ќе ги затвори Рајските порти пред оној кој нема правично да постапува во работите кои му се доверени, а кои се однесуваат на човештвото. Немој да бидете како придружниците на Иса (Исус), синот на Мејрем (Марија), бидејќи тие отишле само кај ближните, а подалечните ги занемариле“, им рекол во таа прилика Мухаммед а.с. За гласници кои Мухаммед ги испраќал, биле одбирани оние што го владееле јазикот на народот на кој му биле испратени. При крајот на шестата година по Хиџра (т.е. 628 г.), Божјиот Пратеник, Мухаммед, мир над него, им напишал писма на кралевите со кои ги повикал во ислам. Писмата биле заверени со печат, односно со неговиот сребрен прстен на кој било изгравирано: Аллах, Ресул, Мухаммед. Божјиот Пратеник, ги избрал најучените и најспособните луѓе меѓу асхабите да бидат негови претставници. Кога на Пратеникот му спомнале за ова, тој им рекол: „Ова е една од најголемите должности кон Бог во поглед на Неговите слуги.“
„Ние не сме пратиле ниту еден Пратеник кој не зборувал на јазикот на народот свој, за да му објасни. А Аллах го остава во заблуда тој кого Тој сака и го упатува на Вистинскиот пат тој кого Тој сака; Тој е Силен и Мудар.“(Куран, Ибрахим, 4)
И Аллах вели:
„Ние те пративме со Вистината, радосни вести да носиш и да опоменуваш; а нема народ на кого не му дошол тој што опоменува.“ (Куран; Фатир, 24)
Во тие писма често бил цитиран овој ајет:
Кажи: „О, следбеници на Книгата, дојдете да се собереме околу зборот, и нам и вам заеднички, никого освен Аллах да не обожуваме, ништо да не Му здружуваме, и едни со други, покрај Аллах, за божества да не се сметаме!“ Па ако не се согласат, вие кажете: „Бидете сведоци дека ние сме муслимани!“ (Куран; 3:64)
Многумина христијански верници и челници, како и делегации доаѓале да го посетат Пратеникот Мухаммед со намера да го прифатат или одбијат исламот. Сите тие биле доказ дека христијанските учени и христијанските великодостојници биле известени за доаѓањето на овој голем Пратеник. Селман Персијанецот, Варака ибн Науфл, монахот Бехира, Неџашија, Мукавкис, Ираклиј, неџранските христијани се само дел од оние христијани кои посведочиле за исправноста на Мухаммед алејхи селам.
Comments