Во денешно време, муслиманите се многу честа мета на обвинувања од страна на нивните соседи, Евреите и христијаните, дека исламот поттикнува (дозволува) насилство, тероризам, милитантност и слично.[1] Муслиманите веруваат дека на сите народи им се испратени Пратеници од Бог и дека Објавите се доставени до секоја нација, дека пораките и Верозаконите на сите луѓе биле наменети за одреден временски период и со просторно-локален карактер. Со тоа тие подлежат на менување со текот на времето. Крајниот печат на тие закони дошол со универзалниот Божји Пратеник, Мухаммед (ﷺ) и со последното и универзално откровение – Куран, кој е заштитен од промени кои се однесуваат до Судниот ден (како последно Божје Откровение). Затоа, можеме да видиме во тековната верзија на Стариот Завет, која му се припишува на Муса (Мојсеј) – како некој кој е задолжен со многу строги прописи во врска со војната. Но, и самиот Иса (Исус) според ранохристијаните[2] бил очекуван како Месија кој требало да поведе вооружен бунт против Римската империја.[3]
Едно од дискредитирањата кон Пратеникот Мухаммед (ﷺ) е начинот на кој тој ги водел воените дејствија. Она што треба да го знаеме е дека објавата на Куранот траела цели дваесет и три години. Првите тринаесет години на Објавата, муслиманите во Мека живееле како малцинство во еден идолопоклонички систем. Тие секојдневно биле изложени на многу големи притисоци. Врз големиот број муслимани се вршени физички тортури, некои биле убивани, многу куќи и имоти биле ограбени, постојано биле соочени со навреди и закани. Меѓутоа, муслиманите продолжувале да живеат без прибегнување кон употреба на сила. Откако неверничките притисоци достигнале точка на нетолеранција, муслиманите формираат своја управа со преселување во Јасреб (денешна Медина), во кој владеела слободна и пријателска aтмосферa. Но, иако формирале свои политички устројства сеуште не се впуштале во војна против агресивните идолопоклоници од Мека. Меѓутоа, откако им била спуштена Објава да се бранат од оние кои ги напаѓаат, Мухаммед, (Божји мир врз него) дал налог на своите следбеници да се подготват за претстојните воени дејствија.[4] Ако обрнеме внимание може да забележиме дека војната настанала како метод кон кој се прибегнало со цел одбрана на муслиманите. Муслиманите биле протерани од своите вековни огништа и им била сторена огромна неправда. Заедницата на муслиманите била на пат да исчезне доколку останела пасивна. Семоќниот Бог нареди: „И борете се на Божјиот пат, против оние кои се борат против вас, но вие не oтпочнувајте борба! – Аллах, навистина, не ги сака оние кои започнуваат кавги“ (Ел-Бекара, 190). По објавувањето на овој курански стих се случиле голем број битки меѓу муслиманите и Арапите идолопоклоненици. Сепак, во ниту една од овие битки, муслиманите не биле страна која прва отпочнувала со судир.
Иако не било во поволност на муслиманите, со прифаќањето на мировниот договор (договор на Худејбија), Мухамед, (Божји мир врз него) обезбедил мир и сигурност. Идолопоклониците повторно го прекршиле договорот и тоа била причина за почеток на една нова војна.[5] Меѓутоа, со брзото зголемување на бројот на муслиманите, муслиманската војска станала толку силна што арапските идолопоклоници не можеле да се спротистават. На крајот, Мухаммед, (Божји мир врз него) со својата војска тргнал и ја ослободил Мека. За време на ослободувањето на Мека немало пролевање на крв, на ниту еден човек не му било сторено ниту едно зло или непријатност. Ако сакал, Мухаммед, (Божји мир врз него) можел да им се одмазди на идолопоклоничките лидери од Мека. Импресионирани од ваквиот висок морал и карактер, паганите, подоцна доброволно го прифатиле исламот.
При сите војни и освојувања за време на животот на Мухаммед, (Божји мир врз него), многу прецизно се штитени правата на невините и беспомошните. Мухаммед, (Божји мир врз него), често ги потсетувал верниците со следните зборови: „Одете во поход, во согласност со Пратениковата вера! Постарите, жените и децата не ги допирајте! Бидете оние кои се благонаклонети и милостиви. Aллах, Семоќниот, ги сака искрените.” Мухаммед, (Божји мир врз него) во друго предание го истакнува следново: „Не убивајте деца! Не се осмелувајте да ги допрете оние кои вршат молитва во нивните цркви! Не убивајте жени и стари! Не палете и не сечете ги дрвата! Не уништувајте ги куќите!” Пред да отпочне војната и воените дејствија Мухаммед (ﷺ), укажал на изворот на неправдата и злото: „Плашете се од насилството (неправдата), бидејќи насилството е темница и мака на Судниот ден. Чувајте се од скржавост и алчност, бидејќи таа ги упропастила народите пред вас и ги натерала на меѓусебно крвопролевање; да го направат дозволено она што било забрането и да го прават она што е забрането.“[6] Од тоа и од многу други курански цитати станува јасна забраната на употреба на прекумерната сила и претераноста во војувањето, нешто што е денес принцип во сите кодекси на војување.[7]
Умереноста и мирољубивата политика на Мухаммед, (нека е Божји мир врз него), произлегува од темелот на исламот, за кој семоќниот Бог изјавува во Куранот: „Аллах не ви забранува да правите добро и да бидете праведни кон оние кои не се борат против вас заради верата и кои од вашата татковина не ве гонат – Аллах навистина ги сака оние кои се праведни“ (Куран; Ел-Мумтехине, 8). Споменатиот цитат го дефинира односот на муслиманите кон немуслимани. Во еден друг Курански цитат Семоќниот Бог дури ги предупредува верниците и им соопштува дека омразата што ја чувствуваат кон непријателите на исламот никако нека не ги доведе во состојба да постапат неправедно: „О верници, извршувајте ги должностите кон Аллах, и праведно сведочите! Нека омразата што ја имате кон некои луѓе не ве наведе да бидете неправедни! Бидете праведни тоа е најблиску до честитоста и плашете се од Аллах, бидејќи Аллах добро го знае она што го правите!“ (Ел-Ma’идa, 8). Правдата е најголем човечки стремеж. Никој од нас несмее да заборави на она што не подучил Пратеникот, (ﷺ): „На оние кои што се милосрдни, ќе им се смилува Милостивиот. Бидете милостиви со оние коишто се на Земјата, па ќе ви се смилува Оној кој е на небото.“ (Тирмизи и Ебу Давуд) Окото на мислоста е подобро од окото на омразата. Омразата е фактор кој раѓа непријателство и штета, милоста раѓа разбирање и сомилост.
Сепак, најголемите цивилизациски мостови ги граделе и војсководците како Александар Македонски, Џингис Кан, Наполеон, Тимурленк и слично. Тие иако воделе воени кампањи, оставиле печат врз истријата и врз цивилизациските норми и принципи. Со тоа сме свесни дека војните ниту престанале ниту ќе престанат во иднина. Тие произлегле од самата природа на човекот и неговата желба за доминација, моќ и наметнување на сопствени идеи. Алберт Ајнштајн кажал: „Војните ќе престанат кога луѓето ќе одбијат да се борат во нив“. Она што е предност на исламот е тоа што дава точни и прецизни упаства како треба да се однесува секој поврзан со борбените дејствија. Исламот ја потенцира потребата за правилно водство и упаство и како и во борба да се исполнат праведните цели и честити слогани.[8] Најголемата цел е праведниот мир и општественото добро и хармонија како меѓу луѓето така и во односот кон Бог.
[1] Исламската(муслиманска) јавност на светската сцена е во неоправдано пасивна и дефанзивна улога. Замислете какви би биле реакциите доколку околностите со кои се самоубил пилотот на Алпи би биле до влакно исти, но името на пилотот различно. Не би се прашувале луѓето, дали бил болен, ниту зошто бил несреќно заљубен, туку веднаш би бил прогласен за терориста, а самиот настан би бил искористен за нова жестока анти-исламска кампања на светско ниво. Реисите и имамите на големо би гледале да се дистанцираат и да се оправдаат, додека во името на христијанството никој не се дистанцирал ниту од Брејвик, ниту од Холокауст, а во двата случаеви сторителите во голема мерка се повикувале на христијанство. (заб. проф. Ферид М.)
[2] Во последната книга на авторот „Од Исус до Мухаммед“ може подетално да се запознаете со мисијата на Исус и ранохристијанскиот период.
[3] Како што вели во Евангелието по Лука: Глава 19 цитат бр. 27 каде Исус вели: „ А оние мои непријатели, што не сакаа да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене! “
[4] Им се дозволува одбрана на тие што од други ќе бидат нападнати, бидејќи им се врши насилство – а Аллах е навистина кадарен да им помогне. На тие кои ни криви ни должни од домовите свои се протерани, само затоа што говореа: „Наш Господар е Аллах! “(Куран; 22:39,40)
[5] Исто, забрането е откако е склучен мир, истиот да се прекршува и да се биде оној кој прв прекршува дадено ветување: „Ако тие ве остават на мира и не се борат против вас, туку ви понудат мир, тогаш Аллах не ви дава пат против нив.“ (Ен Ниса, 90)
[6] Муслим
[7] Таквите верзии на теорија на праведна војна ги разработил Мајкл Валцер во својата книга Праведни и неправедни војни. Walzer, Michael, 2000.: Just and Unjust Wars, Basic Books, New York
[8] Пример за ова е слоганот „Слобода или смрт“ на македонските револуционери.
ความคิดเห็น