Европа својот идентитет не смее да го гради само на христијанството и јудизмот туку во него мора да го вткае и исламот кој според мислењата на поедини интелектуалци, но и историски факти, на нејзините простори стигнал неколку стотина години пред споменатите религии.
Но, зошто Европа денес не сака да сфати дека и исламот како и христијанството се две вери кои мораат меѓусебно да се почитуваат? За тие теми како и за раширената исламофобија на Стариот континент се разговараше во Бар на промоцијата на книгата „Исламскиот идентитет на Европа“.
Иако историските факти говорат дека исламот далеку порано, околу 800-ти години на новата ера дошол на балканските простори пред христијанството, кое дошло околу 1200 година, во денешната Европска унија не сакаат да прифатат дека во приказната за идентитетот на Стариот континент мораат да се почитува и христијанска Европа исто како и исламска Европа.
Авторот на книгата „Исламскиот идентитет на Европа“ и доскорешен претседател на Бошњачката академија на науки и уметности проф. Д-р Ферид Мухиќ вели дека никој во исламскиот свет не бара реваншизам за таквиот однос кон исламот во Европа туку само прифаќање и уважување на фактите дека исламот има важно влијание на европскиот развој и покрај обидот за промоција на христијанскиот ексклузивитет на европските вредности.
Но, во минатото, како и денес, да се биде муслиман во очите на Европа не е најпосакувана работа. Тоа професорот Мухиќ иронично го прикажа во приказната за своето растење кога имал 9 години и кога прв пат слушнал за јакиот, храбар, од една и превртливиот и подмолен од друга страна.
„Видов дека, за жал, спаѓам во онаа втора категорија – на превртливи и подмолни на кои секој има право да им удри чврга и чија вера е срамна. Срамна или ако сакате бесрамна и тоа е еден од ретките зборови кај кои и позитивот и негативот значат исто. Значи во тој контекст сфатив дека живеам во свет во кој јас не само што сум принуден да бидам дефанзивен туку сум принуден да се чувствувам и да покажувам дека сум и дека го прифаќам тоа чувство како јавно манифестирање –дека сум инфериорен“, вели Мухиќ.
Соживотот и уважувањето немаат алтернативи, а исламот како религија е клучен елемент на една најдобра традиција – традиција на толеранција кон сите оние кои доаѓаат од другите вери или религии. Но, веќе подолго време се засилуваат негативни ставови кон исламот и муслиманите во Европа но и во целиот свет.
Долгорочно, клучниот ефект на актуелната бегалска криза ќе се одрази врз рецепцијата на Европа во однос на сопствениот културен идентитет. Идеолошки наметната флоскула за Европа како “христијански културен континент“, ќе биде разнишана од темел. Имено, веќе цели 14 столетија, Европа е инклузивна а не ексклузивна културна целина. Почнувајќи од 711 година, па се до 1492, Андалузија (Енделус) опстојува како европска исламска држава – речиси цели 800 години; од 1358, градот Едрене станува престолнина на моќната Отоманската Империја, уште една европска исламска држава, која преку Република Турција, до денес останува елемент на европската политичка реалност. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, посочува кон бранот бегалци, кои во висок процент се муслимани, како кон “…закана на илјадагодишната христијанска традиција на Унгарија“. Фактот дека Унгарија го прима христијанството дури од 11 век, кога во Европа веќе цели три века опстојува исламската држава Андалузија, дополнително потенциран со податокот дека од 1526 (Битката кај Мохач) до крајот на 17 век (1699), Унгарија е во состав на Османлиската држава, целосно го демантира не само неговото тврдење, туку и митот за Европа како монокултурен (ексклузивно) христијански континент. Историската вистина недвосмислено потврдува дека современата Европа е резултат на културна осмоза – еден вид мулти-културна легура, формирана со интензивна и константна интеракција на јудео-христијанските и исламските елементи! Клучниот духовен и аксиолошки придонес на Европа кон вредностите на мулти-културната и мулти-религиската толеранција, може да се разбере единствено во светлината на цели 14 столетија од нивното постојано заедничко присуство и дејствување во сите сфери од политичкиот, економскиот и духовниот живот на овој континент. Обидот на Орбан, Унгарија да ја претвори во изолирана средновековна тврдина, не ќе може да ја негира реалноста. Пред 500 години, ксенофобичната Европа протера над 2 милиона муслимани и Евреи, и така го загрози сопствениот мултикултурен идентитет. Со сегашното отворање на своите порти за милион азиланти, главно од земјите на Блискиот Исток, Европа е на прагот да го реафирмира сопствениот културен идентитет и да ги ревитализира највисоките вредности на својата историја, како репери на современиот свет.
Comments