Селам алејкум, драги браќа и сестри! Овие зборови сака да ви ги упати една сестра во ислам. Зборовите се искрени и од срце. Во нив нема ниту ронка завист, злоба или љубомора. Сакам да ве подсетам на неколку работи кои што сигурно сте ги заборавиле! Јас, немажена сестра, сакам да зборувам за брак! Немојте да се смеете и да помислите: „Не е ни мажена, што знае таа што е брак!“
Точно! Јас незнам што е брак, но знам дека вие сте ги заборавиле вредностите на бракот и вредноста на сопругот /сопругата. Навратете се малку во минатото и сетете се само колку долго време ви требаше да најдете добра личност со која што ќе стапите во брак. Многу зарем не? Можеби на некои веднаш им тргнало од рака, па лесно нашле некој сличен на себеси. Сакам да ве посоветувам и да ви го доловам бракот од агол на една девојка.
Во друштво сум на мажени жени. За бракот научив многу од нивните приказни, постапки и совети. Често сум во друштво на деца, дури тие деца ме нервираа и целата милост со нивните мајки. Ќе помислев во себе: „Затоа е тој онаков. Гледај како му се угодува. Сите го сакаат. Како би го натепала сега. Погледни што и истура. Колку вика, едвај клањам“, и слични сплетки на ѓаволот. Секако, не го мразев бракот ниту децата, Аллах да чува од тоа, но кога човекот е во сето тоа, некако станува напорно. Зошто напорно? Бидејќи длабоко во душата завидував (не завист како урок, естагфируллах), како се тие среќни. Субханаллах, постојано некоја сестра се жали на својот сопруг, децата, свекрвата, семејството, се жали на сите брачни обврски, како и е тешко и слично. Што прават браќата незнам, но верувам дека и на нив понекогаш им „прекипува”. Секако, во овој текст зборувам за нормални бракови и нормални брачни партнери, бидејќи е сосема нормално во семејството да има кавги, несогласувања, тешкотии и слични тешкотии. Мора!
Колку пати ми доаѓа на ум кога некоја сестра ќе ми рече: „Сите проблеми, кавги и несогласувања кои што ги имавме пред бракот сега се трипати поголеми и полоши. Не верувавме кога луѓето ни велеа. Проблемите и искушенијата во бракот допрва настануваат, но, бисмиллах, со многу сабур, љубов, разбирање, ќе се научиш тоа да го контролираш и да не бараш влакно во јајце.“
Да, драги жени! Престанете да барате влакно во јајце и да се жалите на мажот, децата, нередот, несоницата, трошките по куќата, недостаток на време, замор! Колку само има немажени и неженети сестри и браќа кои би дале се на светот да уживаат во вашите проблеми! Колку е само тешко да се омажиш! Пардон, лесно е, но тешко е да се живее во брак и тешко е да најдеш некој кој што ќе те сака, чува, почитува, да се грижи за тебе, да ти готви, раѓа деца, да се грижи за децата, да придонесува за куќата, да пали огин, да се смее со вас, да пие кафе, да се кара, да се гали, да вика, плаче, да даде се од себе да биде со вас, да се менува поради Аллах, па и поради вас.
Вие мажени/женети не сте ни свесни колку сте среќни! Немојте сега да мислите дека не знам што пишувам. Знам, верувајте ми! Што мислите колку е тешко кога ќе добие препорака од некого и слушнеш дека таа личност е добра, дека е од добро семејство, дека има добро воспитување, и ти се надеваш дека тоа е она што го посакуваш, но Аллах не дава. Зошто? Тоа само на Возвишениот Му е познато. И така повеќе пати. Што мислите колкаво разочарување чувствуваат тогаш браќата и сестрите или ако некој некому му се допадне, па биде оставени, тогаш тука има солзи, и болка и маки. Потоа следува разочарување и тагување дали некогаш ќе успее да пронајде сопружник. На сето тоа како сол на рана, мажените сестри ти велат дека многу бираш, дека тој и тој брат треба да го оставиш, дека не му е до тебе, бидејќи да му е ќе беше вака и вака… Плашете се од Аллах! Колку пати се случило некого да навредите јавно, во друштво, низ шега! Тоа не е едеб! Едеп е да се биде насмеан, весел, позитивен, среќен и покорен на Аллах. Немојте да мислите дека оние кои не се во брак немаат понуди! Имаат, постојано но… Затоа престанете да се жалите и да кукате бидејќи морате да готвите и наутро на мажот да му сварите кафе, дека брашното поскапело и како викаш на мажот што купил поскап тоалет хартија од поефтините, како не сакаш да одиш на патување, бидејќи чуваш пари, а секако парите сите ги трошиме на глупости, од тоа барем искористи ги со мажот/жената, кои што се карта за Џенетот и половина од вашата вера. Престанете да се жалите дека садовите се валкани и дека постојано переш, дека си изморена, имаш стрии и …..
Ти се жалиш на Аллаховите благодети. Се жалиш на овоземските убавини, а некој едвај би чекал да ужива во сите тие работи, бидејќи се е лесно кога се двајца и лесно е кога се вели бисмиллах, само издржи! Направи го својот брачен живот максимално среќен! На саканата личност понекогаш подари и некоја книга, ружа, кармин, ноќница, мајца, фустан, накит, парфем, патување, писмо, порака, топол збор, што било, не мора да е скапоцено, ситниците, детали кои животот го прават посреќен. Немој да очекуваш дека ќе најдеш совршена сопруга ниту совршен сопруг. Замижи, биди трпелив, бисмиллах, бидејќи тоа навистина вреди! И секогаш бори се за она што го сакаш и посакуваш, ништо не е невозможно, само посакај и обрати му се на Семоќниот, бидејќи Тој знае, а ти незнаеш.
Прифати и засакај ги луѓето со нивните мани и доблести. Ако мислиш дека претерувам и дека токму тебе нешто ти треба „аман”, погледни се во огледало и зборувај со своите мани. Како да пронајдеш добра сопруга?
Барај ја онаа која што е скромна и искрена, која што сака да напредува во верата, онаа која што ти ја кажува вистината и која што е подготвена се да стори за тебе, онаа која што се смее кога те гледа, онаа која што се срами кога треба и е лута кога е љубоморна, онаа на која што си и целиот свет, онаа која што те сака и без пари и скапи работи, онаа која што е трпелива и знае да чека. Остави го светот, луѓето, шејтанот и тешкотиите! Не дозволувај гордоста да ти биде над бракот во името на Аллах. Зарем е лесно да се пронајде некоја сестра или брат кои што се вакви? Да, можеби тоа си го пронашла/пронашол, сврти се и погледни малку подобро.
Не очајувај, не си сам/сама, на светот! Секогаш има некој кој живее сличен живот.
Извор: Минбер.ба
Yorumlar