Оваа приказна е спомната во Благородниот Куран, поточно во суре Ел-Кехф, 60-82)
Па, најдоа еден од робовите Наши кому му дадовме милост од Нас и кого Ние го поучивме со знаење од Нас. И Муса му рече: “Да те следам ли па да ме поучиш со оној показ со кој си ти, токму, поучен?”Рече: “Ти, навистина, не ќе можеш да издржиш со мене! Како да се стрпиш за она за што не си известен?”Рече: “Ќе ме најдеш, иншаAллах, трпелив и во сѐ послушен кон тебе!” Му рече на Муса: “Па, ако ме следиш, тогаш, не прашувај ме за ништо сѐ додека тоа не ти го објаснам!” (Ел-Кехф, 60-70)
Во една прилика Муса а.с. му објаснувал верски прописи на својот народ, им наредувал да бидат покорни на Возвишениот Аллах, ги поттикнувал на придржување за Аллаховите наредби, а тие со внимание го слушале и се воодушевувале на неговиот говор. Тој со својот говор ги восхитувал нивните сетила и разум.
Откако завршил со говорот, некои го запрашале: „Кој е најучен човек, о Муса?” Тој одговори: „Јас”. Аллах го прекорил заради овие изречени зборови и го известил дека морал да истакне дека неговото знаење кое го поседува пред сѐ е Аллахово знаење и заслуга, бидејќи Тој е извор на сѐ. Потоа Аллах му објавил дека во еден крај, на местото каде се спојуваат две води, живее човек кому Тој му дал повеќе знаење од него, па му нареди да го побара и да оди кај него и да земе знаење од него и да види колку малку знаење поседува кога ќе се спореди со знаењето кое му е дадено на тој роб. Муса а.с. почувствува дека направил грев, па му се обрати на Аллах со истигфар, барајќи Негова прошка и милост. Одлучи да оди кај добриот роб од покорност кон Сeвишниот Аллах и од послушност кон Неговата наредба.
Муса а.с., побара од Господарот да го упати на местото каде престојува добриот роб. Аллах му нареди да земе со себе голема риба и на местото каде што ќе ја изгуби рибата, тука ќе го најде покорниот роб. Муса а.с., направил она што му наредил неговиот Господар. Зел голема риба како и едно момче како сопатник, тоа бил Јошуа бин Нун(според некои Исус Навин) кого Муса а.с. многу го сакал. Тргнале во правецот на местото каде се спојуваат две води, тоа е местото каде се влева реката Нил во Црвеното море. Патот бил долг и напорен. Сончевите зраци биле топли и жешки. Замор ги зафатил двајцата. Меѓутоа, Муса а.с., бил решителен да стигне до целта и да дојде до саканото место, па му рече на своето момче: „Мораме да го продолжиме патот сѐ додека нѐ стигнеме до местото каде се спојуваат двете води, па дури за тоа да бидат потребни и повеќе години.” Муса а.с. и момчето стигнаа до морето и тука го прекинаа своето патување. Седнаа покрај морскиот брег да се одморат во сенката и ладовината на голема карпа. Муса а.с. заспал додека на момчето му се поврати силата и остана да ги набљудува морските глетки. Момчето ја оставило рибата покрај карпата и додека тоа разгледувало, рибата оживеала и скокнала во вода. Момчето тоа го забележал и се зачудил. Муса а.с., чекал на ова место. Барајќи го, тие се одалечија од вистинското место. Муса а.с. почуствува глад и замор. Седна да се одмори, па му рече на своето момче: „Дај ја нашата ужина, бидејќи се заморивме од ова наше патување!” Тогаш момчето се сети дека ја заборавило рибата покрај карпата и дека таа скокнала во вода, па му рече: „Види! Кога свративме кај онаа карпа, јас ја заборавив таа риба, шејтанот направил да заборавам да ти ја споменам и дека таа во море скокна, баш чудно.”
Муса алејхи-селам сфати дека мора да се врати на она место каде што рибата скокнала во вода бидејќи тоа место е вистинската цел и знак каде треба да се сретнат со добриот роб.
Се вратија двајцата до местото на влевање на Нил во Црвено море и кај карпата најдоа човек со блескаво лице на кое се гледаат знаци на побожен роб, со богобојазливост и таквалук. Муса алејхи-селам знаел дека тој е добриот роб кој му го ветил Возвишениот Аллах дека ќе се сретне. Откако се запознаа Муса а.с. му рече: „Може ли да те следам, но да ме поучиш од она во што си исправно поучен?” Добриот роб одговори: „Ти сигурно нема да можеш да издржиш со мене, а како би издржал за нешто што не го познаваш?”
Муса а.с. рече: „Ќе видиш дека ќе бидам трпелив ако Бог даде и нема за ништо да ти се противам.”
Муса а.с., барал да биде придружник на добриот роб, да го следи, да се окористи од неговото знаење и да го научи она што не го знае. Добриот роб му рече: „Придружбата со мене, секако, бара големо трпение и сабур, сила над твојата сила.”
Муса а.с. бил упорен да го следи без оглед на она што ќе се соочи со маки, па дури и да види чудни и таинствени работи. Добриот роб му постави услов на Муса а.с., па му рече: „Ако веќе си одлучил да ме следиш, тогаш немој да ме прашуваш ништо сe додека јас најпрвин не ти кажам.” Тргнал добриот роб, а зад него и Муса а.с. Стигнаа до место каде застануваат бродови. Се качија на еден од нив и кога бродот почна да плови Муса а.с. забележа дека добриот роб зел чекан и почна со него да го онеспособува бродот, предизвика на него пожар и бродот стана неупотреблив за пловење. Муса а.с. се зачуди и изненади од постапката на добриот роб и не можел веќе да се совлада себе си, па го праша, прекорувајќи го неговото дело со зборовите: „Го запали за да ги потопиш оние кои пловат на него? Навистина направи страшна работа.” Добриот роб се сврте кон него и му рече: „Зарем не ти реков дека нема да можеш да издржиш со мене гледајќи сe она што ќе се случи, а ми вети дека ќе бидеш стрплив во сe. Па каде е твоето исполнување на ветувањето?” Муса а.с. рече, барајќи да му прости: „Не земај го предвид она што го заборавив и те молам не оптоварувај ме во оваа тешка работа за која не сум кадар да издржам.” Муса а.с. му вети дека ќе молчи, дека нема да зборува и нема ништо да го прашува. Слегоа од бродот и се упатија кон едно село кое беше на брегот. Кога се приближија најдоа мало дете како се игра. Добриот роб го зграби и го уби. Муса а.с. кога го виде ова дело страшно се налути и не можеше да премолчи туку му приговори: „Како си можел да убиеш невина душа која не сторила грев! Навистина направи голем грев кога го уби ова недолжно дете кое никого не убило?” Добриот роб го погледна Муса а.с. и пак му рече: „Зарем не ти реков дека нема да можеш да издржиш со мене!” По ова Муса а.с. се засрами, потоа одлучи да не му приговара повеќе, и рече: „Ако по ова те прашам за нешто немој повеќе да се дружиш со мене…”
Тие продолжија да одат во правецот на селото. Влегоа во селото, а со себе немаа ниту храна ниту пари. Гладта добро ги стегнала и беа принудени да побараат од жителите на селото храна за да вечераат. Меѓутоа, никој не сакал да им даде нешто за јадење. И додека тие така патувале низ селото, наидоа на еден наведнат ѕид кој само што не се урнал. Добриот роб ги засукал ракавите и се фатил за работа и почна да го гради ѕидот од почеток така што ѕидот стана како ново соѕидан.
Муса а.с. се воодушевил и бил запрепастен од она што се случува. Неможејќи да молчи, му приговори: „Ти, ако сакаше си можел да им земеш пари за поправање на ѕидот.” Добриот роб го погледна и му рече: „Ова е крај на нашето дружење и тука завршува нашето заедничко патување. Но, пред да се разделиме морам да ти го објаснам сето она што се случило, а не си можел да бидеш стрплив, ќе те известам за тајните на овие нешта заради кои не си имал сабур.” Продолжи добриот роб: „Што се однесува до оној брод што го запалив додека пловевме по морето, тој беше сопственост на една група сиромаси, тие работат по море и тој им бил извор за нивна заработувачка (егзистенција). На истиот пат пловел еден неправеден владар кој го одземал секој употреблив брод а сопствениците ги убивал. Сакав да го оштетам, па го запалив така што кога неправедниот владар ќе го види оштетен нема да им го одземе и тој ќе остане кај своите сопственици со кого пак ќе се користат. А што се однесува до детето кое го убив, неговите родители се добри верници, а тоа кога ќе пораснало би било неверник и зулумќар, така што би им предизвикало насилство и маки, Аллах сакал ова непослушно дете да умре, а на неговите родители да им подари друго дете кое ќе биде покорисно и подобро од него. А што се однесува до ѕидот, тој беше во сопственост на две деца сирачиња, јетими(сирачииња) од селото, а под ѕидот се наоѓа злато оставено за нив. Нивниот татко бил верник и добар човек. Аллах сакал тие две деца да израснат и да го најдат тоа злато. Ако го оставив ѕидот да се урне, златото ќе се појавило и луѓето ќе го земале, а сирачињата би останале без него. Тие се мали и уште не се во состојба да се штитат сами, и знај о Муса дека сe што го направив беше по наредба на Возвишениот Аллах и со Негово знаење. Ова е објаснение за она што не си можел да издржиш и да бидеш стрплив со мене.”
Муса алејхи-селам ги подигна рацете кон небо да му се заблагодари на Севишниот Аллах за благодетите и за она што го научил што порано не го знаел. Го научил како да биде трпелив во искушенија без лутина сe додека не ја сознае нивната стварност и вистинската смисла. Го научил да не биде промислен и вообразен со себе или со знаење. Го научил дека само Аллах е Тој кој сe знае, а дека човечкото знаење во споредба со Аллаховото знаење е како капка вода во море. Го научил дека човекот мора да прави добрини и да не чека награда од луѓето заради направеното добро дело.
И така добриот роб го оставил Муса алејхи-селам упатувајќи се по патот од каде што дошол.
Подготовка: Еф. Ариф Р.
Comments