top of page
Writer's pictureinfoislam

Прописи на колењето Курбан

Ухдијја“ или “курбан“ е колење/жртвување на одредено животно, по одредени услови, во одредени бајрамски денови, како чин на благодарност на Аллах џ.ш., Негово величање и приближување Нему Единиот–Создателот на сите светови.

Втемеленоста на колење курбан:

Колењето курбан се темели на Куранот, Суннетот и Иџмата.

Куранот: Аллах џ.ш., вели: „па затоа моли Му се на Господарот свој и курбан коли!“(Ел Кевсер, 2.)

Суннет: Енес, р.а., рекол: „Аллаховиот Пратеник саллаллаху алејхи ве селлем, со своја рака за курбан закла два крупни, црно-бели овни; изговори Бисмиллах, донесе текбир, притискајќи ги со ногата за плешката.“(Муттефекун алејх)

Иџма’/ концензу: Сите муслимани на светот, од сите времиња, се сложни на тоа дека колењето курбан е втемелен исламски пропис.

Статус на колење на курбан

Исламските научници се разликуваат во две мислења кога е во прашање рангирање на прописот за колење курбан:

  1. Колењето курбан е обврска на секој имотен муслиман (ваџиб).

Со овој став е Реби’а, Евза’и, Ебу Ханифе, имам Лејс и дел од маликијите.

Својот став помеѓу останатото го темелат и на следниов доказ: „…и курбан коли!“ (Ел Кевсер, 2)

  1. Колењето курбан е суннет и тоа не е задолжително. Со овој став е мнозинството на исламската улема како улемата на Малик, Шафија, Исхак, Ебу Севра, Музенија, Ибнул-Мунзира, Давуд, Ибну Хазма и останати. Својот став помеѓу останатото, го темелат и на хадисот на Умму Селеме р.а., која рекла: Аллаховиот Пратеник саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „Кога ќе настапат првите десет дена на месецот Зул-Хиџџет, и ако некој од вас сака да коле курбан, нека не ги допира влакната и телото!“ (Муслим, бр.1977.)

Мислењето на мнозинството на исламската улема, дека колењето курбан не е ваџиб/обврска, туку суннет, е поисправно, повтемелено и појако. (Погледни: Сахиху Фикхил – Суннех, 2/369.)

Што е дозволено да се коле за курбан?

  1. За курбан е дозволено да се коле само добиток како камила, говеда и брав (овца, коза), сходно на зборовите на Аллах џ.ш., кој вели: „На секоја претходна верничка група ѝ го пропишавме колењето на курбанот за да го спомнуваат Аллаховото име при колењето на добитокот кој Тој им го дава.“ (Ел Хаџџ, 34) Еден дел на исламски научници ја пренесува иџмата на улемата дека не е дозволено за курбан да се коле ништо освен добиток.

  2. Покрај добиток дозволено е за курбан да се колат и диви крави (бизони, бафала). Овој став имам Ибнул-Мунзир го пренесува од Хасан б. Салих и со овој став е Давуд ел-Захири.

  3. За курбан е дозволено да се коле секое животно чие месо се јаде без разлика дали оди на четири нозе или лета!? Со овој став е Ибн Хазм. (Погледни: Мухалла, 7/358.)

Ставот на мнозинството на исламски научници е повтемелен и појак став поради тоа што е поткрепен со курански ајет, а и поради тоа што се бележи од Пратеникот саллаллаху алејхи ве селлем дека за курбан колел камили, говеда и овни.(Погледни: Сахиху Фикхил – Суннех, 2/369.)

Староста на курбанот?

Џабир р.а., рекол: „Пратеникот саллаллаху алејхи ве селлем рече: ,Не колете ништо освен „Мусинни“, а ако не бидете во можност тогаш „џизу од овци.“(Муслим, бр. 1963., Ебу Давуд, бр. 2797., Неса’и, 7/218., Ибну Маџџе, бр.3141.)

„Мусинна“ кај говеда е теле кое има полни две години живот и влегло во третата година од животот, а кај камилите е камила која наполнила пет години и влегува во шеста година од животот, а кај бравите (овца, коза), “мусинна“ е бравче кое наполнило година дена и влегло во втората година од животот, а ако не може да се најде такво бравче тогаш дозволено е да се заколе џизу/јагне, кое наполнило шест месеци – и на ова е мнозинството на исламски научници, само што исто тоа мнозинство на улема вели дека во секој случај дозволено е да се заколе јагне од шест месеци за курбан, и дека не е услов „неможноста да се најде брав од година дена старост“, а спомнатиот хадис го толкуваат со тоа што во прашање е истинхаб/убаво дело но кое не е обврзно.

За разлика од нивниот став сепак појако е мислењето дека јагнето од шест месеци не е дозволено во секој случај за колење, сходно на надворешното значење на споменатиот хадис, а Аллах најдоро знае. Што се однесува до козата -“мусинна“ е јаре која наполнило година дена и влегло во втора година, само што во нејзиниот случај не е дозволено да се коле јаре од шест месеци старост ако нема можност да се заколе брав од година дена, сходно на иџмата на исламската улема. (Погледни: Сахиху Фикхил – Суннех 2/372.)

Недостатоци кои можат да се најдат кај курбанот

Мааните кои можат да се најдат кај курбанот се делат на три групи:

  1. Маани поради кои курбанот е неисправен: се четири вида маани, кои се потврдени со суннетот на Аллаховиот Пратеник саллаллаху алејхи ве селлем и на што исламските научници се сложни, како што стои во хадисот на Берраа б. Азиб р.а., кој пренесува дека Аллаховиот Пратеник саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „Четири маани не се никако дозволени кај курбанот: оштетеност на окото (ел – авра), изразена болест (ел-мерида), оштетеност на екстремитетите/нозете (ел – арџа), оштетеност на коскената срж (ел-мексура,ел-хезила, ел-хезила, ел-аџфа).“(Сахих. Неса’и, 7/215., Ибну Маџџе, 3144., Ахмед, 4/284.)

Значи: ќоравост или слепило на окото, изразита болест на видот за разлика од полесна болест, скршеност или прекинатост на нозете, слабост на коскената срж – се маани кои не смеат да се најдат кај курбанот.

  1. Маани кои се мекрух или покудени кај курбанот но и покрај кои курбанот е исправен за колење, како:

a.) Прекинатост на увото или дел од увото.

Мнозинството на исламската улема смета дека не е дозволено да се коле курбан со оштетено око и прекинато уво – што е сомнително бидејќи Пратеникот саллаллаху алејхи ве селлем со хадис назначил кои се четирите маани кои се забранети. Али р.а., рекол: „Наредено ни е добро да ги провериме очите и ушите (на ајванот).“(Неса’и, 7/217., Ахмед, 1/95., Тирмизи, бр. 1498.,Ебу Давуд, бр. 284., Ибну Маџџе, бр. 3142.) Ова предание ни укажува на тоа дека треба да се избегнува ајван кој има пробиено, оштетено или прекинато уво, но не и дека не е дозволено да се заколе таков ајван за курбан.

Исламските научници се разминуваат во мислењата и по прашање на ајван кој од раѓање нема уши (цуба). Ебу Ханифе, Малик и Шафија сметаат дека не е дозволено да се коле за курбан ајван кој од раѓање нема уши, а ако ајванот има уши но му се ситни – дозволено е да се заколе за курбан.

б.) Скршеност на рогот или неговиот поголем дел.

Мнозинството на исламската улема смета дека е дозволено за курбан да се заколе ајван на кого рогот му е скршен ако не крвари, а ако крвари – имам Малик тоа го смета за мекрух и забранет бидејќи го смета за изразито болен ајван. (Погледај: Истизкар, 15/132.)

Преданијата кои кажуваат за забранетоста на колење курбан со скршени рогови не се сахих/не се исправни.

  1. Мааните кои се наоѓаат кај курбанот а не се ни харам ни мекрух, т.е., ни забранети ни покудени, нема сахих преданија кои тие маани ги класификуваат во забранети или покудени маани, иако има некои исламски научници кои ги сметаат за забранети, како ајван без заби или без опашка или со оштетен нос или ајван без јајца и тн…

Како најубаво треба да изгледа курбанот:

  1. Да биде што поубав и што поугоен. Ебу Умаме б. Сехл р.а., рекол: „Додека бевме во Медина товевме курбани и тоа беше пракса на муслиманите!“ (Бухари, 10/12.)

  2. Мнозинството улема смета дека подобро е да се колат камили, потоа говеда а потоа брави, за разлика од маликиите кои сметаат дека е повредно да се колат брави потоа говеда а после камили сходно на квалитетот на месото, а и поради тоа што Пратеникот саллаллаху алејхи ве селлем, колел овни за курбан.

  3. Поубаво е да се заколе брав отколку да се учествува со повеќе луѓе во колење на едно говедо.

  4. Најдобро е да се заколе бел курбан, потоа браон а потоа црн.

  5. Подобро е да се заколе мажјак отколку женка.

Додатоци:

Дозволено е седуммина да учествуваат заедно во колење на говедо сходно на хадисот на Џабир б. Абдуллах р.а., кој вели: „Во годината Худејбија колевме со Пратеникот саллаллаху алејхи ве селлем, камила за седуммина и крава за седуммина.“ (Муслим, бр. 1318.)

  1. Според некои исламски научници како Исхак б. Рахивејх и останати дозволено е десеторица да учествуваат во колење на камила, сходно на преданието од Ибн Аббас р.а., кој вели: „Бевме со Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, во една прилика на пат, кога не затекна Курбан-Бајрам; колевме крава за седуммина а камила за десетмина.“ (Сахих, Тирмизим бр.1501., Несаи, 7/222., Ибну Маџџе, бр.3131., Ибн Хузејме, бр. 2908.)

-Според повеќето исламски научници дозволено е да се коле еден курбан за цело семејство сходно на преданието од Ата’а б. Јесар кој го прашал Ебу Ејјуб ел- Енсарија р.а.: „Какви беа курбаните за време на Пратеникот саллаллаху алејхи ве селлем – па рекол: човек колеше еден курбан за себе и за своето семејств и од него и самите јадеа и со него хранеа и други се додека луѓето не почнаа да се издигаат па стана вака како што стана!“ (Хадисот го бележи имам Тирмизи, бр. 1505., имам Малик, Ибну Маџџе, бр. 3125. Имам Тирмизи, рхм, рекол, дека пропишаноста за колење еден курбан за цело семејство се бележи од имам Ахмед и Исхак, потоа од имам Малик, Лејса и Евза’ија. Абдуллах б. Мубарек и ханефиите се на ставот дека бравчето е курбан само за една личност, а не и за цело семејство. (Погледни: Тухфетул – Ахвези, бр..1505., 5/77.)

За разлика од ханефиите останатите правни школи сметаат дека е дозволено во колење на едно говедо или камила, покрај оние кои сакаат курбан, можат да учествуваат и оние кој несакаат курбан туку сакаат само месо или сакаат откуп и кефарет за некои прекршоци на хаџџот… Нијјетот на оној кој несака курбан не влијае на нијјетот на оној кој сака курбан. (Погледни го делото: ел-Хави од имам ел-Мавердија, 19/145-146.)

Време за колење курбан:

  1. Кога ќе изгрее сонцето и кога ќе помине време онолку колку е потребно да се клања бајрам-намаз и да се одржат две хутби. После ова време дозволено е да се коле курбан без разлика на тоа дали имамот клањал бајрам-намаз или не, и без разлика на тоа дали оној кој сака да коле курбан клањал бајрам-намаз или не, и без разлика на тоа дали се работи за жител на село и пустина или во прашање е жител на град. Со овој став се имам Шафија, Давуд ел-Захири, Ибнул-Мунзир и останати.

  2. За жителите на селата и пустините време за колење курбан почнува од кога ќе настапи зора, додека за жителите на градовите времето за колење курбан започнува дури после клањање бајрам-намаз и одржувањето на хутбата. Ако граѓаните заколат курбан пред тоа, не е исправно. Со овој став бил Ебу Ханифе и ’Ата’.

  3. Не е дозволено да се коле курбан освен по завршетокот на клањањето на бајрам-намаз и одржувањето на хутбата. Со овој став е имам Малик рхм..

  4. Не е дозволено да се коле курбан пред бајрам намаз, а дозволено е да се коле курбан по клањање на бајрам-намаз и не мора да се чека колењето на курбанот од страна на имамот за да ние колеме курбани. Со ваков став бил имам Ахмед.

Енес б. Малик р.а., пренесува дека Аллаховиот Пратеник саллаллаху алејхи ве селлем рекол: „Кој ќе заколе курбан пред да клања бајрам – намаз тој го колел за себе, а кој ќе го заколе после бајрам – намаз тој го употполнил обредот и го погодил муслиманскиот суннет!“ (Муттефекун `алејх)

Времето на завршување на колење курбан е до пред настапот на акшам 13 Зул- Хиџџет (10-11-12-13.).

-Дозволено е да се јаде од курбанското месо, да се дели на оние кои се во потреба за него како и да се остави дел за подоцнежна употреба. Аллах џ.ш., вели: „…во познатите денови затоа што ги снабдил со домашни животни. Јадете го месото нивно, а нахранете го и скромниот сиромав.“ (Ел Хаџџ, 28)

-На сопственикот на курбанот не му е дозволено да продава ништо од курбанот ниту неговата кожа ниту волна ниту влакното ниту месото ниту коска ниту било што друго. Ебу Се’ид р.а., пренесува дека Пратеникот саллаллаху алејхи ве селлем, рекол: „…и не го продавајте курбанското месо; јадете од него, делете го за садака и користете се со курбанските кожи и немојте да ги продавате…“ (Ахмед, 4/15.)

-Не е дозволено на касапот да му се наплатува неговата работа со курбанско месо туку засебно со пари, а дозволено е инаку да му се дели од курбанското месо за садака. На ова е мнозинството исламска улема. За разлика од нив Хасан ел-Басри и Абдуллах б. Убејд б. Умејр биле со ставот дека на касапот може да му се наплати за завршената работа со кожа од курбанот.(Види:Сахиху Фикхил-Суннех, 2/379)

Повредно е да се коле курбан отколку да се делат пари како садака.

Ако подготвеното ајванче за курбан во меѓувреме се изгуби, разболи или умре – човекот не е обврзан да набавува нов ајван за курбан, сходно на преданието од Темим б. Хувејс кој вели: „Купив една овца за курбан на Мина (кај Мекка), па ми се изгуби. Го прашав Ибн Аббас р.а., за тоа, па ми рече: „Ништо страшно (слободен си)!“ (Бејхеки, 9/289.) –

Дозволено е се праќаат и колат курбани во некој друг град или држава ако има потреба за тоа.

Имам ел – Невеви, рхм, во коментарот на Енесовиот хадис: „Аллаховиот Пратеник саллаллаху алејхи ве селлем, со своја рака, за курбан, закла два крупни, црно-бели, рогати овнови; изговори Бислиллах, донесе текбир, притиснувајќи ги со ногата на плешката.“ (Муттефекун алејхи)- рекол: Мустехабб е и убаво за курбан да се заколе рогат овен, а дозволено е да се заколат и повеќе од еден ајван. Исламските научници се сложни околу тоа дека е дозволено за курбан да се коле и овен кој од раѓање нема рогови. Исламските научници не се сложуваат по прашањето на овен со скршен рог. Имам Шафија, имам Ебу Ханифе и мнозинството на исламски научници го сметаат за дозволено колењето на курбан на кој рогот му е скршен, без разлика на тоа дали крвари или не. Имам Малик рхм., таквиот курбан го сметал за мекрух ако рогот му крвари и тоа го сметал за маана.

-Исламските научници се сложни околу тоа дека е убаво да се бара и бира што поубав ајван, и сите тие се сложни околу тоа дека поради четири маани, кои се споменати во хадисот на ел-Берраа: изразена и видна болест (ел меридах), ослабена коскена срж (ел – кесира, ел – хезила, ел - аџфа‘), ќоравост или слепило (ел авра), скршеност или прекинатост на нозете (ел-арџа) – не е дозволено да се коле ајван за курбан…

-Описот на курбанот кој е споменат во хадисот „емлехајн“ значи дека е мустехаб и убаво да се бира курбан и по бојата на влакното на што улемата е сложна. Шафиите велат: најубав е бел курбан, потоа жолт/браон/,кафеав, потоа црно-бел а потоа црн. Во еден хадис се вели: „Гази во црно, лежи во црно“ т.е., нозете му се црни, по стомакот му е црно, и околу очите има црно, а Аллах најдобро знае!

-(Ги колел со своја рака) т.е., убаво е и мустехаб човек лично да го заколе својот курбан и никого да не ополномоштува за тоа освен ако има некоја оправдана ситуација кога е мустехаб макар да присуствува на неговото колење. Ако ополномошти муслиман за колење курбан тоа е дозволено без било какви несложувања а ако човек за колење ополномошти китабија (христијан или евреин) – тоа ќе биде покудено дело (мекрух-тензих), но курбанот е исправен. Ова е став на сите исламски научници освен имам Малик рхм., кој во еден ривајет тоа го смета за забрането.

Дозволено е за колење курбан да се ополномошти дете или жена која е под менструација но мекрух/покудено е со тоа да се должи дете за разлика од жена која е во менструален циклус околу што има несложувања на две мислења: Шафиите сметаат дека жена под менструален циклус е поважна од дете и дека дете и поважно од китабија (христијан или евреин). Шафиите сметаат дека личноста која бара замена при колење курбан треба да бара муслиман кој добро ги познава прописите на колење на курбан и кој е запознат со шартовите и суннетите, а Аллах знае најдобро.

(Ве семма) т.е., изговорил Бисмиллах и ова е доказ за втемеленоста на изговарањето Бисмилах над закланите животни и курбаните околу што има консензус на исламската улема. Исламските научници се разминуваат во мислењата во тоа дали изговарањето на Бисмилах при колење на животното е шарт/услов на исправност, или е само мустехаб/убаво.

(Ве кеббере) т. е., изговорил Аллаху Екбер. Убаво е да со Бисмиллах да се изговори и текбир па ќе се каже: „Бисмиллах, Аллаху Екбер“.

(Притиснувајќи ја ногата на плешката) т. е., за да биде постабилен при колењето и за да животното не мрда со глава што би сметало во завршувањето на чинот на колење или да не би не повредило некако.

Овој хадис кој дозволува вакво постапување е поисправен од хадисите кои ваквото постапување го забрануваат. (Погледни: Шерхул – Невеви ала Муслим, бр.1966., 13/121.)

Сеад еф. Јасавиќ

0 views0 comments

Comments


bottom of page