Тешко е да се набројат сите должности кои исламскиот верник мора да ги врши кон себеси, но сепак, животот и здравјето се неговите најдрагоцени дарови дадени од Семоќниот Алах. Затоа муслиманите се должни да ги чуваат колку што е можно повеќе. Ако некој бескорисно и намерно го нарушува своето здравје и го загрозува својот живот, со тоа прави голем грев. Ист е случајот и со душевното здравје.
Во Куранот строго стои: „Не убивајте се самите себе!“, па затоа и очигледно е дека многу верски прописи одат кон тоа да го сочуваат здравјето на верникот. Од сето ова произлегува дека муслиманот е должен да го чува својот живот и здравје од сите штетни влијанија, како на пример, од прекумерно јадење и пиење, од нечистотија и од забранети јадења и пиења. Исламот забранил да се јаде свинско месо и маст, нивните преработки, месо од пцовисано животно или крв и да се употребуваат опојни пијалоци. Ваквата забрана следувала бидејќи тоа јадење и пиење му нанесува штета на човечкиот организам и создава опасност за човековото здравје.
Мухамед со право рекол дека алкохолот е мајка на сите зла (Умул-хабис). Докажано е дека потомците на алкохоличарите во своите вени носат лоши последици на својот предок алкохоличар. Исламот и посветил посебно внимание на чистотијата и тоа не само на чистотијата на телото, туку и на чистотијата на душата. Во Куранот е речено дека Алах ги сака оние кои често се кријат и кои се чистат. А Мухамед вели дека чистотијата е составен дел на верата што значи дека истата на верникот, треба да биде и духовна и телесна.
Исламот со заповеден чин им ставил во должност на муслиманите да го одржуваат чисто телото, облеката, домот и работните простории во кои се задржуваат, како и својата околина во која живеат и работат. Пред стапување во намаз, муслиманите се должни да земат абдест, што значи секој ден петпати да ги мијат оние делови на телото кои се најповеќе изложени на нечистотија. Со цел да се одржува чистотијата и заштитата на телото од разни заболувања, во исламот е препорачано обрежување на малолетните машки деца (сунет). Се смета дека на овој начин се намалува ризикот од полни болести, а посебно од рак кој денес пустоши во светот.
Од сево ова гледаме дека исламот му посветил големо внимание на физичкото и психичкото здравје, за да го подготви и оспособи верникот за овоземските активности од кои зависи човечката среќа и и благосостојба.
Comments