Следејќи ги практичните упатства на Последниот Божји Пратеник ﷺ, муслиманите уште во раниот период на новото доба за многу кратко време ја унапредиле медицината станувајќи нејзини предводници.
Студиозно изучувајќи ја медицинската наука тие ја надминале грчката, персиската и останатите медицински науки и со години нивните дела биле незаменливи за сите универзитети. Уште во 8-то и 9-то столетие медицината кај Арапите доживеала полн цут. Биле основани преведувачки училишта на арапски јазик кои ги преведувале делата кои биле на персиски, индиски и грчки јазик, за да истите бидат достапни. Благодарејќи им на Арапите, сите дела на Гален и на Хипокрит биле сочувани.
Во исто време арапските учени извадиле свои дела кои наредните столетија ја поеле Европа. Во тоа време само Багдад имал околу 600 болници, додека Кордоба во Шпанија имала над 500 болници. Финансирани од државата тие болници имале и научно едукативна улога и бидејќи биле финансирани од државата, имале и свои библиотеки, медицински школи и амбуланти, како и разни оделенија за лекување.
Сепак, првата подвижна муслиманска воена болница била онаа на Рефид ел Еслеми на кој Пратеникот Мухаммед, ﷺ му наредил да во подвижен шатор си ги извршува своите обврски кон ранетите и болните. Исламот ја поттикнал жената да ги лечи болните, што всушност и била нејзината намена во првите битки за Исламот, поејќи ги ранетите и преврзувајќи им ги нивните рани. Меѓу нив била и Кеиба бин Саад Еслеми која во својот шатор ги преврзувала болните и ранетите.
Фармацијата, како и ботаниката, за време на исламската ренесанса е изучувана не само како одделна наука туку спаѓала во состав на медицината. Речиси сите исламски научници кои пишувале за овие области ги ставиле овие две научни области во служба на медицината. Фармацијата била наука која многу ги привлекувала муслиманите. Густав Лубон вели: „Науката за фармацијата можеме без и малку воздржување да им се препише на муслиманите и можеме да кажеме дека таа наука е вистински арапско – исламски изум.“ Еден од позначителните придонеси на муслиманите во оваа наука преставува воведувањето на системот на инспекција и надзор на лековите.
Во времето на владеењето на Мемун (786-833 година) дошло до забрана на произволно практикување на фармацијата и оваа област на медицината е ставена под надзор на државата. На овој чекор владетелот Мемун го навеле многу измами на самопрогласени фармацевти кои тврделе дека имаат лекови за сите болести. Со оглед на тоа дека болните не ги познавале лековите, на фармацевтите им успевало на болните да им даваат било какви лекови и на било кој начин. Затоа Мемун наредил да се воведе испитување на доверливоста на фармацевтот. После него Муатесим (795-841.год) наредил издавање на лиценца за работа во областа на фармацијата, на оној за кога ќе се утврди дека е доверлив и дека има знаење. Така фармацијата влегла во општиот систем на инспекција кој понатаму се проширил во разни делови на Европа за време на Фридрик Втори (1210 – 1250 год.).
Макс Мајер Хофф вели: „Студиите за фармацијата кои се напишани во ова време не можат да се избројат. Тие студии биле за природните лекови кои не биле (вештачки) составени од компоненти, а најпознат автор на тие студии бил Ибнул – Бејтар. Тој е воопшто еден од најголемите научници кои на арапски пишувале за растенијата “
Во подготовката на растенијата и синтезата (составувањето на лековите) муслиманските фармацевти користеле нови начини, а некои од тие начини се користат и денес. Во областа на фармацијата докторите муслимани дошле до бројни значајни откритија. Биле први кои семето на кафето го опишале како лек за срцето, а плодот на кафето (меленото кафе) како лек за воспалени крајници, дијареја, воспалени рани; укажале на тоа дека комфоровото дрво ја подобрува работата на срцето; со додавање на сок од лимон, портокал или додавање на цимет и каранфилче се ублажува јачината на некои лекови; откриле некои против-отрови кои ги составувале од десетици или стотици лекови; ја подобриле синтезата на опиумот и живата, користеле тревки и опиум и други средства за анестезија.
Сосема е очигледно дека научниците муслимани имале голема улога во поставувањето на темелите на фармацијата, и во нејзиниот развој и проширување. Напишале посебни дела за фармацијата и така таа станала вистинска наука. Ибн Сина некои делови од своето големо дело Канон на медицината и ги посветил на фармацијата. Во нив детално опишал многу лековити растенија и минерали од кои се изготвуваат лекови и разни дроги. Слично, Ал-Бируни, Ибн ал-Хејсем, Сабит ибн Кура, Ар-Рази и други арапски научници напишале големи и мошне значајни дела од оваа област.
Ибн ал-Бејтар во своето дело Компендиј за дрогите покажал како и на кој начин можеме да добиеме лек со преработка на растенијата, животинските и минерални суровини. Тој во потполност ги усвоил достигнувањата на старите Грци од областа на фармацијата, биологијата и минерологијата. При рака ја имал Анатомијата на Гален и Флората на Диоскорид. Давуд Ал-Антаки во делото Тезкирет обратил посебно внимание на сезоната на берба на растенијата, начинот на чување и зоналната распространетост на растителниот свет, а Ибн ан-Нефис при лечењето на заразните болести се потпирал повеќе врз регулирањето на исхраната на болниот отколку врз употребата на лекот, поради што бил бојкотиран од страна на арапските фармацевти. Меѓутоа, и покрај тоа, Ибн ан-Нефис некои делови од своето големо дело и ги посветил на фармацијата.
Ал-Идриси во својата Ботаника опишал многу видови лековити и други растенија. Мухамед ибн Јусуф ал-Хаваризми и Абдурахман ад-Дауни биле големи фармацевти. Првиот во своето дело Мифтаху-л-улуми покрај деталното проучување на разните болести пишувал за простите и сложените лекови кои се изготвуваат од лековити растенија и разни минерали како: мастиката, зумбулот, ѓумбирот, мирхата, цитрусите, фосфорот, растителните екстракти, млекото и разните смоли, додека вториот во делото Нузехту-н-нуфуси ве-л-ефкари фи марифети-н-небати покрај описот на другото растително и минерално потекло и можноста за нивната примена во медицината говорел за составот и подготовката на отровите, етерските масла и мастите.
Меѓу познатите арапски фармацевти е и Ал-Куртуби. Тој во делото Толкување на имињата објаснил како и на кој начин можеме да дојдеме до лекот со преработка на растителните, животинските и минералните суровуни. Од лековитите растенија чии што производи се употребуваат како суровини во производството на лековите ги спомнал: нигела сатива (црното семе), папратот, макот, синапот, а од минералите модрата галица, бораксот, бакарниот сулфат, циноберот, додека од животните ги спомнал варанот и некои други.
Мухаммед ибн Зекерија ар Рази (Muhammad ibn Zakariyā Rāzī; 865-925) напишал книга за детски болести и многумина го сметаат за татко на педијатријата, а неговото капитално дело Голема жолтица спаѓа во едно од првите дела од тој вид во кои се расправа како да се постави дијагноза на оваа болест. Научникот Ар Рази прв ја користел живата во составот на кремите, а ова истражување било применето на мајмун. Тој се залагал и за промовирање на медицинската употреба на хемиските соединенија.
Сабур ибн Сал (Sabur ibn Sahl; 869 г.) беше првиот доктор кој го поттикнувал развојот на фармацијата, опишувајќи голем број дроги и лекови против заболувања.
Абу ал Касим ал Захрави (Abu al-Qasim al-Zahrawi; 936-1013) ја започнува подготовката на лекови со сублимација и дестилација. Неговиот Liber servitoris е од особен интерес, обезбедувајќи го читателот со рецепт и објаснување како да се подготват „наједноставните“ лекови, од кои подоцна се надополнуваат сложените лекови, кои обично се користат.
Ал-Бируни (Al-Biruni; 973-1050), го напиша едно од највредните исламски дела за фармакологијата, насловено Kitab al-Saydalah (Книгата за лекови), каде што дал детални податоци за својствата на лековите, ја истакнал улогата на фармацијата, како и функциите и должностите на фармацевтите. Ал-Бируни, како и Ар-Рази, го напишал делото под наслов Фармација, а Ибн ал-Хејсем Книга на медицината.
Ебу Али ел Хусејн ибн Сина (лат.Avicena; 980-1037) е првиот кој ја кодифицира медицинската наука на своето време и во светски познатото енциклопедиско дело: „Законот на медицината“. Ова капитално дело е од непроценлива вредност и во тоа време е преведено неколку пати на латински јазик. Тоа дало неизмерен придонес на модерната медицина и на него неколку столетија се образувале студентите на медицина во Европа. За многу научници од Европа Ибн Сина преставува еден од најголеми медицински научници на сите времиња. Ибн Сина исто така, опишал не помалку од 700 подготовки на лекови, нивните својства, начинот на дејствување и нивните упатства. Тој, всушност, посветил цел еден том на едноставните лекови во Законот на медицината.
Еден друг арапски истражувач бил Хунејн Ибн Исак (лат. Joanitus; 809-873) кој бил познат по својата книга од офталмологија под име: „10 расправи за окото“.
Абдулмелик Ибн Зухр (Лат.Avenzoar; 1091-1162) од Кордоба е првиот кој расправал за болестите на коските, остеопороза, сврбењето и др.
Ибн Рушд (лат. Averroes 1126-1198) го напишал на далеко познатото дело кое се вика: „Сеопфатноста на медицинската наука“.
Сепак големо влијание имаа и делата на ал-Маридини (al-Maridini) од Багдад и Каиро и Ибн ал-Вафид (Ibn al-Wafid) (1008-1074), кои беа отпечатени на латиница повеќе од педесет пати. Исто така, предводат и придонесите во ова поле од страна на Ал-Мувафак (Al-Muwaffaq). Живеејќи во 10-тиот век, тој ја напишал Основањето на вистинските својства на лековите, каде што меѓу другото го опишува арсенолит оксидот и не запознава со силициумската киселина. Тој направил јасна разлика меѓу натриум карбонат и калиум карбонат и го привлече вниманието на природните отровни соединенија на бакарот, особено кон бакар сулфатот, а исто така и кон оловните соединенија. Тој исто така ја опишува и дестилацијата на морската вода за пиење.
Али Ибн Нефис (1210- 1288) го напишал делото Експликација на коментарот на Ибн Синовиот Законик при што го унапредил знаењето на пулмоналната циркулација на крвта и тоа три столетија пред да го стори истото Португалецот Серветус на кој му се припишува тоа дело.
Во 13 столетие живеел медицинскиот историчар Ибн Ебу Усајб кој во своето дело Биографски податоци на лекари во кое собрал имиња на над 400 биографии на арапските и грчките лекари. Покрај горе спомнатите, многу други имиња ја краселе арапско-исламската историја. Тие дале голем допринос во еволуцијата на светската медицина и модерните сознанија.
Многу од денешните факти на полињата на медицината во последната деценија само ја потврдува Божествената природа на исламот. Божјата вера ни нуди здрав живот, забранува се што е штетно по животот на поединецот како алкохолот, наркотиците, проституцијата, а форсира еден здрав живот кој се состои од умерено јадење и пиење, чистотија на телото и негово одржување и едукација за истото.
И покрај големиот развој на технологијата, милијардите долари кои се вложуваат во здравјето, сè повеќе луѓе оболуваат и умираат од разни болести. Според податоците на светската статистика, 10% од луѓето умираат од старост, 20% од разни војни и во несреќи, додека 70% умираат од разни болести. Индикативно е дека во последно време се шират се поголем број на заболувања кои воопшто не биле познати порано и кои стануваат голем предизвик за брзо растечката светска популација.
Во оваа книга ќе се запознаете со начините на лечење во исламот, но водени според мотото подобро да се спречи отколку да се лечи. Отпрвин ќе се запознаеме со медицината на која не поучил Пратеникот Мухаммед ﷺ, на принципите на здрав живот, огромната важност на хигиената, начин на исхраната, спиењето и сл. Кратката енциклопедија на некои од лековите се со цел да бидете запознаени кои природни лекови и билки ги спомнал и препорачал Пратеникот ﷺ. Тука спаѓа и вредноста на некои постапки кои освен верски имаат и голем здравствен аспект и смирувачко дејствие врз се поголемата појава на депресија и психички заболувања кај луѓето со кои модерната медицина не може толку успешно да се справи. Муслиманите тие методи успешно ги користеле во последните 14 столетија и го помогнале развојот на медицината и фармацијата. Тие допринеле во изградбата на подобри човечките кодекси и норми на однесување како и заштита од заразни болести и општата хигиена и здравјето на човекот за разлика од тогашните европски градови кои биле потонати во глад, немаштија, заразни болести и незнаење. Денес модерната медицината и природните лекови не можат да се замислат без тоа битно и големо поглавје на историјата кое допрва ги открива своите богати можности и сознанија за предноста и лековитоста на препораките и нормите кои ги поставил Пратеникот на Исламот.
Commentaires