top of page
Writer's pictureinfoislam

Создавањето на Исус

Исусод Назарет[1] веројатно бил роден неколку години пред новата ера, пред самиот крај на владеењето на јудејскиот крал Ирод Велики (37- 4. година п.н.е.). Главни извори околу животот на Исус се четирите Евангелија од Новиот Завет по Матеј, Марко, Лука и Јован, како и многу денес наречени апокрифни евангелија меѓу кои најконтроверзно е евангелието на Марија Магдалена.

Денес, само неколку современи научници веруваат дека сите древни списоци за животот на Исус се точни. Библиските и новозаветните апокрифи нудат големи сличности со поедини настани од Куранот, кои секако неможеле да останат незабележени со што се потврда на куранските тврдења. Со тоа многумина христијани кои ги истражуваат овие верски текстови можат да ги подвлечат тие паралели. Приказната за неговото чудесно раѓање и рано детство, од сите текстови на Новиот Завет, може да се најде единствено кај Матеј и Лука.

„А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гавриил во галилејскиот град, по име Назарет, при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката и беше Марија. И кога влезе ангелот при неа, рече: <Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!” А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: <Каков е овој поздрав?” И й рече ангелот: <Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус.“ (Лука, 26-31)

Понатаму во приказната опишан е начинот на зачнување преку Светиот Дух. „А Марија му рече на ангелот: <Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?” Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.“(Лука, 1:34-35) Со овој чин Марија добила нешто „свето“ со директна Божја интервенција преку Светиот дух, еден од Тројцата. Тоа што можеме да го видиме од овој текст е дека, сепак, има простор за различни толкувања околу чинот на создавањето на Исус.

Меѓу изворите за животописот на Исус е и Куранот како и бројните преданија пренесени од Мухаммед, алејхи селам.

Во Куранот приказната за создавањето на Исус е опишана вака:

„И спомни ја Мерјем во Книгата: кога од домашните свои, на источна страна се повлече, и од нив се прегради, Ние кон неа мелекот Џибрил (Гавриил) го пративме и тој ѝ се покажа во лик на совршено создаден маж. ‘Барам заштита кај Семилосниот од тебе, ако од Него се плашиш!’ – повика таа. ‘А јас сум токму Пратеник од Господарот твој,’- рече тој – „да ти подарам момченце, чисто! ‘Како ќе имам син’ – рече таа – ‘кога ниту еден маж не ме ни допрел, а јас не сум блудница?’ ‘Тоа е така,’ – рече тој. Господарот твој рече: ‘Тоа Ми е лесно.’ – и за да го направиме знак за луѓето и милост од Нас. Неговиот случај е веќе однапред одреден. И таа го зачна и бремена се тргна некаде далеку.“ (Куран, Мерјем, 16-22)

Исламот го потврдува девственото раѓање на Исус, но не гледа на ова како акт на директно зачнување, туку како чин на чудесно создавање, предизвикано со наредба на Бог. Како и да е, во однос на Партеногенезата,[2] чудесното потекло на Исус се гледа како нешто слично на создавањето на Адам. Исто како што Исус бил без татко, па и Адам, формиран од земја бил без татко и мајка.

Случајот со Иса кај Аллах е навистина ист како случајот со Адем: од земја го создаде, а потоа му рече: Биди! – и тој би.“ (Куран; 3:59)

„Месих, Иса, синот Мерјемин, е само Аллахов Пратеник, создаден е со Зборот Негов кој на Мерјема ѝ го достави, и живот му даде;“ (Куран; Ен Ниса, 171) се зборовите со кои се докажува дека и Исус е создаден.[3]

Исус, на пример, го дефинираме со некои зборови како што се: новороденче, младо дете, момче, дека јаде и пие, издадени му се налози за наредба и забрана, тој е потомок на Ное, од лозата на Авраам. Куранските зборови: „Месих, Иса, синот Мерјемин, е само Аллахов Пратеник, создаден е со Зборот Негов кој на Мерјема ѝ го достави, и дух од Него“, го подразбираат оној збор кој бил доставен на Мерјем (Марија) кога кажал: „Биди!“ И Исус настанал со помош на тој збор „Биди“ (како и Адам) и самиот тој не е тоа „Биди“, туку со тој збор тој настанал. „Биди“ е Реч Божја и не е никакво суштество и не е создадена.[4]

Додека христијаните велат: „Исус е Дух Божји и Реч Негова, од Неговото Битие, како кога ќе се каже дека оваа крпа е од онаа завеса!“ Ние велиме: Исус е создаден со наредбата на Бог: „Биди!“, а тој самиот не е таа Реч. Реч е она што Аллах Возвишениот го изрекол, т.е. „Биди“. Со изразот и „дух од Него“ сака да се каже дека со Божјата мудрост во него се нашла и неговата душа (рух) онака како што Бог Возвишениот вели: „И ви дава да се користите со она што е на Небото и она што е на Земјата, сè е од Него!“ (Куран, Ел Џашија, 13)

 

[1] хебр.Јешуа ха-Нозри

[2]Потеклото на зборот доаѓа од грчки – parthenos што значи девица и genes што значи роден.

[3] Сите имами (исламски свештеници) биле на став дека Исус е создаден. Меѓу нив бил и имам Ахмед кој расправал со џехмиите и други еретици кои тврделе дека Куранот е создаден.

[4] Христијаните и некои исламски секти изнесуваат клеветаврз Аллах во поглед на Исус.

0 views0 comments

Comments


bottom of page