top of page

СУЛТАНОТ СУЛЕЈМАН И ЕВРЕИНОТ

Во Истанбул, кога Османлиската држава ја достигнала кулминацијата на својата слава и го живеела своето златно време, султанот Сулејман посакал да изгради џамија која ќе биде единствена по својата убавина во однос на другите џамии и која ќе се наоѓа на најубавото место во Истанбул. Постоеле многу места на кои султанот Сулејман можел да ја изгради својата џамија, но едно место посебно се истакнувало по својата убавина и било соодветно за таква градба. Меѓуоа, постоел еден проблем. Имено, во самиот центар на тоа место се наоѓала колиба на некој Евреин, која морала да биде отстранета пред изградбата на џамијата. Луѓето на султанот отишле и чукнале на вратата на скромната куќичка, на која набргу се појавил нејзиниот сопственик и запрашал: „Со кое добро?“ Тие одговориле: „Ние доаѓаме по барање на султанот и сме во потрага по место на кое, по наредба на султанот, би изградиле џамија.“ На тоа Евреинот им рекол: „Мене тоа не ме засега, а не сум ни градител.“ Луѓето на султанот се обиделе да му објаснат: „Но, ова место е избрано за изградба на џамија и оваа колиба треба да се отстрани за да се овозможи започнувањето на изградбата на џамијата.“ Евреинот загрижено прашал: „Дали вие имате намера да ја урнете мојата куќичка?“ „Не, туку сакаме да ја купиме од тебе и дојдени сме да прашаме колку чини“, одговориле тие. Одговорот на Евреинот бил краток и јасен: „Немам намера да ја продадам својата колиба.“ Луѓето на султанот биле упорни: „Но, ние ќе ти платиме повеќе отколку што вреди твојата колиба и за тој износ можеш да купиш подобра куќа.“ Евреинот останал на својот став, велејќи: „Не, не! Јас во никој случај не сакам да ја продадам својата колиба. Таа можеби е мала, но е во близина на моето работно место и од неа се пружа најубавиот поглед кон морето.“ „Ќе ти дадеме многупати поголем износ од нејзината вистинска вредност“, го убедувале луѓето на султанот. Но, сето тоа било залудно. Евреинот не сакал да ја продаде колибата по никоја цена и тие се вратиле кај султанот со недовршена работа. На султанот му рекле: „На местото кое го избравме за изградба на џамија се наоѓа куќичка која се обидовме да ја купиме од нејзиниот сопственик, но тој одби да ја продаде. Му понудивме многу поголем износ отколку што вреди неговата куќа, но тој и тоа го одби. Ако пресветлиот султан издаде наредба, ние со задоволство ќе го исфрлиме вообразениот Евреин и ќе ја урнеме неговата колиба.“ Султанот Сулејман, одмавнувајќи со главата во знак на несогласување со нивниот предлог, оговорил: „Не е наш обичај некому да правиме зулум и неправда. Нашата вера исламот ни забранува вршење насилство и неправда и ние мораме да пронајдеме соодветно решение за овој проблем.“ Така, поради барање на легитимно решение, проектот за изградба на џамијата бил запрен на одредено време. На крајот султанот Сулејман одлучил да се консултира со шејхул-ислам (одговорно лице за верските прашања на муслиманите) во врска со eврејската колиба, и шејхул-ислам му одговорил: „Ваше височество, исламскиот пропис за ова прашање е јасен. Султанот нема право да му изрекне било каква казна на Евреинот затоа што тој не сака да ја продаде својата колиба. Тоа е негов имот и сопственост и не може да се земе на сила или да се узурпира. Таа колиба им припаѓа на неговите деца, односно на неговите наследници и, кога тој ќе умре, можеби ниту неговите деца исто така нема да сакаат да ја продадат колибата. Не постои друг начин освен Евреинот доброволно да се согласи на продажба на колибата.“ По одговорот на шејхул-ислам, султанот Сулејман размислувал што да прави, и тогаш одлучил лично да оди кај Евреинот и да се обиде да го убеди да ја продаде колибата за соодветен износ. Султанот Сулејман со својата свита дошол пред колибата и му чукнал на вратата. Евреинот излегол од колибата и се изненадил кога го видел султанот Сулејман со огромната свита. Го обзел страв, бидејќи мислел дека султанот е дојден на сила да му ја земе куќата и да го казни поради одбивањето да ја продаде. Меѓутоа, султанот Сулејман му понудил толкав износ во злато што Евреинот едноставно не можел да ја одбие таквата понуда и ја продал својата трошна колиба. Така е решен проблемот со еврејската колиба и тогаш започнала изградбата на џамијата „Сулејманија“. И овој настан, покрај многу други, сведочи за праведноста и сомилоста на султанот Сулејман.

Подготвил: Абдусамед Насуф Бушатлиќ (Од книгата: Касаун бутулатил-исламијје) Извор: saff.ba

0 views0 comments

Comments


bottom of page