Пратеникот ﷺ често јадел урми со лубеница и при тоа би говорел:„Ова го загрева телото(урмата), а ова го разладува(лубеницата).“
Толкувачите објаснувајќи го овој хадис укажуваат дека со мешањето на студениот и топлиот ефект на двете растенија се постигнува рамномерноста во организмот и рамномерна рапсределба на енергијата.
Кога зборуваме за ова овошје битно е да се каже дека ниедно друго овошје не асоцира толку на лето како лубеницата. Кај нас на лубеницата вообичаено се гледа како на вкусна слатка напивка, но во реалноста е вистинска енергетска бомба и е одличен природен лек за повеќе болести! Лубениците се многу богати со калиум, елемент кој помага во регулирањето на крвниот притисок, работата на срцето и кој може да спречи инфаркт. Научниците сметаат дека исхрана која е богата со калиум ја спречува појавата на камен во бубрегот и губењето на цврстината на коските кај постарите луѓе. Богата со влакна и сосема без присуство на холестерол и масти, лубеницата е идеална храна за оние кои сакаат да ја намалат тежината.
Витаминот А, антиоксидант кој е важен за очите, е присутен во големо количество во лубеницата, како и витаминот Ц кој помага да се зајакне имунитетот, раните да зараснат побрзо и полесно, спречува оштетување на клетките и ги штити забите. Лубеницата е извор и на витаминот Б6, кој помага при мозочните функции и асистира при претворањето на протеините во енергија.
Досега се сметаше дека доматите се најбогати со ликопен, но најновите истражувања покажуваат дека тоа не е воопшто точно – досега во ниедно друго свежо овошје или зеленчук не е откриено толку високо ниво на ликопен како во лубеницата. За оние кои не знаат, ликопенот е супер-моќен антиоксидант кој помага во борбата со срцевите заболувања, ракот, а особено е ефикасен за спречување на ракот на простата и ракот на дебелото црево. Лубеницата содржи големи количества на аминокиселини, цитрулин и аргинин, кои ја помагаат циркулацијата и се пресудни за здравјето на срцето и крвните садови.
Кога јадеме лубеница не треба да се ограничиме само на црвениот дел – семките се многу богати со магнезиум и протеини, и се многу препорачливи за оние кои држат диета.
Comments